Што може да ги обедини Македонците?

Размисли за Илинден

Додека Македонците го помнат, празнуваат и слават Илинденското Востание  на 2 август, и додека сите се бориме со тектонските промени кои се случуваат во Македонија во изминатите три години – повеќето од нив без поддршка на граѓаните – треба да си го поставиме следното прашање – што е тоа што може да ги обедини Македонците?

Колку што можам да видам, постојат две крајно спротиставени групации меѓу Македонците, со што нацијата е поделена.

Од една страна, постои група која што страсно верува дека единственото нешто што е важно за една држава е нејзината економија. Овие луѓе, како и сличните на нив во другите западни земји, сметаат дека поединците се мотивирани само и единствено од работи како што се пари и материјално богатство. Тие гледаат само на материјалниот аспект на човештвото и веруваат дека задоволувањето на економските барања  е поважно од другите потреби – на пример потребата да припаѓаме на нешто поголемо од нас. Секако дека е потребно да се заработуваат пари за живот, тоа е апсолутно неопходно за секој поединец, за секое семејство и за секое општество,  да се обезбеди леб за трпезата и да се преживее. Но, тие што сметаат дека луѓето се мотивирани само и единствено од пари грешат, и тоа на гротескен начин.

Оваа мала група Македонци не е врзана за своето – или било кое друго – минато, бидејќи сметаат дека минатото е безначајно, не е важно за денешницата или за иднината. Тие постојано бараат нешто ново, нешто интересно, нешто возбудливо, што ќе им даде причина да станат утрината, бидејќи вчерашноста за нив е мината и здодевна. Тие сметаат дека Македонија мора да се понижи себеси пред другите – на прво место пред своите соседи – и дека Македонија мора да се негира себеси за соседите љубезно да и „дозволат“ да стане дел од нивните клубови, бидејќи само економијата е важна. Секако, тие сметаат дека се морално супериорни над другите Македони кои си го ценат идентитетот, историјата, културата, јазикот… Ова е мала група, но тие имаат многу поголема моќ и влијание отколку што ги има на број.

Од друга страна е многу поголемата група граѓани, која честопати ја гледам дека е молчалива,  која силно верува во Македонија, во нејзината единствена историја, јазик, култура и вера, кои го ценат минатото и сакаат да го зачуваат за иднината. За нив најважно е Македонија да биде – и да остане – Македонија, и со право се гневни на обидите нивната земја да биде претворена во нешто што не е. Тие признаваат дека во животот мора да има промени, но не сметаат дека вреди да се прават промени кои можат да ја дестабилизираат или дури и уништат Македонија. Тие разбираат  дека ако македонскиот идентитет продолжи да слабее, тогаш стабилноста на македонската држава – татковината на сите Македонци – ќе биде загрозена.

Оваа група Македонци секако разбира дека во минатото се правеле грешки во чекори, и дека од време на време се тргнувало во погрешна насока, и дека на Балканот многу нации и држави делат многу елементи – ајварот на пример. Но, тие исто така знаат дека македонското минато, македонската култура и македонскиот јазик биле исковани низ векови, честопати во огновите на војните и жртвувањата, и станале уникатни македонски елементи. И дека се витално важни за Македонците денес. И сакаат да им ги пренесат на своите деца, внуци и на генерациите Македонци кои допрва ќе се родат.

Македонците би требало да имаат дискусија за чекорите кои треба да ги преземат заедно, како народ и како држава, а кога имаме ситуации во кои нема согласност кај најголем дел од народот за некои прашања, особено за навистина крупните прашања, тогаш Македонците треба да подзапрат, да размислат што е цената која се бара да се плати, и да помислат што ќе се случи ако на едно општество му се наметнува промена спротивно на неговата волја. За жал, ова не се правеше во изминатите три години и затоа Македонците денес се поделени.

Ако Македонците се поделени, дали има нешто што може да ги обедини?

Според мене, најважното нешто што треба да ги обедини Македонците е благодарноста – благодарност за тоа што беше постигнато во минатото и што не донесе до денешницата. Благодарност за мажите и жените кои се жртвувале низ минатото, не само хероите на Илинденското Востание кои се бореа за Македонија, туку и сите знајни и незнајни Македонци кои кои осознале за што се бореле хероите на востанието – за место кое ќе можеме да го наречеме дом, за земја во која Македонците ќе може да израснат семејства и да си речат – „ова е нашата татковина“.

Благодарноста би требала да ги обедини Македонците.

Запомнете, ако не сте благодарни за нешто, тогаш не го цените. А ако не го цените, тогаш го игнорирате, го заборавате, барате нешто друго. И тоа што сте го имале може да го снема, затоа што било надвладеано или уништено од некого, затоа што еродирало до непрепознатливост…, да го снема затоа што не било сакано.

Пишува:

Џејсон Мико