Зоран Заев – марионета на Али Ахмети

И што стана со БЕСА?

Исходот на преговорите меѓу Зоран Заев и неговата социјалистичка партија СДС и Али Ахмети и неговата партија ДУИ, составена од терористи од поранешната Национална ослободителна армија, е веќе познат. Според медиумите, Заев ќе биде премиер во најголем дел од можниот четиригодишен мандат (Заев и Ахмети се крајно наивни ако мислат дека нивната Влада ќе издржи четири години); Ахмети ќе добие „албански премиер“ во последните 100 дена од мандатот (колку и да трае тој мандат), а двете партии се согласија да го поништат „договорот од Пржино“ (останува прашањето дали можат да го направат тоа сами и без согласност на другите партии). Ахмети ќе добие разни други отстапки – поранешниот командант на УЧК Талат Џафери (кој дезертираше од македонската армија во 2001 година за да се приклучи на оваа таканаречена „Национална ослободителна армија“ – што во повеќето држави се смета за предавство) ќе остане како таканаречен спикер на Собранието; личниот секретар на Ахмети Артан Груби се пофали дека министерството за надворешни работи ќе го добие ДУИ, за што рече дека претставувало историски успех со кој министрите за надворешни работи на Албанија и Косово ќе ги координираат своите политики со македонскиот министер, а има гласини дека ДУИ може да го добие дури и Министерството за внатрешни работи, Централната банка и управата за јавни приходи, во замена за тоа што отстапија од инсистирањето на „албански премиер“ во целиот мандат на владата.

Како и да се гледа на овој договор, се работи за сериозни отстапки на Зоран Заев кон Али Ахмети.

А бидејќи Заев е толку подготвен да му даде на Ахмети се што овој ќе посака, една работа станува јасна: Зоран Заев е марионета на Али Ахмети. Ова е мој обид пристојно да го претставам нивниот однос (сепак се работи за колумна наменета за читање во рамките на поширокото семејство, па не можам да употребам изрази кои на вас, драги читатели, секако ви се јасни).

Книгата „Македонска Измама“ од 2016 година е брилијантно и многу проникливо фиктивно прикажување на Македонија, со нејзините политички интриги, меѓународно мешање, шаренолики ликови и многу друго. Напишана за време на таканаречената „шарена револуција“, таа е реална слика на вистинските настани и луѓе во Македонија – се разбира затскриени за д лажни имиња на лицата, партиите, невладините организации.

Во книгата, за која повторувам дека е фиктивно дело, е прикажан лик под прекарот Паша (очигледно Али Ахмети), човек кој чури цигара по цигара и ги нарекува Македонците „кучиња“, „Бугари“ и „Словени“. Во еден момент, во разговор со македонски политичар (кој очигледно доаѓа од левицата) Пашата вели дека „Без Албанците вие глупите Словени нема да направите ништо! Смејте се затоа што јас живеам во село, но јас знам точно што е добро за моите интереси и имам многу повеќе влијание од вас! Не ме навредувај! Досега имавме милост кон вас глупите Словени бидејќи ни служевте во Отоманско време… Вие секогаш сте биле слуги на муслиманите“. Овој лик додава две вистинити забелешки – дека другите албански партии освен неговата се небитни и дека Американците секогаш ќе му помогнат да добие се што сака.

Ова ме води до БЕСА, етничката албанска малцинска партија која склучи предизборен коалициски договор со Заев и водеше кампања заедно со него во замена за… што? Каде се тие во овој „нов“ договор? Што добија тие од сето ова? Другите две етнички албански партии во Македонија, Алијанса и Алтернатива, веднаш изразија незадоволство од договорот меѓу Ахмети и Заев, нарекувајќи ги измамници кои не заслужуваат никаква почит.

А тука се и западните елити, претставени од актуелната американска амбасадорка во Македонија Кејт Брнс. На 13 август, откако претседателот Пендаровски му го даде мандатот на Зоран Заев да ја направи новата влада иако Заев очигледно во тој момент немаше мнозинство за тоа, Брнс со радост твитна честитки, за што набргу беше затрупана со негативни коментари.

За западните елити – особено тие кои се на позиции на власт во Стејт Департментот или во огромната бирократска машинерија на ЕУ или пак во НАТО – чија цел е Македонија да се пикне во НАТО и во ЕУ по било која цена што секако ќе треба да ја платат Македонците, тоа ќе ги реши сите проблеми на Балканот (тука тие не разбираат дека не постојат решенија туку само замена на проблеми, како што вели економистот Томас Соуел). Според нив, таканаречените „решенија“ (менувањето на македонското име, идентитет, отстапките во историајта ан Македонија) значат дека овие елити ја завршиле својата работа до пола, и затоа им е потребно Заев и Ахмети да останат на власт додека работата не е завршена до крај – по секоја цена. Мажите и жените одговорни за надгледување на Македонија во овие институции се менуваат, доаѓаат во Македонија и си одат, како што доаѓаат и си одат од Стејт Департментот, ЕУ и НАТО. Во нивните умови, единствената причина да се грижат за Македонија е дали тоа ќе доведе до нивното следно унапредување во службата.

Тука тие грешат, како што грешат и луѓето во актуелната македонска влада, во медиумите, граѓанските организации кои ги поддржуваат, бидејќи порано или подоцна на Македонците ќе им се смачи од овие понижувања и нема веќе да можат да гледаат како нивната земја, култура, идентитет, историја и традиција се раздаваат на други. И порано или подоцна – ќе се спротистават.

пишува

Џејсон Мико