Тоа што сме како народ го сознаваме во нацијата

Нешто што се превидува во нашиот однос кон прашањето за идентитетот на народот е дека, иако народот и следствено јазикот, се создаваат во долг процес, за нивната самосвојност можеме да говориме откога се создала свеста. А свеста за настанува со почетоците на политичка заедница на народот, значи, со создавањето на нацијата. Народот, јазикот и народното творештво, се разбира, постојат, но одговорот за тоа во што се состои посебноста на народот, осебујноста на јазикот и самобитноста на творештвото, како свест за идентитетот, се создава во националната фаза . Кое е историското време на науката и уметноста.

Ваквиот процес е карактеристичен за сите народи во историјата. Иако некои народи својот процес на осознавање  го отпочнале порано поради понапреднатите  општетсвени и политички околности, поврзани со капитал односите и со создавањето на граѓанска класа што сопствената заштита ја постигнуваат преку државата. Процеси карактеристични за создавањето на нацијата. Крсте Мисирков во книгата „За македонските работи“, анализирајќи го процесот на создавањето и развојот на македонскиот народ, во антрополошка смисла, покажува, споредбено,  дека, иако македонскиот народ има ран почеток на создавање, кај другите словенски народи, кај кои развојот напреднал, како кај чешкиот и словачкиот народ, се јавува многу порано книжевноста  и осознавањето за јазикот. Слично соответствува кај Србите, Словенците, Хрватите и Бугарите.

За македонскиот јазик доказ е писмената документација од раните почетоци на создавањето на народот до 19 век. Почнувајќи од првата азбука, глаголицата, па натаму преку манифестации во писменоста и различните облици на уметноста: архитектурата, фрескописот, народното творештво.

Почетокот на македонскиот јазик некои го објаснуваат само како посебна редакција на старословенскиот јазик за потоа јазвојот да се препознае со внесување на народните говори во црквенословенскиот јазик. Како реален процес во создавањето на македонскиот јазик, ваквите продори се претпоставени во современиот македонски јазик. Нешто што произлегува од самиот развој на македонскиот народ со оглед на општествени процеси, идентифицирано во македонскиот јазик.

Македонската наука за јазикот ја потврдува македонската самобитност  покажувајќи дека посебната структура на македонскиот јазик која постои од самите почетоци на создавањето на македонскиот народ. Иако усовршувањето на нормата на македонскиот јазик трае.

Притоа, граматички, значи научно, само се санкционира објективната јазична ситуација и култура на Македонците. Тоа е патот по кој народниот јазик прераснува во литературен. Според Хегел, имено, во „Филозофијата на историјата“,  јазиците што народите ги говореле во своите неразвиени состојби, во еден историски процес, со исцрпно мислечко развивање, со разумот, се искачуваат на теориско ниво. Затоа Хегел ќе каже дека и граматиката е резултат на стекнувањето на категориите во мислењето што ја претставува и вистинската духовност.

Асномската одлука при создавањето на македонската држава и за „заведувањето“, како што е речено, на македонскиот јазик за службен, затоа само ги изразува стремежите и потребите на претходниците  од многувековениот опстој на македонскиот народ и на македонскиот јазик. И иако македонскиот народ ја имал таа судбина прв да даде литературен јазик за сите Словени, а последен да го добие тоа право да се служи со него, како што вели познатиот филолог Де Бреј .

Се разбира, науките ги разгледуваат одделните аспекти на постоењето на народот.

Јасно е уште дека постоењето на облиците на свест какви што се науката и уметноста носат и печат на идеологизација. Го претпоставуваат аголот на приоѓањето кон идентитетот на народот. Следствено на што сме сведоци на современите застранувања на бугарската лингвистика и историографија со тврдењето дека македонскиот народ не постоел или дека постои, не пред, туку по 1944 година . Или евентуално од 20-тите години од минатиот век.

Притоа филозофскиот приод кон народот е восприемањето на народот во целост наспротив парцијалниот приод на науките или уметноста.

Во таа смисла затоа филозофското приоѓање кон народот останува суштествено за препознатливоста на народот и неговото творештво.

И токму филозофскиот методолошки пристап: теза-антитеза = синтеза не упатува дека народот, и покрај објективниот облик на постоење, свеста за себеси ја постигнува во ерата на науките и уметностите. За потоа да остварува самосвојно творештво. Да твори, свесен за сопствената суштина и со оглед на сопствената суштина.

 

Јованка Кепеска