Робството е лесно. Но да си слободен бара напорна работа

При крајот на оваа необична година, кога се подготвуваме да влеземе во третата декада од 21 век, време е малку да се осврнеме наназад.
Во кус разговор со пријател од Македонија пред некој ден, ми напомна дека сите држави порано или подоцна одат кон авторитарност, тоталитаризам, социјализам, или некоја од другите видови на филозофијата на неслободата. И мислам дека е во право.

Во досегашните мои години на оваа планета, сум примил многу дарови. Еден од нив беше дарот на времето: доволно време да размислам, да се осврнам, да читам, да пишувам. Друг дар е длабокиот и постојан интерес за теми како што се историјата, географијата, конзервативната мисла и филозофија, владеењето, политиката, културата и многу други нешта, како тие се поврзани едно со друго. Притоа првата наука – историјата – доаѓа на прво место.

Историчарите генерално сметаат дека првите национални држави настанале со Мирот од Вестфалија од 1648 година. Без да навлегуваме подлабоко во оваа широко прифатена претпоставка, ако ја земеме оваа година како почетна точка, значи дека нашиот моментален систем на национални држави постои околу 370 години. Тоа само по себе е доволно да не замисли. Ако погледнеме дека човечкото општество постои околу 10,000 години, тогаш 370 од 10,000 не е нешто особено. Ако сметаме дека создавањето национални држави е вистинскиот начин да го организираме нашиот живот, тогаш требад а се запрашаме – зошто не сме ги создале порано?

Во неговата извонредна книга „Самоубиство на Западот“, американскиот писател Џона Голдберг (ако ме читате подолго време веројатно сте слушнале за него) пишува дека „Западот“ е „чудо“ на човештвото, со создавањето на современиот концепт на „демократија“, „капитализам“ и сите добри и лоши нешта што произлегле од нив. Голдберг го употребува зборот „чудо“ низ текот на целата книга. Според него, откритијата на Западот се исклучок, а не правило на човештвото. Сето ова што го имаме околу нас лесно можело да не се случи. Како вид, ние луѓето сме племенски суштества, и идејата на национална држава која ќе биде заснована врз принципот на согласност на тие со кои се владее, ограничена власт, разни слободи (слобода на говор, религија, здружување), владеење на правото, како и капитализам, сето ова собрано заедно е некој вид на „чудо“. Империите, кралствата, војводствата и другите видови на владеењето со луѓето биле доминантниот начин (или единствениот начин) на владеење низ најголем дел од постоењето на нашиот вид.

Голдберг понатаму прашува, што треба да сториме за да го зачуваме ова „чудо“? Ако верувате дека „Западот“ е грешно место, непоправливо, од каде ништо добро не излегло, место кое не може да се спаси, тогаш престанете да читате уште тука. Всушност, ако верувате во ова, не знам зошто воопшто ме читате.

Ова беше долг вовед да дојдеме до главната поента која ја изнесов во наслвоот. Мислам дека ние, „Западот“, доаѓаме до момент кога населението на западните земји можеби ќе претпочитаат да станат робови, да бидат потчинети, наместо слободата, бидејќи слободата бара напорна работа. А луѓето по својата природа, ако ги оставиме сами на себе, можат да бидат мрзливи (забележете дека реков „можат“, а не „се“).

Што мислам со ова? Мислам дека насекаде низ Западот гледаме народи и граѓани од разни држави како им кажуваат на своите избрани претставници и на владејачките елити (медиумите, академските институции, големите компании, културните институции, и секако, неизбраните бирократи) дека навистина претпочитаат робство (или починетост) наместо слобода. Народите, на разни начини порачуваа дека „не сакаме да бидеме навредувани и да слушаме идеи кои не ни се допаѓаат“. „Сакаме сите да се победници“. „Сакаме вие, елитите, да сторите нешто во врска со нашите проблеми“. „Сакаме сите да сме еднакви“. „Не сакаме нашите чувства да бидат повредени, а ако тоа се случи, мора да реагирате“. И така натаму.

Тие што ги кажуваат овие нешта сакаат владејачките класи и елити да ни создадат безбедни места во кои никој нема да биде навреден, сите се еднакви и се победници, никој нема да каже дека чувствата му се повредени, каде владејачките класи и елити „прават нешто“ и така натаму. Секако, кога барате од владејачките класи и елити да ве зачаурат и заштитат, и да се грижат за вас, и да ја тргнат секоја болка и сите проблеми, тогаш, секако, добивате патерналистичко општество каде други владеат со вас. Поинаку кажано, добивате општество на потчинетост и робство. Животот е лесен кога барате некој да „стори нешто“ и „да се грижи за вас“, бидејќи тоа значи да му дозволите да го диктира секој ваш потег.

Од друга страна, ако сакате слобода, во правилната смисла на зборот (што е тема за друга колумна), тогаш се изложувате на многу, навистина напорна работа. Систем во кој се владее со согласност на граѓаните, во кој власта е ограничена, има слобода на говорот, на религијата, на здружувањето, во кој има владеење на правото и капитализам, потребно е многу работа за да се изгради таков систем. Но сите заедно можеме да го постигнеме ова „чудо“, што, според мене, со сите негови слабости, е многу подобро од алтернативата – робството.

За да ја зачувате слободата, потребно е да понудите принципиелни аргументи и да ги убедите своите сограѓани, па дури и политичките противници, дека вашите предлози се добри и исправни. За да ја зачувате слободата, неопходно е да се спротиставите на тие кои би ја узурпирале. Да ја зачувате слободата значи да го прифатите фактот дека некои луѓе ќе се најдат навредени, и ќе се жалат дека сме им ги повредиле чувствата. Да ја зачувате слободата е да сфатите дека сите не можеме да бидеме еднакви и дека за да го направиме тоа, неопходна ни е употреба на сила и принудување на луѓето – што единствено може да се постигне во тоталитарна држава.

Робството е лесно – само откажете се од своите должности и одговорноста што ја носите, и предајте ја контролата врз својот живот во рацете на владејачката класа и елитите, на тие кои сакаат да владеат со вас. Но, за да ја зачувате слободата, тоа е сосем поинакво нешто, и за тоа е неопходна напорна работа.

Што ќе одберете?

пишува:

Џејсон Мико