Што ќе слави Македонија на 11 Октомври?

По потпишување на Договорот за добрососедство со соседна Бугарија, само на ден спроти Илинден летово, сериозно се поставува прашањето што Македонија ќе слави на 11 октомври? Дали, како досега, седум децении наназад, Ден на почетокот на востанието на македонскиот народ против фашистичката окупација во 1941 година или, пак, почеток на некоја нова, брусалка историја, за непостоечка братоубиствена или граѓанска војна? Премиерот Зоран Заев се уште не дал одговор пред македонската јавност или, пак, за тоа чека сугестија и ново читање на историјата од неговиот колега Бојко Борисов, нормално според бугарски терк.

Поминаа повеќе од два месеци од потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија или над 70 дена од срамниот потпис, што Зоран Заев го стави на парчето хартија кое донесе понижување за македонските граѓани и националните интереси. Над 70 дена и над 70 прашања во воздухот за штетноста на Договорот и последиците кои ќе ги предизвика.

Јавноста се уште нема одговор од Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, на пример, зошто за само неколку дена и без никакви приговори ги прифатија сите бугарски барања за кои претходната влада со години внимателно и дипломатски преговараше?
Зошто се согласија за постоење заедничка историја со Бугарија, за бугаризацијата на Илинденското востание, за формирање заедничка експертска комисија за историски и образовни прашања, која ќе има задача да брише и реформулира делови од македонската историја кои не се по вкус на Софија?
Зошто им забија нож во грб на Македонците во Бугарија, откажувајќи се од борбата за нивниот статус , малцински и човекови права?
Зошто ја испоганија светоста и значењето на Илинден, потпишувајќи го документот со Борисов на ден спроти големиот празник?
Дали и овој Договор е дел од концесиите на Заев, чии фактури ќе ги плаќаат генерации и генерации…
Да не заборавиме, дека за Денот на востанието на македонскиот народ во собранието се врачува и државната награда „11 Октомври“. Не само што годинава таа со потпишаниот договор за добрососедски односи го загуби својот сјај и значење, прашање е дали од неа, во иднина ќе имаа воопшто потреба.
Иако допрва ќе гледаме на кој начин и како ќе се ретушираат македонските историски учебници, една работа веќе е кристално јасна – СДСМ и нејзиниот лидер уште сега си го заслужија своето место на најцрните и најсрамните страници од македонската историја.