ВО ТЕТОВСКОТО СЕЛО ТЕНОВО ПУШТЕНА ВО РАБОТА ВТОРАТА ЕЛЕКТРИЧНА ЦЕНТРАЛА ОД ТРИДЕЛНИОТ ФОТОВОЛТАИЧЕН ПАРК

Зелената“ енергија со забрзано темпо доаѓа во Полошкиот Регион. Денеска во село Теново беше пуштена во употреба втората централа од таканаречениот фотоволтаичен парк, која има моќност од 1.200 киловат часови и е изградена од компанијата „Енерго Р груп“ по пат на јавно-приватно партнерство со државата. Триделниот парк ќе има вкупна инсталирана моќност од 2.220 киловат часови и со годишно производство од 3,1 гигават часови ќе ја задоволува потрошувачката на околу 450 домаќинства.

„На Денот на планетата Земја прекрасна прилика е да се пушти во употреба еден ваков проект од областа на обновливи извори на енергија. Ове е еден од проектите од програмата на Владата за 2019 година за изградба на фотонапонски централи од вкупно 60 мегавати на државно и приватно земјиште. Овој проект, кој е изграден на приватно земјиште и ѝ штеди на државата многу средства, носи профит и приход за самиот инвеститор, а воедно го подигнува имиџот на Општина Брвеница и на Северна Македонија“, изјави премиерот Зоран Заев, кој на отворањето на централата беше во придружба на министерот за економија Кресник Бектеши, министерот за животна средина Насер Нуредини, инвеститорот на централата и градоначалникот на Општина Брвеница, во чиј состав е Теново.

Зборувајќи за плановите на Владата за зголемување на обновливите извори на енергија, Заев најави дека во подготовка е доделување на нови 60 мегавати фотонапонски централи по пат на јавно-приватно партнерство, нагласувајќи дека сме лидери во регионот во растот на обновливи извори на енергија. Тој го најави и проектот на 100-мегаватна фотонапонска централа кај стариот рудник Осломеј, чија постапка била завршена.