„Спиралата“ се повеќе се замотува, зголемување на ДДВ и повисоки цени

„Спиралата“ на Генереалниот Секретар на Владата на РМ се повеќе се замотува. Најавата за зголемување на даноците и воведување на нови давачки создаде паника не само меѓу компаниите, туку и кај граѓаните.

Откако вчера јавноста дозна дека дел од бизнис заедницата излегла со предлог пред владата за раст на ДДВ за 2 до 3 проценти се појави страв од масовни поскапувања на продуктите, како и плаќање на повисоки сметки за комуналии. Зголемувањето на ДДВ ќе донесе спирала на поскапување на сите производи, цехот ќе го платат граѓаните.

-Би поскапеле сите продукти. Штом се качува данокот, нормално е да се качат и цените, вели еден од анкетираните граѓани.

Даночните аналитичари сметаат дека за да се направат општините посамостојни, како што најави премиерот,  неопходно е да се интервенира најмногу во данокот на имот, а потоа и во данокот на промет со недвижности и покрај тоа што ваквиот потег може да ги одврати потенцијалните купувачи и да стагнира трговијата со недвижности во одредени или пак во сите општини.

Различните промени на даноците можат да удрат врз различни сегменти од населението и стопанството. На пример зголемувањето на данокот на добивка од 10 на 12 или 15% може да резултира со сметководствено прикажување на повисоки трошоци, за остварување на помала добивка на крајот на годината за да се избегне плаќање на данокот. Исто така, се стимулира работата на црно, односно фирмите ќе бараат начини за да се прикажат пониски вкупни приходи.

Дополнително, овој потег може да ги одврати и потенцијалните странски инвеститори од вложување во земјава, како и преселба на веќе присутниот странски капитал во други држави. Затоа, според даночните експерти, не е доволно само да се интервенира во стапките, туку и во механизмите за спречување на неплаќањето на даноци.

Едно е сигурно. Владата останува на идејата за воведување на прогресивна стапка на персоналниот данок. За некои аналитичари ова е само пропаднат обид за воспоставување рамнотежа, за други фер систем на одданочување на платите.

Моделот на рамниот данок беше воведен во Македонија во 2007 година и беше еден од адутите на претходната власт кој го користеше за привлекување странски инвеститори, отворање на нови компании и нови работни места, што резултираше со рангирање на Македонија меѓу најдобрите земји за водење бизнис во извештајот Дуинг Бизнис на Светска Банка.