Суровото будење на Заев – нема вечни пријателства

По неколкунеделно патување, дозволете ми да споделам неколку размисли со вас:

  • Посрамотувањето на Зоран Заев, кој наседна на двајцата руски шегаџии и интензитетот со кој неговата Влада ги прогонува членовите на опозицијата, па дури апси и американски граѓани, ми кажуваат дека деновите на неговата Влада се одбројани. Македонците, вклучително и членовите на таканаречената Шарена револуција, кои му помогнаа да дојде на власт, се се погласни во својот гнев по честите гафови на Заев, сеприсатната корупција и непотизмот на неговата Влада, немањето реформи, губењето на датата за преговори со ЕУ и отсуството на напредок во економијата. Меѓународната, особено западните политичари и неизбрани бирократи кои му помогнаа да дојде на власт, го гледаат сето ова и исто така заклучуваат дека Заев веќе станува проблем. Американскиот Стејт Департмент, водачите на НАТО и тамошните бирократи ја постигнаа својата цел – Македонија е (безмалку) членка на НАТО; на нив не им е грижа дали Македонија ќе влезе и во Европската Унија, и знаат дека тоа секако нема да се случи во нивниот мандат. За нив, соработката со Заев е завршена. Претставниците на ЕУ, пак, се исто така посрамени од неговото недоветно однесување и неспособноста да спроведе сериозни реформи (како и од неговата постојана корупција и непотизам) и се се повеќе убедени дека најдобар потег ќе им биде да му ускратат поддршка. Али Ахмети и ДУИ исто така се се повеќе убедени дека ги држат сите лостови на власта во Македонија, и дека не мора веќе да го слушаат Заев, односно и тие можат да го откачат.
  • На Заев му следува сурово будење, при што конечно ќе разбере што мислел Лорд Палмерстон кога рекол (парафразирано) дека „во меѓународните односи не постојат вечни пријателства или вечни непријатели, туку само вечни интереси“. Заев ја одигра својата улога – сега може да биде тргнат. Признавам, Заев е можеби премногу неук за да го сфати ова, а можеби е и блажено несвесен, и мисли (како во случајот со Вован и Лексус) дека има вистински пријатели во меѓународната заедница кои навистина го сакаат (штом Балкан Инсајт, кој служи како гласноговорник на Заев, почна да пишува за неговата глупост, знаеме дека крајот е блиску). Но, со текот на времето на Заев ќе му текне; веројатно кога веќе нема да биде на власт. Неговото злодело е што, мислејќи дека навистина има пријатели во меѓународната заедница, тој ги распродаде македонските национални интереси, името, идентитетот, наследството, културата, историјата и многу многу друго. Ќе биде потребно време да се надомести штетата која што ја предизвика.
  • Во соседството, во Бугарија, нивните политичари знаат дека ги држат Заев и неговите владини функционери, особено министерот Никола Димитров, за „џамлиите“ и знаат дека овие ќе сторат се што од нив ќе се побара со минимален отпор. Тоа подразбира негирање дека Гоце Делчев е Македонец или менување на учебниците. Од бугарска гледна точка, добро е да го имаат Заев уште некое време. Од друга страна, Бугарија има растечки спор со Србија околу Косово, а Македонија секако ќе биде дел од тоа. Овие односи ќе стануваат се покомплицирани.
  • Лудилото продолжува во Албанија, во нејзината внатрешна политика, како и во односите меѓу Албанија, Србија и Косово, а секако и меѓу Албанија и Грција, при што Грција се заканува дека ќе ги попречи албанските преговори со ЕУ, која пак може но и не мора да биде поврзана со Македонија. Повеќе за ова следната недела.
  • Стабилноста на Македонија е клучна за стабилноста на регионот. А зајакнувањето на македонскиот идентитет како Македонија и Македонци е клучно за стабилноста на Македонија. Низ историјата сите македонски соседи во помала или поголема мерка имале аспирации кон Македонија, и сме виделе нивни обиди да ја распарчат земјата. Дури и по независноста, овие обиди продолжија (видете ја изјавата на Али Ахмети за Њузвик од 22 март 2001 година: „нашата цел е само да ги отстраниме словенските сили од територија која историски е албанска“ – текст „Проблематичен сон“ на авторот Дејвид Бајндер). Со ова се потврдува фактот дека слабите држави не можат да преживеат и порано или подоцна ќе бидат поделени, проголтани или и едното и другото од некој друг. За Македонија да биде силна држава, потребно е идентитетот на државата, на народот, на Македонците, да биде силен. Тие Македонци и претставници на меѓународната кои инсистираат Македонија да си го смени името, идентитетот, историјата, наследството, традицијата, културата и јазикот, се или будали или пак знаат што прават, во кој случај се виновни за убиство. Во секој случај, не можеме да имаме доверба во нив и да ги оставиме да бидат блиску до власта и до носењето на одлуките.
  • Ова ме води до мојата последна поента: за да се зацврсти идентитетот на Македонија и на Македонците, мора да биде поништен таканаречениот Преспански договор. Јас сум убеден дека тоа може да се случи во постепени чекори. Со други зборови, низ текот на времето, тој може да биде раскинат дел по дел. Македонија наскоро ќе биде во НАТО, а ЕУ ќе мора суштински да ги смени своите правила за прием на нови членки, и да го напушти принципот на едногласност и да прифати квалификувано мнозинство, што значи дека во иднина една држава членка (на пример Грција, или Бугарија, или двете заедно) нема да можат да блокираат друга потенцијална членка (Србија, Албанија, Македонија, или било која друга). Ова значи дека, што СДСМ и ДУИ ги нема, новата Влада ќе има одврзани раце да го врати името Република Македонија (ова можеби ќе подразбира користење на „балканските тактики“ за кои ни зборуваше Јоханес Хан – штом ЕУ еднаш покажа дека нема проблем со користење на вакви тактики, подобро и е да се привикне дека тие ќе се користат одново). Македонија ќе може да почне да лобира да биде примена во ЕУ со обично, квалификувано мнозинство.

Доколку ЕУ се уште постои до тогаш.