Протоереј Љупче Петрески: “НАПРЕД ГРЦИ”

Протестот во Атина одлично помина. Грчкиот народ го кажа своето – терминот „Македонија“ е грчки и нашето име не смее да го содржи. Респект кон грците. Така се бранат своите ставови, со околу милион луѓе на протест. Да бидам искрен, се надевав дека ќе бидат во уште поголем број, и се надевам дека денешниот протест нема да биде кулминација зашто, верувале или не, грчкиот народ ќе не’ спаси од промена на името на нашата татковина.

Жално ама вистинито. Сега останува да видиме како на ова ќе реагира грчката влада. Дали ќе застане на страната на својот народ или ќе оди контра својот народ и ќе остане глува за него по примерот на нашата влада. Верувам дека Ципрас ќе го послуша својот народ и нивните барања во преговорите ќе бидат максималистички, односно терминот „Македонија“ да не се содржи во новото име за нашата татковина со што ќе спречи дополнителни протести кои можат да изнедрат нереди дури и пад на неговата влада, зашто денешниот протест имаше и антивладина нота. Во таков случај, нашиот преговарачки тим на чело со премиерот Заев ќе се „покака“ (простете на изразот), всушност, мислам дека веќе се.

Нивниот инжинеринг врз сопствениот народ, дека за нас би било „кец на десетка“ за промена на името во Горна, Северна или не знам каква Македонија, без промена на идентитетот, ќе биде промашен. Јас знам дека има Македонци, во многу мал процент, особено дел од оние кои гласале за сегашната власт, дека се за промена на името ама колку од нив би се согласиле името да не го содржи терминот Македонија?

Исто така, сигурен сум, всушност не сосема, дека и покрај сервилноста на нашата влада и подготвеноста за неразумни отстапки, сепак нема да биде толку плиткоумна и да преговара за име што нема да го содржи терминот „Македонија“. Доколку се реши на таков налудничав чекор, постои опасност да го разбуди, засега релативно заспаниот дух на Македонците и да предизвика немири од големи размери и пад на неговата влада со светлосна брзина.

Како и да е, премиерот Заев ќе биде во небрано и целосно дискредитиран не само во очите на сопствениот народ ами и во очите

на Европјаните. По негова заслуга, се разбира. Прво, со ниетот да го промени името, народот веќе го обележа како предавник, и второ, ако преговорите пропаднат, а се надевам дека ќе пропаднат, неговата репутација на лажов и неспособен дополнително ќе биде обременета, бидејќи нема да успее да ја внесе Македонија во НАТО и ЕУ. Во превод, тоа би значело, ќе му се наближи крајот, народот ќе му пресуди на избори и ќе го испрати во историјата, а името на нашата татковина ќе остане РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА! И среќно си живеевме!

Пишува Протоереј Љупче Петрески

________________________________________________________________________________________________________ Превземањето на содржините на СВЕСТ.мк е дозволено доколку се наведе изворот со линк од веб порталот или статијата која е превземена. Доколку тоа не е направено, секое неовластено објавување на содржина, видео или текст од веб порталот, ќе Ве чини 15.000 денари (петнаесет илјади денари) без пресметан ДДВ за секое едно објавување на содржина, видео или текст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *