Од корона касапница, во изборна кланица

Тоа е Евангелие според Зоран Заев. Тој пропагира и бара, неговите слепо го следат, а Филипче, со здравствен, медицински печат оверува. Полиција и здравство, во плурализам ќе спроведуваат демократски избори. Да не биде ова едните  те тепаат и апсат, другите те лечат? Значи, првин, натегање, а потоа, неизоставно, тешење. На здравје нека ни е! Море никогаш да не биде. Грдата и нехумана мисла да им се скамени. Зборот да им се одземе.

 

Туц, муц… Филипче некако се надмина и се извини. Ете и тоа му се случи на министерот Венко Филипче. Ништо страшно. Животот тече понатаму. Ама? Прашувам: Филипче, кој бе досега лажеше? Јас, како аналитичар, или Ти, како најодговорен за справувањето со корона пандемијата? Јас(а и не само јас), велев, криете, не кажувате информации, ги одложувате, ги извртувате…..Вие упорно, не, не, и одлучно, не! Уште малку, па историско, ќе беше. Како она од 1948та. Добро, на ова гледам позитивно. Не е она класичното на Галилеј “Сепак се движи!“, ама, барем сепак се извини.

Сега имаме друг проблем. Бројот на заразени не се намалува, напротив, се зголемува. И бројот на починати се зголемува. И на крај, и бројот на заразен медицински персонал се зголемува(здравствените установи вријат од корона заразени), а Филипче не убедува дека можеме на избори, ако добро сме ги организирале и спровеле. И сега, маски, ракавици, дистанца… и ќе сме гласале. Како Дијаболик-гласачи, на Фантом-избори, еднаш веќе предупредив. Денес, опоменувам.

А каде е изборната кампања? Е, кампања ќе немало. Прашувам: Какви се тие избори без кампања? Има ли во тоа демократија? Личи ли тука нешто на плурализам? Многу прашања на место, ама вистински одговори нема. Затоа, враќањето во едноумниот социјализам, ни е загарантирано. Лично од Заев. А кога тој гарантира,вакви брзи корона избори,повеќе од сигурно добиваме враќање во социјализмот: народот гласал, не гласал, ама Заев брои и прогласува победа. И ете ти го Сталин, во нашиот сокак, вашето избирачко место, нивната изборна единица. А меѓународниот мониторинг негде заглавен по аеродроми, царини, карантини. А да ве прашам, и што кет ни е? Заев гледа се! Заев мисли на се! Он знае што е најдобро за нас. Он ќе се погрижи за тоа. Па тој тоа најдобро го знае и умее.

И сега кога веќе не може да има кампања, како тоа може да има избори? Какви ќе бидат тие избори? Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, вели избирачкиот список не е ажуриран, постои методологија за тоа, и прашува, зошто не сакаме да ја почитуваме? Човекот отворено кажува такви избори немаат легитимитет. Пак многу прашања, и повторно одговори јок!

Добро, а што правиме со фактот што безмалку цела влада на чело со техничкиот премиер е во карантин. Цело раководство на СДСМ, минус Заев, е во карантин. Од пет потпретседатели, четири се во карантин. Луѓе, абре сте полуделе ли? Толку ли ви е слатка, по секоја цел, таа власт? Па со Уредби со законска сила, ќе дерогирате Изборен законик? Замислете се, тоа се Зорле избори! Свестете се, пак ли ќе го активирате Зорле? Во комунизмот/социјализмот беше едно на Водно. Добро, а сега цела Македонија ќе ја направите Зорле?

Алооо, имате ли нешто од тоа сивата материја во главите? Каде одите? Во што не водите? За првото, ич не ми е гајле. Ама за второто, животно сум заинтересиран. За мене се работи. За моето здравје. За здравјето и животите на моите најблиски. За здравјето и животите на моите Македонци. Загрозувате се и секого! И здравје, и живот, и право, и правда, и човекови права, и слобода. И мир! Битанги низаедни, непрокопсани.

Со финансиски полиции по кафеани, ќе не плашите и прогонувате? Ќе барате лични карти од гостите во кафеаните??! Од 1972 г. сум посетител на тоа култно место, наречено Кафеана. Таму ја добив, втората диплома – диплома за социјален живот. Море еј, комунистите имаа повеќе респект од вас за кафеанскиот живот. Абре за Државен пазарен инспекторат, разберам. Ама ова? Не, не ми оди. Ова не го разбирам. Не е до вашиот Ес-Ес нацизам. До мене ќе да е.  Море бемти угостителсто, бемти кафана таква. И кафеаната ја уништивте. Култниот храм на Народниот универзитет. Никогаш кафеана да не видете! Се дома да си јадете и пиете! Домаќини да бидете! Од дома да не мрднете! Финансиска полиција кафе да ви вари, ракија да ве пои. Пу, срам душата да ви ја изеде, арно велат Волците. Арам да ви е лебот! Арам да ви е животот!

 

Сотир Костов