Првиот „3Д“ мост испечатен во Холандија

Овој потполно функционален бетонски мост е осум метри долг и три и пол метри широк, а е изработен од страна на експерти од универзитетот за технологија во Ајндховен. 

Мостот настанал со 3D печатење на засилен бетон во околу 800 слоеви, за што била задолжена компанијата BAM Infra. Мостот има носивост од пет тони, а неговите автори проценуваат дека животниот век му е најмалку 30 години.

Најголемата предност на 3D печатењето на ваквите структури наместо вообичаеното леење на бетон во калапи е заштеда на материјали (а со самото тоа и на емисиите на јаглерод диоксид), а експертите во овој случај за време на печатењето успеале да вградат и метална арматура која му дава дополнителна сила. 3D печатачот е многу пофлексибилен од калапот бидејќи може да го постави материјалот таму каде што е потребно, а за краток рок може да се прилагоди кон печатењето во било кој облик.