Вештачка интелигенција ја реши мистеријата на древните библиски списи

Експертите тврдат дека вештачката интелигенција (АИ) најпрво открила дека дел од мистериозните древни свитоци од Мртвото Море биле напишани од двајца, а не еден писар и дека тие си го имитирале меѓусебно ракописот.

АИ го анализирала најдолгиот текст, познат како Големиот свиток на Исаија. Открила дека веројатно две непознати лица го препишувале текстот со скоро идентичен ракопис.

Свитоците од Мртвото Море, вклучително и најстарата позната верзија на Библијата, ја воодушевија јавноста со откритието пред околу 70 години. Првите свитоци ги пронашол бедуин во пештера близу Кумран, на северозападниот брег на Мртвото Море.

Кумранското писмо содржи ракописи, главно напишани на хебрејски, како и на арамејски и грчки јазик, а се верува дека датираат од третиот век п.н.е., пишува Би-Би-Си.

Свитокот на Исаија е еден од околу 950 различните текстови откриени во 40-тите и 1950-тите. Единствен е меѓу свитоците по тоа што неговите 54 колони се поделени на половини, напишани во скоро униформен стил.

Експертите од Универзитетот во Гронинген во Холандија го испитале свитокот на Исаија со употреба на вештачка интелигенција и програма за препознавање на обрасци. Тие успеале да извлечат древни траги од мастило на дигитални слики.

“Трагите од мастило ги покажуваат мускулните движења на една личност и се специфични за таа личност. Веројатно двајцата писатели соработувале еден со друг во обидот да го задржат истиот стил на пишување”, велат авторите на студијата, додавајќи дека писарите имале сличен ракопис и веројатно ја добиле истата обука во училиште или во семејството.

Тие рекоа дека се имитираат еден со друг со точна прецизност што до сега модерната наука не можеше да ја разликува.

Студијата наречена Artificial intelligence based writer identification generates new evidence for the unknown scribes of the Dead Sea Scrolls exemplified by the Great Isaiah Scroll (1QIsaa) е објавена во списанието Plos One.