Ратификуван договорот со Бугарија- македонскиот јазик сведен на уставна категорија

Пратениците на денешната 30. собраниската седница со 61 глас „за“ и еден „воздржан“ го изгласаа Предлог-законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.  Договорот беше потпишан од страна на Зоран Заев и Бојко Борисов лани во предвечерието на Илинден.

Со него Македонија се откажа од грижата на македонското малцинство во Бугарија на сметка на грижата што Бугарија ќе ги има за македонските граѓани кои се чуствуваат како Бугари. Исто така власта прифати договорот да биде потпишан на Македонски јазик според уставот на Македонија со што тој се сведе на уставна категорија.

Покрај тоа, власта се сложи да имаме заедничка историја со Бугарија и заеднички да славиме наши празници како Илинден.

Во работата на Парламентот не учествуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, рече дека е факт дека тешки и деликатни прашања меѓу две соседни држави многу тешко се договараат и “ниту ние, ниту во Бугарија целосно сме среќни со текстот“.

– Договорот ги покрива нашите интереси и на бугарската страна. Има убава симболика бидејќи на денешен ден Бугарија ја призна независноста на Македонија, како прва држава. Многу е важно што пред да се ратификува договорот во пракса имаме суштинска смена во нашите односи, изјави Димитров.

Посочи дека договорот е значаен поради тоа што двете страни се охрабриле „да излезат од рововите, особено во нашиот регион, кој е оптоварен со историја, и дека е важно што дава извесна самодоверба во нашето општество“.

– Убаво е кон соседите да се однесуваме како со еднакви и да создаваме пријатели. Ќе беше убаво денеска тука да беше и опозицијата, да ја даде својата поддршка, изјави Димитров.

Договорот, како што објави МИА, беше потпишан на 1 август 2017 година од страна на премиерите на двете држави, Зоран Заев и Бојко Борисов, заради зацврстување на меѓусебните пријателски односи, унапредување на добрососедството, развивање на сестрани меѓусебни односи, согласно меѓународното право. Тој е резултат на петгодишен договарачки процес на работните групи на двете МНР и претставува наградба на договорот потпишан во 1990 година.

Артан Груби рече дека оваа Влада и парламентарно мнозинство се посветени на добрите односи меѓу заедниците и кон подобрување на добрососедски односи со нашите соседи кои ќе овозможат брзо интегрирање и пристап кон евроатлантските односи.

– Преку остварување на овие политики не зависи само перцепцијата на Брисел, туку ја зајакнуваат и нашата безбедност. Со затворање на прашањата со соседите нашиот суверенитет и унитарноста стануваат неприкосновени. Поради тоа сите ние од ДУИ и албанската заедница даваме целосна поддршка за затворање на отворените прашања со соседите, изјави Груби.

Посочи дека 2018 треба да биде посветена на рамноправно членство на Македонија во НАТО и ЕУ и затоа треба да се пристапи со иста енергија и кон решавање на спорот со името со Грција.

Ферид Мухиќ, рече дека овој договор не е граден на системот на реципроцитет и има неколку клучни точки по кои отстапува од тоа.

– Мора да се посочи дека Македонија и Владата правата отстпаки кои не се вообичаени во ваквите договори меѓу државите. Јас ќе гласам воздржано, рече Мухиќ.

Пратениците претходно ги изгласаа Предлог законот за ратификација на Конвенцијата за ноќна работа, од 1990 година (С 171) и Предлог законот за ратификација на Конвенцијата за организации на рурални работници, од 1975 година (С 141), Предлог законот за ратификација на Спогодбата помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за редовен воздушен сообраќај помеѓу и вон нивните територии, Предлог на закон за ратификација на Конвенцијата за трудови статистики, 1985 (С 160), како и Предлог на закон за ратификација на Дополнителниот Протокол 5 на Договорот за изменување и пристапување на Централно европскиот договор за слободна трговија.

________________________________________________________________________________________________________ Превземањето на содржините на СВЕСТ.мк е дозволено доколку се наведе изворот со линк од веб порталот или статијата која е превземена. Доколку тоа не е направено, секое неовластено објавување на содржина, видео или текст од веб порталот, ќе Ве чини 15.000 денари (петнаесет илјади денари) без пресметан ДДВ за секое едно објавување на содржина, видео или текст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *