Поглед назад во времето

Да се вратиме две години назад во времето. Иако две години не се многу долго време, ако седнеме и размислиме малку изгледа како да се цела вечност, имајќи предвид колку бргу се случуваат настаните овие денови.

Во јануари 2019 година, пред Владата на Зоран Заев да го протурка илегалното менување на Уставот на Македонија и промената на името и идентитетот, напишав дека „односите со Бугарија ќе се влошат. Охрабрени од Преспанскиот договор и од таканаречениот договор за ‘добрососедски односи’, Бугарите ќе почнат да бараат се повеќе и повеќе отстапки од Македонија, ако Македонците сакаат Бугарија да се согласи со нивното членство во НАТО, а потоа и во ЕУ“. Признавам дека бев грешка за НАТО – Бугарија беше подготвена да го прифати приемот на Македонија – но во право сум за членството во ЕУ, како што гледаме од актуелните настани.

Следниот месец, февруари 2019, кога Заев насила ги протурка овие измени, напишав: „И Бугарија и Грција ќе имаат многу можности да бараат дополнителни отстапки во годините што доаѓаат ако оваа или идните влади на Македонија сакаат земјата да влезе во ЕУ“.

Многумина други исто така пишуваа и зборуваа на овие теми. Не требаше да си гениј за да предвидиш што ќе се случува, ако имаш барем ронка познавање на политиката и човечката природа. А ете, денес, во средината на октомври, Бугарите повторно се закануваат дека ќе го блокираат отворањето на преговори со ЕУ. Според германскиот Дојче Веле, тие испратиле документ насловен „Истражувачки меморандум за односите на Република Бугарија и Република ‘Северна’ Македонија во контекст на проширувањето на ЕУ и процесот на асоцијација и стабилизација, кој предизвика внимание на медиумите во ‘Северна’ Македонија минатата недела. Меморандумот на шест страници, испратен од Софија до 26 главни градови на земјите членки на ЕУ во август, тврди дека во ‘Северна’ Македонија од Втората светска војна се вршел етнички и јазичен инжењеринг“.

Остатокот од текстот ви е исто така познат: Владата на Бугарија тврди дека не постојат одделен македонски народ и македонски јазик; дека Македонците се навистина „Бугари“ и дека македонскиот јазик е „бугарски дијалект“.

Но сега, секако, во пресрет на почетокот на преговорите за членство во ЕУ, како што предвидовме, Бугарија врши притисок користејќи ја предноста што ја има како „членка на клубот“. Како што многу претставници на ЕУ, САД и НАТО постојано и велеа на Македонија кога очекуваше прием во НАТО во 2008 година – „Вие не сте во клубот, а овие други земји се во клубот и вие морате да се согласите со тоа што тие го бараат од вас“. Ова беше ставот на западните елити кон Македонија по грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт во април 2008.
Сега Бугарија се приклучува кон овој начин на резонирање: „Потребно е да направите уште чекори пред да бидете примени во клубот!“, велат тие.

Од своја страна, македонскиот премиер Зоран Заев ги предупреди Македонците дека Бугарија може да стави вето на отворањето на преговорите со ЕУ. Никола Димитров, кој како министер за надворешни работи ги договори и таканаречениот „Преспански договор“, како и таканаречениот „договор за добрососедски односи“ со Бугарија, изјави дека не било европски македонскиот јазик да стане пречка за нашата европска иднина и интеграција. Димитров додаде дека ако Европската Унија некако дозволи македонскиот јазик да стане пречка на интеграциите, тогаш таа не заслужува да ја носи придавката „европска“ во свеото име, и дека не знае дали може да верува во таква Европска Унија.

Ова е точно и коректно, освен што истите овие аргументи беа изнесувани и порано, а Димитров сепак го потпиша и придонесе кон таканаречениот „Преспански договор“, и работејќи со својот грчки колега, Димитров се согласи со Грците по многу точки кои се витални за македонскиот идентитет, традиција, култура и, да, јазик. Димитров вршеше вербални гимнастики за да се согласи со Грците, да го потпише и ратификува договорот и потоа да продолжи „напред и нагоре“, како што сака да каже во секоја прилика.

Бугарите сега практично велат: „Вие потпишавте договор со Грците во кој се откажувате од вашиот идентитет, сега потпишете договор и со нас или ќе добиете вето“.

Во интервју со АФП на 23 јануари 2019 година, Димитров рече дека „Верува дека демонстрантите, вклучително и критичарите во неговата земја кои сметаат дека промената на името е срамна отстапка, со текот на времето ќе го прифатат договорот. ‘Чувствувам дека дефинитивно сум на вистинската страна на историјата по ова прашање, и мислам дека по повеќе години дури и тие кои сега гневно протестираат ќе речат дека сме биле во право’“, Димитров изјави за АФП.

Се прашувам дали Димитров се уште смета дека бил во право.

Срѓан Цвијиќ од Фондацијата Отворено Општество на Џорџ Сорос во јануари 2019 година напиша дека сите овие промени кои ги прави Македонија се со цел земјата да добие членство во ЕУ, и дека треба да се покаже дека „…постигнувањето компромиси ќе се исплати, и вреди да се жртвуваат вкоренетите позиции на националниот идентитет за да се обезбеди заедничката европска иднина“.

Бугарите секако сметаат дека ова е точно дека Македонците треба да ги жртвуваат своите „вкоренети позиции на национален идентитет за да ја обезбедат својата европска иднина“.

Така ли е, Никола?

пишува:

Џејсон Мико