“Зошто е толку тешко, да се даде Отчет?”

Потценување, застрашување, закани, чистење, газење, негирање…тоа е вокабуларот и дејствувањето, кон сите што бараат отчет за не/сработеното. Толку ли е страшно да се даде отчет? Па нашата партија ВМРО ДПМНЕ ги направи првите чекори на давање ОТЧЕТ на водството кон членството и граѓаните на Македонија. Толку страв и борба нерамна, само за да не се излезе пред тие што го устоличиле, не може да е нешто друго, освен обид за прикривање. Што се прикрива? Можеби двојниот морал на кој се сведоци мноогу луѓе, вклучително и тие што “климаат со глава”, а од друга страна пишуваат пораки во кои го чекаат спасот од  неинвентивниот обид да се остане на позицијата.

Никој подобро не умее да прави фракции и да иницира негативни реакции од тој што не сака дијалог и отчетност. Што уште се прикрива, јас не знам, тие си знаат, но ќе се дознае наскоро. Тоа што не се крие е гневот и агресивното, насилно однесување со кое се попречуваат делегатите да си ја завршат работата. Софистицирани методи на закани кои доаѓаат дури и од уреднички тимови на медиуми кои го крепат водачот, не за пари, туку за мноооогу пари, допираат до работ на психичката егзекуција на луѓето. Стрели се фрлаат во срцата на сите што ќе прашаат за иницијативата. Господе помилуј!

Аман бре луѓе, отворете очи па запрапајте се, кој му ги собра потписите за избор на претседател, од каде се собираа тие потписи меѓу кои мојот не беше?  Ами како сега натаму? Крамер против Крамера?

Дошло времето да видиме сите се’. Доста е лажење! Аман луѓе, не глумете, сите сакаат отчет за загубите, народот сака отчет! Е да сме виделе уште еднаш…уште една загуба…уште еден бојкот…уште многу страдање за Македонија.

Оти не сме кажале ништо за власта?  Оти дворот наш не е чист. Оти се намножија падови, јадови и лаги. Та сега навистина не се знае кој во кое лонче со матеница дува. Господ сите да не дочува. А за проверка на потекло на имот, кој има и колку има, од сите политичари и стари и нови, ептен поддржувам. Од мене нека се почне! Ама сакам да видам како се стекнаа со куќи и со џипови за 2- 3 години, луѓе што сега жестоко го бранат тронот на патронот. Да видиме се’! И да завртиме нов лист, со нови и чесни луѓе!

Да живее ВМРО ДПМНЕ!

Да ни е вечна Македонија!

 

Д-р Весна Дамчевска Илиевска