Признанија од туѓи писатели, историчари од 9-19 век за Македонија и нејзиното население и граници(1)

Значење добива ракописот на Круме Кепески со наслов „Признанија од туѓи писатели, историчари од 9-19 век за Македонија и за нејзиното население и граници.“ од 1944 година, на 160 страници. Станува значаен затоа  што се претставуваат сознанија на афирмирани писатели во светската научна литература,  историчари но и други сведоци од времето на создавањето на македонскиот народ до актуелниот век на нашето живеење. Не е на одмет одново да се претстават овие сознанијата на византиски, грчки и други писатели, историчари, географи, етнографи, патеписци, статистичари, конзули, митрополити, монаси, како и податоците од грчките весници за македонската самобитност, македонскиот јазик, етничката територија и името Македонија од 9-19 век и, речиси, до Втората светска војна. Сеопфатно презентирани во ова дело. Со нив истовремено се побиваат актуелните претензии  да се негира македонскиот народ и македонскиот јазик.

Круме Кепески, образуван во славјанската филологија, добар познавач на историјата на македонскиот народ и на историските белези на македонскиот јазик (тој е веќе автор на значаен труд каков што е „Прилепскиот говор“, 1941 год.), ерудита, го познава францускиот јазик,

помеѓу 15 септември и крајот на декември, 1944 година, (откога на 9 септемви пристапил во ослободителната бригада „Гоце Делчев“) е определен да збира материјали во библиотеките и архивите во Софија за границите и териториите во кои живее македонскиот народ во пресрет на мировната конференција која требало да се одржи по завршетокот на Втората светска војна во Париз, кога е настанат овој ракопис.

Трудот е засновуван врз тезата за природната поврзаност на македонскиот народ со територијата. Тезата е застапена и во користената литература а тоа е и пристапот што се применува и во сите научни трудови во Македонија, по ослободувањето.

Покрај научни ставови, претставени се и статистички табели, карти, етнографски анализи за македонското население во Македонија и од  славистичката мисла за карактеристиките на македонскиот јазик во различни историски периоди, од 9 в. наваму.

Од севкопно прикажаните ставови и податоци се заклучува дека на територијата на Македонија е создадена засебна етничка творба на Македонските словени, со посебен јазик. Називите Македонија, Македонски Словени се изрично користени иако Пиринска Македонија и Егејска Македонија се наведуваат и како издвоени целини. .

Најпрвин се претставени многубројните Византиски (грчки) писатели. Исказите се дадени во оригинал на грчки или старословенски јазик но и во превод на македонски јазик. Во прилогов застапени се само според преводот на македонски јазик.

Константин Порфирогенет кажува дека „Се пославјани целата (се мисли на грчката земја – заб. К. К.) и стана варварска“ (се мисли славјанска – заб. К. К.)); Во „Житието на св. Методи“ , императорот византиски Михаил Трети, во 862 год., кога ги повикува Кирила и Методија и кога им вели тие да заминат за Моравија, уште им вели: = „Вие сте Солуњани, а Солунчани сите чисто славјански говорат“; Теофилакт, охридскиот архиепископ, по народност Грк, во „Житието на Климент Охридски“, кое го напишал во крајот на 11 век, за Кирила и Методија пишува: „Но бидејќи Славјанскиот род не ги разбираше напишаните на грчки јазик книги, тие свети мажи гледаа како на голема злочест“.

Јован Скилица (11 век) за востанието на Петар Делјан (Демјан, заб. на К.К.), во 1040 година, во Скопје и Солун, вели: „Во таа година (1940) Славјаните дигнале востание“. Истовремено кажува дека, истата година, норвешкиот војвода Харалд им помогнал со својата војска на Византинците за да го загушат востанието во Македонија до Солун и дека во скандинавските песни се опишува и воспева Харалд како загушувач на Славјанското востание.

Опфатени се следните наводи: дека во 11 век Василиј II Македонец го нарекува Костурскиот епископ „Прв меѓу подвластените на Охридскиот бугарски Архиепископ; и дека самиот Костурски митрополит се титувал како „Егзарх на цела стара Бугарија“. (Називот стара Бугарија е различен од државата Бугарија – н. з.).

Важен е податокот од „Житието на св. Димитри Солунски“ во кое кога се говори за нападот на на Славјаните во 676 год. да се наведат имињата на македонските племиња. Се употребува „народ“.  Се вели : „И така се случи, во време на епископството на светопомолитвелниот Иона, се подигна славјанскиот народ: Драговити, Сагудати, Бабуни, Брзјаци и др. и тргнаја на Солун“.

Потврди за Македонија и нејзиното славјанско население во областите, кои сега се под Грција, се наведуваат кај следните византиски писатели: Иоан Маллала, хроничар (10 в.); Моон Камениат (904 год), родом од Солун; Кекавмен (1067 год.); Ана Комнен, 1073 год. која говори за „српско – беломорска етнографска граница“.  Никита Хониат (1198 г.); Хоматијан (13 в.); Никифор Григора (1326 г.); Теофан, Каваси Н. Акоминат; Кедрин со „Грамоти на Романа Стари“; Василиј Македонец Втори; Андроник Палеолог; Т. Акрополит (1225 г.).

Наведен е податокот што го дава проф. В. Григорович (Русин) кој, во 1845 год., го посетил битолскиот митрополит Герасим. Митрополитот му расправил дека старата титула на Пелагонискиот митрополит била: „Егзархис пасис а но Булгарие“, но дека, сега, во ново време, Бугарија е заменета со Македонија.

Како што има и податок, во еден ракопис од 15 век, под број 12 38 на Bibliotteque Nacionale du Paris, во кој се вели дека Григори Акиндин, Солунски архиепископ, бил „по род Мизиец“ т.е. од Прилеп.

Потоа се наведуваат ставови кај новогрчките писатели: Географ Мелетиј (17 век); Атанасиј Пароски во книгата „Урану Крисис“: „Солуне, тебе ти се предлага благодарност од сите Славјани во покраината Македонија“ (за Кирил и Методија) (1795, 1805, 1850); Атанасиј Стамрски (1819); Николај Лоренти (1838); Диожен Пиру (1834); Н. Агоритис (1819); П. Аравантинос (1859-67); Ст. Спитару, 1856 г.

Атан. Калкилопуло (1913) во статистиката која ја дава како секретар на грчкиот конзулат во Скопје, печатена во Атина,1913 год., Славјаните во Грција ги наведува именувајќи ги како „Славофони“ притоа мешајќи ја верата и народноста. Како што и во грчкиот весник „Неа имера“ од 1. XI 1914 г., се вели: „Нема почисти Грци од „Славофоните“; А еден грчки војник, на служба во село Несрама (Костурско), пишува во весникот „Еллас“ , бр. 10, 1913г.  дека: „На учениците им се забранува да си говорат на мајчиниот славјански јазик“.

Во 1857 година, во  историско-географска книга во 2 тома, излезена во Атина, од П. Аравантинос границите на Македонија се определени вака: „Родопи кон Тракија, Шар-планина од кон Бугарија и Србија, Олимп и Хасовете (Камвуница планина) од кон Тесалија и Пинд од кон Епир.“

„Во Пелагонија е расположен  новиот град Битола со 20.000. Неговите христијански жители говорат главно (болгарски) славјански.“ (Употребен е називот славјански а во заграда бугарски – н. з.). И потоа  „Негуш – 2000 души од славјански род“ …„Исто и во Леринско, Серфиџенско, Преспанско и Охридско“.

За прашањето на населбата на Славјани во Македонија и до каде тие се простираат одговоруват и чешките научници: Шафарик, Нидерле и Иречек. Како и Србинот Ст. Станоевиќ .

За населувањето на Славјаните во Македонија тврди и Ерменската географија на псевдо – Мојсеја Хоренски од 670-680 год.

Докторот Едвард Браун, Лондон, 1673 год. ги наведува границите помеѓу Србија и Македонија, според Ст. Новаковиќ, 1667 година.

Васил Беркиќ, 1771 г.,  говори за ополчарскиот јазик (западнославјански – н. з.) во Серез – Македонија.

Познатиот турски историчар и географ  Хаџи-Калфа, роден од Цариград, (во 17 в., умрел 1655 година) во делото  „Руменија и Босна“ пишува: „Хрупишта, до брегот на Костурско езеро, 2ч. од Костур, во соседство лежат казите: Костур, Билица и Населица. Жителите се (бугари) Славјани. Наоколу лежат Костур, Горица (Корча), Преспа, Хрупишта. Жителите се Бугари и Албанци.“

 

Јованка Кепеска