Во чест на својата земја

Минатата недела разговарав со двјаца мои блиски пријатели. Еден е од северот на Европа, од Естонија, а другиот од југот на континентот – од Македонија. Нема да навлегувам премногу во двата разговори, но поентата беше „Си ги сакаме своите земји и мислиме дека можат многу да ни понудат на нас и на нашите семејства. Исто така ги сакаме Соединетите Американски Држави, сакаме да ја посетиме Америка, но за разлика од некои од наши сограѓани, ние сакаме да останаме во сопствените земји, сакаме да работиме да ги подобриме, да уживаме во се што тие нудат и тука да ги израснеме нашите семејства“. Двајцата беа согласни дека, и покрај сите пропусти и слабости на нивните држави, дека сепак живеат во добри земји.

Како човек кој верува дека се се случува со причина, мојата внатрешна рефлексивност ја насочив кон вториот разговор. Разговорот заслужуваше посериозно посветување. Затоа, дозволете ми првин накусо да се навратам на САД, а потоа да се вратам во Европа.
Ако барем бегло ги следите вестите, ќе забележите дека Соединетите Држави се зафатени од бран на насилство каков што немало од 1950-ите години (да, вакви состојби се случувале и порано, не само за време на нашата Граѓанска војна). Но, нешто ми вели дека овојпат злокобните знаци се многу поразлични од порано.

Затоа, првин неколку забелешки за актуелните револуции во Америка, пред да се вратам на разговорите со моите европски пријатели.

Насилството во САД ќе продолжи независно од тоа кој ќе победи на изборите во ноември. Да, дел од насилството доаѓа од налудничавите кругови на политичката десница, но најголем дел од нападите доаѓаат од левицата – од Антифа, од БЛМ (црните животи се важни) движењето кое е марксистичка организација и други слични на нив. Во нивното брзање да изгорат се пред себе, овие револуционери нема да запрат независно кој е на власт. Насилството ќе се влошува и многумина – особено посиромашните Американци и тие од малцинските заедници – ќе страдаат бидејќи најголем дел од нападите се случуваат во местата каде што тие живеат.

Тоа се случува бидејќи револуциите водат до војни. Сетете се на Француската Револуција во 1789 година или на Руската Револуција од 1917 година, или Кинеската Револуција во 1949 година. „А-ха“, некој може да рече надмено, „а што со Американската револуција од 1776?“.

Тоа е валидна забелешка и прашање за кое подолго време сум размислувал. Но, Американската Револуција не е „револуција“ колку што е „возобновување“. Да не навлегуваме премногу во историјата, но Американците биле слободни Англичани, а слободните Англичани си ги ценеле своите обичаи, навики и култура, кои ги донеле од Англија и ги прилагодиле кон американските состојби. Ние се боревме за да останеме слободни. Како што напишал Винстон Черчил, трите најголеми англиски придонеси кон слободата се Големата Повелба на Слободата (Магна Карта од 1215 година), Англиската Повелба на Правата (1689 година) и Американската Декларација на Независноста (1776 година). И кога се боревме, ние не се обидувавме да запалиме се до темелите. Напротив, продолживме да градиме врз темелите кои ги имавме.

Македонците знаат по нешто за „револуции“, особено за тие модерните. Цел на таканаречената „шарена револуција“ беше и останува да се урнат темелите на Македонија. Шарените секако ги растурија македонските темели – земјата веќе не се ни вика Република Македонија. И не само што си ја преименуваа земјата, туку и дадоа и нов идентитет, македонската Влада си даде за право да врши криминал, корупција, непотизам, да воведе општо беззаконие и да го наруши владеењето на правото.

Зоран Заев и раководството на неговата партија беа целосно решени уште пред изборите во 2016 година по секоја цена да го сменат името и идентитетот на Македонија, ако успеат да се дограбат до власт. Никола Груевски, со сите негови маани, сакаше да ја види Македонија како членка на НАТО и ЕУ, но со достоинство, со почитување на македонските интереси, и со зачувано име и идентитет. Дали Македонија ќе успееше да ја постигне таа цел со текот на времето, можеби по навистина долг период, ако останеше на тој пат? Никогаш нема да дознаеме. На револуционерите секогаш им се брза да урнат, да запалат, да уништат и потоа да одат понатаму. И затоа, за да го урнат Груевски и да влезат во ветената земја на НАТО и ЕУ (се уште чекаме на тоа второто) тие уриваа, палеа и уништуваа.

Што ме враќа до моите првични забелешки. И покрај сите зла, понижувања и навреди кои и беа нанесени на Македонија во изминатите три години, мојот пријател од Македонија – и многумина како него – се уште сакаат да останат дома, и наместо да ја уриваат, палат и уништуваат, тие сакаат да ја обноват, градат, реформираат по потреба и да ја сакаат Македонија, бидејќи се работи за добра земја. Истото важи и за мојот естонски пријател.

Таканаречените „шарени револуционери“ во Македонија се уште не ја оствариле својата цел. Убеден сум дека многу повеќе луѓе ја сакаат Македонија и сакаат да ја видат да успее, како Македонија, и отколку што се луѓето кои не се грижат за неа, за нејзиното минато и нејзината иднина.

Како што вели апостолот Павле во Новиот Завет, во посланието до Римјаните: „држете се до тоа што е добро“.

А Македонија е добра.

пишува:

Џејсон Мико