Секој сака да лаже, ама никој не сака да биде излажан

Брифинг+  алманах 2021(1)

За лагите и корупцијата на политичките Монструми

/Секој сака да лаже, ама никој не сака да биде излажан/

 

Критјанинот рекол: сите Критјани лажат! – е сега прашањето е, дали овој Критјанин ја говори вистината? Зошто ако сите Критјани лажат, а и тој е Критјанин, значи лаже и не ја говори вистината. Така е и со октроираниот Премиер на најмизерната држава во светот, онаа на која банда апаши и го сменија името за грст долари и тапкање по рамо. Сите тие лажат до непоимливи димензии, реалноста ја претопуваат во морничава фантазмагорија.

Вакцини нема, ама ќе има. Сите се вакцинираат, за Македонија нема вакцини. Ние уште го чекаме Годо. Ќе дојде ама не се знае кога. Исто како и со датумот за отпочнување на разговорите со Европската Унија…Три години не лажат како сме го добиле, ама заедничка владина седница и отпочнување на разговори јок.

Своето политичко(ненародно) владеење го започнаа како политички Дон Жуани и современи дипломатски Минхаузени. Како такви едвај ги трпевме. Ама денес кога гледаме дека се бедни политички Монструми ни се гади од нив. Не подносливи се. На патот до власта и владеењето си поигруваат со човечките судбини како жонглери во циркус. Вработуваат партиски послушници и најблиски роднини. Крадат и делат со партнери и соработници. Најсрамен и најдолен сој на корумпирани политичари се, а нас не обвинуваат дека не разликуваме граѓанска перцепција за корупција од реална корупција во државата. Немаат ниту срам(за искажаните лаги), ниту пак перде и мерка во крадењето на државните ресурси. Корупционери со три кеца – корупција од највисоко ниво  – 111-то, заедно со Панама, Монголија и БиХ. Светско, а срамно. Високо, а многу долно – ниво на корупција. А што да се каже за демократијата во Македонија? Според најновото рангирање на “Економист“ Македонија е на 78 место, како хибридна држава на граница на слаби демократии. Земјава е во група со Боливија, Сенегал, Црна Гора, Танзанија, Молдавија, Уганда, Бутан, Либан, Нигерија…пополека одиме кон дното каде се Конго и Северна Кореја.

Вакво лудило и невкус одамна немало на македонската политичка сцена. Вистински циркус на грди и одвратни кловнови што ја малтретираат и силуваат публиката. Лагите се нивната главна стратегија, ужасот останува зад нив. Ова е вистинска Хунта што лаже, краде и убива. Добро дојдовте во циркусот “Зајилузорио“! Тука ќе ги видите нај лажливите измамници на светот!!! Во тој монструозен циркус на бескрајната лага дефилираат многу илузионисти, жонглери, акробати… Време е за будење, сега е моментот кога се толку експонирани и суетни. Триумфот со силни усилби и измами требаше да го покрие предавството, но безуспешно.

Народот не е стока, тој гледа се, но е малку подисплашен од суровите методи на илузионистите кога трикот не успева. Тогаш од нив излегува груба и бескрупулозна сила која треба да го поништи опонентот, оној кој за миг се разбудил од тешката хипноза што Хунтата ја фрла наоколу. Во исто време криминалот се множи, толку брзо исчезнуваат националните вредности под нивните крчмења во мракот што човек би се запрашал: луѓе ли се, стаорци ли се? И едното и другото, но најмногу се илузионисти, тие што од ништо прават големи профити. Простете, воопшто не сум против богаташите – секоја планина, своја тежина.

Но стравовите никого не поштедуваат, нити класа, нити раса. Во овој гнасен циркус на најголемите лаги и лажливци веќе нема место за освестените. Будењето е сурово. Под сценската магла на предавството, сите овие комедијанти ги полнат своите дисаги и ги носат кон странските банки. Додека идат платите на буџетарите ѕверот ќе мрчи и р’жи но ќе се движи на должината од својот ланец. Но ако тука се појават проблеми, ѕверот ќе го скине ланецот и ќе го проголта циркусот сосе илузионистите.

 

Сотир Костов