Време за негување

Имавме редок летен утрински монсун тука во јужна Аризона, па затоа денес немам услови за трчање. Далечниот татнеж на грмотевиците ме поттикна да си направам силно кафе и да пуштам диск со музика од естонскиот композитор Арво Парт, кој е најслушаниот жив композитор на денешницата. Неговото дело „За Алина“ ја содржи прекрасната „Spiegel im Spiegel“, едноставна комбинација на чело и пијано чии деликатни, но лепливи ноти ме поттикнаа на размислување.

Го пишувам ова за да ви го доловам моето расположение. Минатата недела, по изборите во Македонија, бев прилично депресивен. Во мојата минататонедела колумна, откако ги наведов моите првични погледи на изборите, реков дека ова е само една фаза, не е ниту крај ниту почеток на било што, Македонија претрпела многу пострашни работи, а Македонците надминале далеку посериозни пречки пред себе. На крајот на краиштата, се зависи од вас, Македонците, и од тоа што го сакате за себе, за своите деца, внуци и за генерациите Македонци кои допрва ќе се родат.

Денес нема да навлегувам во бескрајните комбинаторики за можни коалиции, или за веројатните притисоци од западните транс-национални елити за да се направи широка коалиција меѓу двете најголеми партии, или пак за интересните споредни случувања во регионот (тука намерно сум непрецизен, и засега нема да навлегувам во тоа).

Сакам да ви зборувам за потребата да се негуваме, особено да ги негуваме нашите институции.

Институциите најдобро може да се дефинираат како се што е помеѓу поединците и државата, и е витално за правилното функционирање на демократијата. Без нив, не можете да имате слобода, ниту пак да ги имате благословите кои слободата ги носи.

Најосновната институција е семејството. Семејството е местото каде што денешните варвари – нашите деца – учат како да се однесуваат цивилизирано. Во семејството се учат основните правила на доброто однесување, се учи верата, сите членови на семејството учат што значи да се биде одговорен, да се споделуваат нештата, да се работи напорно и многу други нешта. Тоа е местото каде што учиме да сакаме, да се смееме и да играме.

Институциите се движат од најмалите, како што е семејството, до најголемите – институции на верата, на граѓанското општество, на уметноста и културата. Секако дека има разлика меѓу приватни и јавни институции, но и едните и другите имаат важна улога во општеството.

Оттаму, не е изненадување дека многу од нашите најважни институции денес се нападнати. Институцијата на семејството, која е основната клетка на нашето општество веќе со децении е нападната од сили кои веруваат дека може да се изгради успешно општество без семејството. Историјата е полна со примери на држави кои пропаднале бидејќи упорно го разградувале семејството. Други институции, особено верските институции, кои се изградени врз традицијата, историјата и културата, исто така се под напад. Добро знаете на кои институции мислам и кој ги напаѓа.

Причината зошто овие институции постојат и зошто ни се потребни и мора постојано да бидат негувани, е тоа што ни го пружаат во време на криза. Тие ни даваат безбедност, сигурност, чувство на припадност, па дури и недоловливи нешта како што се наддежта и куражот.

Во случајот на Македонија, тие што ги напаѓаат општествените институции, кои сакаат да ги „реформираат“ или дури и да ги уништат, веруваат дека одредени институции и традиции во Македонија – и се што тие означуваат – ја кочат Македонија да не може целосно да ја реализира сончевата, славна иднина која не очекува во други институции базирани далеку од Македонија. Верувам дека ви е јасно на кои институции мислам.

„Оградата на Честертон“ се однесува на приказната на англискиот поет и писател Џ. К. Честертон (1874-1936). Накусо, двајца пријатели се движат низ шума и наидуваат на стар камен ѕид, нагризан од времето, прекриен со мов, и не знаат која била целта зошто е изграден. Еден од пријателите, реформист, предлага да го урнат ѕидот бидејќи очигледно нема никаква потреба од него. Но другиот, помудриот пријател, вели не, првин мораме да откриеме зошто бил изграден и што му била намената, па дури потоа можеме да размислиме дали да го урнеме.

Да го зачуваме минатото и сегашноста за иднината, да ги зачуваме институциите кои не негуваат и не хранат, првин како поединци и како семејства, потоа како маала, села и градови, како нации и држави – сите овие институции мора да се негуваат и постојанто да се одржуваат. Сега е добар момент да го запомниме ова.

Дали сте посветени на Макеоднија? Дали сте посветени на македонскиот идеал? Дали сте посветени на славењето на се што минатите генерации Македонци го сториле за да имаме независна Македонија, при што мнозина ги дале и своите животи? Дали сте посветени на тоа да се погрижиме Македонија да остане Македонија, стабилна, безбедна, просперитетна, дом за се уште неродените Македонци? Дали сте посветени да ги негувате, а во некои случаи и обновите, институциите кои ја направија Македонија тоа што е?

Пишува:

Џејсон Мико