Промената на името

Тезите во предочената рамка за решавање на проблемот со името од аспект на општествените науки, подлегнуваат на критика.

Имено, се поставува барање за воспоставување на приод според кој решенијата треба да произлегуваат од закономерности. Наместо тоа сознанијата од општествените науки за критичкиот однос и стекнувањето на закономерни решенија во проблематиката за името, се превидуваат. Медијаторот Нимиц во предложената рамка само ги приближува искажаните ставови, претпоставувајќи го излезот преку политичка разрешница. Така што се опфаќаат прифатливи аспекти, делумно, за едната и, делумно, за другата страна иако некои аспекти, привидно, произлегуваат од усвоени меѓународни принципи. На пример, дека во ООН, која е организација на држави /нации, логично би било јазикот и националноста да се изведат од името на државата.

Тоа говори дека со променетото име на нашата држава, македонскиот јазик и националноста (државноста) ќе се изведуваат од променетото име. Затоа што од државјанството се изведува националноста. Нацијата, како политичка заедница се изедначува со државата, а не со народот.

Денес, во Република Македонија националноста е изведена од името на македонскиот народ, бидејќи името на државата, значи, државјанството е изведено од името на народот. Со променетото име на државата и изведената националност ќе се створи и голема дилема околу именувањето на македонскиот народ кој, сепак, на крајот, да биде именуван според името на државата.

Притоа со никаков договор тоа не може да се избегне. Надвор од ова стојат и предлозите за некакви алтернативни начини на непреведени или алтернативно усвоени термини „од страната“ за името, јазикот и националноста, како нелогични иако се сака да се прикажат како прифаќање на различните гледања кон прашањето на нашиот идентитет.

Дефинитивно, во овој процес на разговори/преговори мора да се земе предвид  дека идентитетот е во крајна линија непрекинлив процес и дека ќе настане озбилен прекин со преименувањето на државата. И колку, за дел од политичката номенклатура и да изгледа неприфатливо, ослободувањето на нацијата произведува елан во сите области на творештво и активности. Спротивно, една пресечена, во својот развој, нација, е поставена пред негативни развојни ефекти.

Се забрзуваат преговорите при што од грчка страна има нагласен интерес да се постигнат максималистички барања. Во таа насока отпочната е и нагласена пропагандна кампања. Преку масовните митинзи сака да се покаже дека македонската бит, преземајќи го преку името наследството на античка Македонија, ја нарушува грчката бит. Се инсистира на целосно решение, не само на промената на името, туку и на другите национални аспекти. Оправдувајќи го со заштита од иредентизам врз нивното право на античка Македонија и врз територијата Македонија. Притоа инсистирајќи на промени во нашиот Устав и на нов билатерален договор помеѓу двете земји.

Во нашата јавност, истовремено, се укажува на безалтернативноста на решавањето на наметнатиот спор од Грција околу нашето име; на потребата од комплетно решение со намерата како би се заштитиле  идентитетските прашања.

Да бидеме реални. Нашиот Устав нема да се промени само поради барањето на Грција за да се отстрани нашиот „иредентизам“ туку и да се внесе променетото име, што,  всушност, Грција и го очекува. И што, целосно, ќе ги реализира нејзините барања. Иако, вербално, се остава простор (до крај неелаборирано) за употребата, тука и таму, на нашето уставно име и терминот македонски, што промената на Уставот не ја спречува. Како, на пример, неексклузивноста на термините „македонски“ и „Македонија“ за економска употреба  или дека во регистерот на ООН ќе бидеме заведени под буквата „м“. Затоа што договореното име би било дефинитивно внесено во употреба надвор и внатре (erga omnes), во фази, со нашето членство во ЕУ, иако, при влезот во НАТО би ги уредиле односите само со членките, врз основа на новото, официјално, име. Впрочем, и предвидените  процедури за спроведување на решението, на што ние би биле обврзани, потврдуваат  дека ќе бидеме упатени на промената на Уставот.

Се чини дека и за референдумот, кој би требало реално да ја искаже народната волја околу промената на името, без било каков облик на манипулација, веќе, како да има подготовка да му се измести значењето.

Предложените решенија затоа се неприфатливи бидејќи, наместо со аргументи да се надмине разликата за нашето име со Грција, како што не обврзува Резолуцијата 817 на Советот за безбедност на ООН, се прифаќа менување на името на нашата држава и, наместо да се заштити нашиот идентитет, тој ќе се изгуби.

пишува за свест.мк: Јованка Кепеска

________________________________________________________________________________________________________ Превземањето на содржините на СВЕСТ.мк е дозволено доколку се наведе изворот со линк од веб порталот или статијата која е превземена. Доколку тоа не е направено, секое неовластено објавување на содржина, видео или текст од веб порталот, ќе Ве чини 15.000 денари (петнаесет илјади денари) без пресметан ДДВ за секое едно објавување на содржина, видео или текст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *