Обраќање на Проф. Д-р. Христијан Мицкоски по повод Денот на револуционерната борба

На прославата на Денот на револуционерната борба – 125 години од основање на Македонската Револуционерна Организација, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Проф. Д-р. Христијан Мицкоски имаше свое обраќање во Македонкиот народен театар.

Интегрален текст во прилог:

Почитувани присутни,
Драги браќа и сестри,
Пред точно 125 години се роди организацијата, се роди чуварот на Македонија во едни исклучителни околности, на тежок живот, на секојдневни грабежи, палежи, мачења, убиства врз македонецот и сите народи кои живееле на овие простори, време на поробена Македонија веќе 5 века претходно, но и со многу повеќе сили кои, кон Македонија имале и свои аспирации, свои интереси, со свои задачи и цели спротивни на интересите на луѓето кои живееле на овие простори, од прадедо до дедо, од татко на син.
Ова парче земја било посакувано од многу туѓи сили, но највеќе било сакано од својот народ, кој се жртвувал, спротивставувал, кревал востанија, буни, спроведувал акции, но и бил жестоко поразуван, угнетуван, но одново и одново се кревал од пепелта, и повторно истиот круг, на страдања и борба, се додека не се постигне целта – Слободна Македонија.
И под едни такви тешки услови, каде цената за сопственото мислење и борбата за самооределување неретко се плаќала и со сопствената глава, и во такви невозможни околности на репресија и страдања, сепак ова парче земја раѓало херои, синови и ќерки кои го земале бајракот, се простувале од семејствата и тргале во борба. Оваа слобода денес не е подарена, таа е скапо платена од нашите претци кон кои ние имаме обврска и завет, оваа земја е натопена со крв, страдања и човечки судбини кон кои ние се поклонуваме.
Еден од апостолите на македонската борба Гоце Делчев ќе рече,,Дали може да има друго место за еден Македонец освен Македонија?Дали има народ понесрекен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа,отколку во Македонија? Треба да се просвети и организира народот, да му се влее вера во неговите сили-да разбере како може да се оттргне од ропството и мизеријата-да му се отворат очите,,
И кога ќе ги погледнете оние стари црно бели фотографии кои сведочат за историските времиња ќе видите изнамачени луѓе, но со храброст, смели сонувачи за идејата за своја земја, за своја слобода која природно ни припаѓа, ќе здогледате решителност која сигурно во тоа време кај некои нивни современици била оценета како лудост, и нешто што е невозможно. Но, се е возможно, времето потврдило дека е така. Или како што е кажано, за да се пишуваме македонци гинеле мажишта, за името македонец низ вековите се страдало, за Македонија брат на брата кревал рака, другар со другар се делел, и чедо од мајка се двоело. Во добрини и искушенија, во радост и жал гордост е да се родиш, живееш и да умреш за Македонија.
Ова наше македонско “верују” беше официјализирано пред точно 125 години на 23 откомври во Солун во куќата на Христо Батанџиев преку формирањето на Македонската Револуционерна Организација која е најсилното движење на македонците за ослободување и најсветлиот чувар на огнот за македонска држава, во која свој белег дадоа генерции и генерации храбри луѓе и кои со своето делување помогнаа за она што го имаме денес.
И оние кои денес сакаат на сила да не оквалификуваат нас, кои како партија сме наследници на тоа движење, за антизападно ориентирани, ќе ги упатам нека погледнат најдобро во корените и во нашата историја. Организацијата во својата суштина е формирана со цврста верба кон западно ориентирните сили и вредности, и додека во регионот имале такви кои барале царства, монархии, ВМРО барала Република, напишала статут и Устав по моделот на САД, затоа што оваа организација била формирана од напредни припадници на македонската граѓанско движење, од Докторот Христо Татарчев кој се школувал во Берлин и Цирих, од книжевникот и трговец Иван Хаџи Николов кој се школувал во Австрија, од учителот Христо Батанџиев, од публицистот Петар Поп Арсов, Дамјан Груев кој се школувал во Солун Белград и Софија,и Андон Димитров кој се школувал право и правни науки во Цариград и во Лиеж Белгија.
Токму овие луѓе го започнале најмаркантиот дел од македонската историја низ која минале огромен број личности сите со своја улога, големина и значење, со многу подеми и падови, ВМРО низ кои се изродиле водачи и оставиле трага, луѓе како Гоце Делчев, Карев, Сандански, Пере Тошев, Чакаларов, Ѓорче Петров, Александров, и многу други.
ВМРО е секој македонец и тоа не е екслузивно право на одредени луѓе, тоа му припаѓа простум на секој родољуб кој ја сака и почитува својата земја, бидејќи В.М.Р.О постоело и кога не постоела Македонија затоа што оваа организација е пред се народот.
Драги браќаи сестри,
Денес Македонија се соочува со сериозни предизвици и искушенија.
Многумина од вас си го поставуваат прашањето како се случи ова, како стасавме до точка каде оние кои се на власт одредуваат што ќе се прави денес, како ќе се работи, кој ќе оди во затвор, а кој ќе оди на слобода, како стигнавме до точка на колективна депресија каде граѓаните со презир гледаат на политиката и имаат надеж што побрзо да ја науштат земјата, како се случи веќе народот да не носи одлуки и да се чуствува тргнат на страна во својата земја, а некој друг се однесува како нејзин сопственик, како стопан кој одредува колку тендери ќе се украдат, кој може да прави милиони додека земјоделците гладуваат, кој може да има стипендии додека вистински талентираните деца се по аеродромите низ светот, отпатувајќи со надеж никогаш да не се вратат дома, како се случи граѓаните кои иако кажаа што мислат за договорот со Грција нивниот глас да остане неслушнат?
Одговорот на ова сепак треба да се побара годинаипол порано и во изборот на оваа влада која сега е власт во земјава. Знам дека тогаш многумина поверуваа, но факторот време покажа дека нема ништо од 500-те евра плата, од повратот на ддв, од зголемената поддршка за земјоделците, од плата за докторите од 1000 евра, од субвенции за компаниите, од ветувањата за живот. Ништо не исполнија, а нема ниту една област во која се живее подобро, и додека тие тонат создавајќи од нашата држава политичко мочуриште во кое сите сакаат да не вовлечат, во живиот песок на неморал, репресирани луѓе и криминал, го менуваат името затоа што тоа им е единствената политичка инвестиција која веруваат дека ќе ги одржи на власт.
И човек се чуствува заморен од демантирање на оние еден тон лаги со кои сакаат да го посипат ВМРО-ДПМНЕ само за да се одвлече вниманието од вистинските теми.
И се за што говореа и се за што лажно се бореа во минатото се покажа дека не е така. Излезе се на површина. Велеа дека ќе го сочувале уставот, а видовме дека и бонус договорија, не само смена на уставот туку и менување на идентитетот. Велеа дека биле демократати, а кумуваат со најголемата цензура врз медиуми досега видена. Велеа дека ќе биле против полициското насилство, а веднаш поитаа да тепаат народ пред Собрание, велеа дека ќе биле за правда и правдина, а тие преку политичко судство и зделки со уценети пратеници прават пазар со името.
Се сеќавате само колку многу оцрнуваа луѓе, прогласуваа за криминалци за случаи наводно вредни милиони евра. 5, 10, 50 милиони евра, ме обвинуваа потоа дека јас се борам за нивна амнестија, а сега кога тие споменуваат таква работа, станувало збор за помирување. Колку само контруираа и запечатуваа судбини за 27 април, а еве гледаме дека дел од тие луѓе се нивниот најпосакуван излез.
Во мојот живот, мојот татко ме учеше дека принципите се се во животот, достоинството и угледот кој се остава на потомците. Углед тешко се гради, но лесно се руши. Таков сум како човек, таков сум и како политичар и затоа многу тешко ми паѓа како некој се коцка со принципи, како некој лесно си го урива достоинствто.
И доволете тука да споменам една мисла на Гоце Делчев кој рекол дека “јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови како македонскиот”.
Сепак и јас сум само човек, еден од вас, кој некогаш го совладуваат чувствата и морам да кажам дека Црниот Петок беше еден од најтешки денови во мојот живот. Не само поради тоа што се изгласа во македонскиот парламент нешто што не беше одобрено од македонските граѓани, процес за преименување на нашата земја, туку затоа што во тоа учествуваа и 7 пратеници од ВМРО силно потпомогнати од структури кои се ставија на располагање на власта, следејќи го својот личен интерес, одејќи против ставот на партијата, против членството и против волјата на народот.
Браќа и сестри, а сега малку за нашите актуелните вмровските работи, директно и без заобиколување.
Ни се случи црниот петок. Бевме сведоци на предавство на нашата Татковина, предавство во кое за жал, за голема жал, учествуваа и наши доскорешни сестри и браќа!
Тивко е на Ножот, прочитав еден фејбук статус таа вечер, очигледно со алузија на историската епопеја и паралелата со денешните настани. Тивко и пеколно болно беше во моето срце таа вечер. Тивко и мачно беше во нашиот штаб. Тивко, мачно, болно, гневно, очајно беше во македонските домови, во македонските градови и села.
Сакам денес овде со вас, пред вас и пред целата македонска јавност, директно да се обратам до оние кои паднаа, кои не останаа на висината на задачата, кои дезертираа, кои не издржаа.
Знаете ли што покрај предавството кое го направите кон Татковината која ве одгледала силно не заболе таа вечер?!
Знаете ли што ги параше нашите срца?!
Што пиштеше во нашите души?!
НЕ ЗАБОЛЕ И ТОА ПЕКОЛНО БОЛНО – ТОА ШТО ВЕ ВИДОВМЕ СО ПОДСВИТКАНА КИЧМА!!!
Не подвиткана како онаа на Заев, кој можеби и воопшто нема кичма, но од црниот петок наваму и вашите кичми се подсвиткани!
НЕ ИЗДРЖАА ВАШИТЕ ПЛЕЌИ!
Не издржаа иако до пред некој ден не убедувавте, се фалевте и ширевте митови дека на вашите плеќи се крепи Македонија!
Не издржавте, иако знаевте дека за огромен дел од вас СЈО ви монтира и пакува случаи во удбашки стил!
Попуштивте, иако знаевте дека сите патриоти од 27 април се тотално невини!
Колку и вие да се замилсувате и самоубедувате дека не поткленавте, дека вие сте оние со визија, а ние не ја разбираме политиката, ќе остане фактот дека со вашата крената рака само си ја свиткавте кичмата.
Од удирањето во гради Ве заболеа плеќите!
Кога гледав како еден по еден кревавте рака за предлогот на Заев, со секое стиснато копче срцето ни се кинеше. Пеколна болка е тоа.
Направивте неприроден, недостоинствен, неавтентичен потег со тоа дигање на раката и така ја срушивте вашата кичма.
Затоа и веќе колку и да се трудите нема да можете да чекорите простум! Дека нема да можете да погледнете на народот во очи!
Ги скршивте нашите срца, ги повредивте нашите души!
МЕ ИЗНЕВЕРИВТЕ! ЈА ИЗНЕВЕРИВТЕ ВМРО-ДПМНЕ! ЈА ИЗНЕВЕРИВТЕ МАКЕДОНИЈА!
Ја изневеривте Македонија која ви ги даде сите животни удобства! Го изневеривте секој член кој макотрпно работел за вие да стекнете слава и успех. Го повредивте Македонецот.
Зарем не ви е непријатно да Ве бранат оние кои до вчера ве напаѓаа?
Зарем е чесно да имате исти говори, исти зборови, напади како оние на СДСМ, на Бихачка ли Ви ги пишуваат говорите?
Зарем не ви е срам дури и да прославувате во вечерта кога Македонија и Македонецот плачеше!
Како чекорите кога Ве чуваат оние кои до вчера Ве апсеа неосновано и нечовечки?
Цел живот ќе ме мачи ова прашање – зошто не издржавте?
А малку фалеше. Само малку фалеше!
Да одговоревте на задачата, да не свиткавте кичма, Заев беше готов!
Вие само му ја продолживте за малку политичката кариера на Заев на сметка на Македонија. Влеговте во неговиот ол ин план, со кој срамно тргува со илјадници македонски души.
А да издржевте ќе одевме на избори! И ќе го победевме злото! Ќе го победевме Заев!
Па нели свативте дека беше готов. Дека бегаше од избори како ѓавол од крст. Слаб е и уште повеќе ќе слабее, а вашата инјекција ќе му трае кратко.
Ќе одевме на избори на кои ВМРО-ДПМНЕ, заедно со народот убедливо ќе победеше
Ќе ја ослободевме државата од мафијашката Коалиција на Заев и Шеќеринска, и Вице и Анѓушев.
Ќе ви гарантиравме независно судство, и така ќе можевте да ја добиете правдата. Кој се огрешил со финансиски криминал и за кој ќе имаше докази, во една независна и ослободена од политички притиок постапка, ќе одговараше. Кој ќе приложеше докази дека е невин ќе ја добиеше правдата, како што во еден случај во независно судство гонетите од 27 ќе добиеја слобода и правда.
Драги сопартијци,
Вечно ќе патам за пропуштениот момент
Ќе ме мачи тоа што вие кои не изневеривте, не ми дадовте шанса да го поразам Заев, не ни дадовте шанса!
Зошто ни ја одземавте можноста да го победиме на избори, и тоа кога беше готов?!
Но нема очајување.
Сега ни избега со помош на предавството на нашите браќа и сестри, но нема да може вечно да бега.
Кога тогаш ќе се соочиме, и заедно со народот ќе го поразиме Заев, а ќе ве поразиме и вас новите негови другари и коалициони соработници.
Погледнете во историјата, видете дека така ќе биде.
Ме потценивте! Не потценивте. Затоа ќе ве победиме, и тоа на купче сосе заев.
Почитувани граѓани на Република Македонија, сакам и една порака до вас.
Ве молам не ја обвинувајте ВМРО-ДПМНЕ, не ја валкајте ВМРО. Одговорноста има име и презиме и таа е лоцирана во поединци кои скршнаа од патот, за жал по цена која ја плативме ние граѓаните.
Но, ВМРО-ДПМНЕ не е виновна. ВМРО-ДПМНЕ е најверниот сојузник на народот.
Ние без народот не можеме.
Ние од ВМРО-ДПМНЕ заедно со вас граѓаните сме си потребни еден на друг.
Нема кој друг, ако не ние заедно.
Почитувани граѓани,
Дајте ни подршка.
Да се обединиме сите заедно.
Потребна е акција и потребно е окрупнување.
Да ги збиеме силите. Заеднички. Принципиелно. Силно.
Упатувам порака до секој граѓанин кој е потиштен од оваа ненародна власт, а такви се многу, до секој еден работник, пазарџија, лекар, пензионер, луѓето од маало, по парковите, градежниците, полјоделците, студентите, вработените и невработените, малиот бизнис, семејните бизниси, големото стопанство, сите ние – ДА СЕ ОБЕДИНИМЕ.
Ова зло мора да биде поразено и ќе биде поразено. Прашање на време е.
Сакам да упатам порака до интелектулната заедница, до професорите, до уметниците.
Ви подавам рака. На секој еден од вас. Мора да се бориме заедно, бидејќи ако тоа не го направиме заедно и ќе потонеме. Не седите со скрстени раце, сега е времето!
Не дозволувајте пред очи да исчезнува нешто што нашите татковци и мајки, и дедовци и баби, со крв, пот и солзи го граделе и создавале.
Ви подавам рака, активирајте се. За модалитетите ќе разговараме, но битно е заеднички да застанеме на браникот! Македонија Ве повикува.
Ќе го победиме, ќе ги поразиме, доаѓа подобро време и веќе почнува да мириса на победа. Победата е на дофат. Чекориме кон неа.
Чекориме заедно со стотици илади македонски души и срца, кои знаеле да ја одберат правата страна. Кои веќе ја обраа правата страна, страната на Македонија.
Ние сме генерација која знае и може, која ја љуби Македонија повеќе од се на овој свет, и која ќе победи – ви гарантирам.
Ајде да застанеме под бајракот на Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ ќше биде најголемиот, најсилниот, најстабилниот сојузник на Македонскиот народ. Како што било, како и што ќе биде.
Ние со нашата преродба и реформа завршивме. Спремни сме. Фокусирани сме, концентирани сме, се повеќе стауваме силни, и силно сме мотивирани и енергизирани, иамме и храброст, а и лудост, а најмногу мудрост за да ги оствариме своите цели.
Драги пријатели,
Во целиот овој период се држев до две работи- до вистината, и до народот. И колку и да се шират дезинформации, и колку некои да ме прават одлепен од реалноста, да направат дека тоа е нереално, вистината е дека имаше притисоци врз пратеници и тие беа од власта, и дел од пратениците влегоа со лични аранжмани со власта надевајќи се на својата слобода, но разочарувајќи го народот. Дел од нив тоа и лично го признаваат.
И после се кога ги гледам оние точки- барања кои ги лиферуваа 8-те пратеници од опозицијата кои гласаа за, со кој наводно ќе ги подобреле уставните измени, само ми ја зголемува тагата за она што го прават. Господа не се залажувајте добро се знае дека тука не е во прашање лично убедување, туку вашиот личен интерес. И како ВМРО-ДПМНЕ не можам да толерирам тоа да се случува.
Немојте да ја замајувате јавноста со некакви комисии, форуми, кои треба наводно да донесат правда, за да дополнително се заташка рабоатата. Власта сака низ тој процес на борба за помирување да донесат некаква неселективна правда која што во основа е неправда, затоа е потребна слобода и правда за сите. Дајте донесете закон за амнестија кој го предлагаме за сите учесници за 27 април, за да има и неселективна правда и слобода за сите.
Почитувани,
Очигледно дека дел, повторувам дел од оние структури кои се опфатени со политичкиот прогон на власта не дочекаа политички со аргументи да се спротивстават на ова зло кое управува со земјата туку решија да одработат валкана работа за оваа власт и да се стават на располагање. Тоа е нивниот избор, како што е мојот да продолжам напред со реорганизирано ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак ќе нотирам дека има и огромно мнозинство кое не потклекнува на уцените и заканите од власта и кое по цена на сопствената слобода продолжува да служи на народот, и тие луѓе ја имаат мојата почит.
И во наредниот период од месец до два очекувам да продолжи истата медиумска амрадила оркестрирана од еден ист центар со валкање на моето име, и нема да се штедат измислици, и невистини со кои ќе сакаат да ја избришат вистината, па ќе кажуваат дека сум имал вакви или такви бизниси, дека сум земал пари од вакви или такви финансиери, дека сум играл нечесно, дека сум бил происточно ориентиран, и што уште не, па потоа ќе следи уште една кампања за тоа како ВМРО е небитно, како Мицкоски е слаб, нема контрола, дека паѓаме дека има вакво или такво крило и таканатаму. Забораваат дека Македонија е мало место и се се дознава па и ваквите планови за ширење на невистини, но едно треба да знаат дека тоа нема да не ослаби, туку ќе не направи посилни, уште повеќе мотивирани да истраеме и победиме. Затоа што вистината е нашиот најголем сојузник.
ВМРО ДПМНЕ ќе прави пактови, ќе урива бариери и ќе ги обедиува сите поединци, струи, организации, интелектуалци, млади, и зрели личности кои се загрижени за состојбата во државава.
Сакам да се обратам и до чесните членови на СДСМ. Знам дека се чуствувате обесправени, дека голем дел од вас не сте среќни со она што се случува со вашата партија и со нашата земја, и без оглед на се, Македонија ви е најважна. Неможете да сте и вие среќни кога гледате дека колективната несреќа завладува во нашето општество. Треба да го кренете гласот, бидејќи ова не е иднината која ја посакувате, обединети во нашата заедничка мисија за Македонија, добредојдени сте во отпорот против ова зло, олицитворено во Заев.
Драги браќа и сестри,
Некој ќе рече се е готово, се пропадна, јас ќе речам ништо не е готово, откажувањето не е опција. Владата веќе нема легитимет, а денот кога и да бидат изборите јас ќе ве потсетам да не верувате во оние кои веќе еднаш за се ве излажаа.
Водењето на држава е како семејството. Сега ви дојдоа натрапници во дворовите, непоканати ви го заседнаа вашиот имот, ако не ги спречиме ќе дојдат и ќе ви го одземат ходникот, па кујната, па дневната, на крај ќе ви ја одземат куќата, а никој од вас нема да биде моќен да го повика соседот отспротива, бидејќи и тој ја има истата мака со натрапниците. Ако не го кренеме гласот сега против ова зло ќе продолжиме да ја губиме земјата, дел по дел, чекор по чекор. Затоа е потребно да се кренеме против да бидеме обединети и сложни додека не биде предоцна.
Имаме земја која ја сакаме, на која сме горди и која немаме намера да ја изгубиме.
Вие одлучувате. Имате две можности, една Македонија која тоне и друга која забрзано се развива. Една Македонија на СДСМ – земја со уништена економија, загубени работни места, понижена дома и во страство и Македонија предводена од новата генерација на политичари на ВМРО-ДПМНЕ кои се подготвени за да ја донесат промената која долго ја посакувате.
Иднина која е подобра од сегашноста, иднина која засекогаш ќе раскрсти со мрачното минато.
Јас немам никаков интерес да бидам политички коректен кон Зоран Заев и неговата свита – тие не го заслужуваат тоа. Јас имам ДОЛЖНОСТ да бидам коректен и вистинит само кон мојот народ.
Зоран Заев и Радмила Шеќеринска не можат да бидат решение на проблемот – тие СЕ проблемот на оваа држава. Последните остатоци од мрачната транзиција, морничави сенки кои стојат помеѓу нас и нашето место под сонцето.
На Македонија и требаат политичари кои имаат силни принципи и кои можат да ја обединат нацијата околу заедничките вредности. На Македонија и требаат лидери на сите нивоа кои ќе ја отфрлат омразата и поделеноста кои го трујат нашето општество. Можеме и имаме право да сакаме, да ги сакаме нашите најблиски, нашите семејства, нашите пријатели и да им простиме на оние со кои гласно не сме се согласувале. Зашто длабоко во себе верувам дека сите кои живееме под ова сонце и сите кои чекориме по ова парче земја, сите сакаме едно исто. Македонија.
Македонија е земја на добри, вредни и несебични луѓе, кои премногу долго се водени од злонамерни, мрзеливи и себични политичари. Не можеме да продолжиме вака.
Никогаш не дозволувајте да ве убедуваат дека не можете да го имате тоа што го сакате во животот. Никогаш не дозволувајте да ве лажат дека тоа што го посакувате може да ви биде подарено од страна. Ние можеме да имаме држава каква што сакаме, но за неа треба ние да сработиме и никој друг. Никој друг нема да дојде да ја заврши работата за нас.
Никогаш не дозволувајте да ви кажат дека Македонија е премногу мала и немоќна за да победи, затоа што не постојат мали и големи држави и мали и големи народи. Постојат само луѓе кои се малодушни и луѓе кои веруваат дека се творци на сопствената судбина.
Тажната вистина е дека Македонија го допре дното со Зоран Заев на чело. Среќната околност е што од сега, ние можеме да одиме само нагоре.
Им се обраќам на сите граѓани на нашата држава, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци: на Македонија и требаат вашата енергија, вашата сила, вашите таленти и способности, вашите соништа и надежи. Цврсто верувам дека заедно ќе ја напрвиме Македонија земјата за која сме сонувале и која сме ја посакувале. Не можеме да си го дозволиме некомпетентноста и срамот на Зоран Заев.
Македонија сеуште ги нема видено своите најдобри денови. Тие се пред нас.
А, ако патот до таму води преку македонското политичко мочуриште, исполнето со транзициски ликови, тогаш ќе го поразиме и ќе го тргнеме од нашиот пат. Еднаш за секогаш.
Процесот на европеизавција на Македонија е прашање на внатрешната политика, која понатаму ќе се огледа во надворешната политика..Евроепизацијата треба да почне од дома, од нашиот систем на вредности, нема незаслужени работи, а нас не чека многу работа.
Да промениме системот по европски стандарди. А ЕУ е нашата цел.
……..
Драги браќа и сестри,
Никој нема да ви го скрши духот, никој не може да ви го одземе она што природно ви припаѓа.
ВМРО-ДПМНЕ е единствената политичка опција која има и сила и знаење и мотивација да им стави крај на неправдите и неуспехот.
ВМРО-ДПМНЕ произлегува од народот, припаѓа на народот, а тој, секогаш победува.
Нема време за очајување, Македонија мора напред, со принципи, мудрост и храброст. А ВМРО ДПМНЕ од секој предизвик ќе излезе посилна, поцврста и поуспешна.
И затоа Македонијо, напред! Македонијо, напред!
Да сте живи и здрави,
Да живее ВМРО
Да живее Македонија.