Не живејте во лаги

Размислете за следново:

Ние сме веќе до толку безнадежно дехуманизирани што за обична, скромна порција храна за да го протуркаме денот подготвени сме да се откажеме од сите наши принципи, од сите напори на нашите предци и од перспективата на нашите потомци – само за да не го обеспокоиме нашата кревка егзистенција. Ни недостасува издржливост, гордост и ентузијазам“.

Сега заменете ги зборовите „скромна порција храна“ со „членство во НАТО и во Европската Унија“ и препрочитајте го параграфот.

Или ова:

Стигнавме до самото дно. Сеопштата духовна смрт не зафати сите нас, а физичката смрт наскоро ќе се разгори и ќе не однесе и нас и нашите деца – но ние се уште кукавички се смешкаме и мрмориме со врзани јазици. Но како да ја спречиме судбината? Немаме сила за тоа!“

Можам да продолжам уште.

Што е ова, ќе се запрашате? Одговорот е „Не живејте во лаги“, последниот есеј на рускиот дисидент Александар Солжењицин пред да биде протеран во Западна Германија во 1974 година; секако, од таму неговите текстови станаа уште поинтензивни, со предупредувања до Западот што го чека. Есејот е „повик на морална храброст и светилка за сите што ја ценат вистината“ (според Православие Денес).

Што значи тоа „да не живееме во лаги?“ Според американскиот писател Род Дреер, чија најнова книга е исто така насловена „Не живејте во лаги“, „Солжењицин бил свесен дека обичните луѓе немаат сила да ја сменат својата положба“ под власта „но едно нешто што можат да го сторат е да одбијат да се преправаат дека не гледаат или дека се согласуваат со тоа што се случува. Целиот систем е лага, и колку што можат, сите мажи и жени кои имаат интегритет би требало да ја повлечат својата согластност или да одбијат да учествуваат во него“.

Јасно е дека Македонија влезе во НАТО и ќе влезе и во ЕУ (доколку ЕУ се уште постои по десет години) поради лаги. Еве некои од лагите: Македонија не е истата Македонија за која Македонците се бореа со векови во периодот на создавање на национални држави. Таа е сега нешто поинакво, со сменето име, земја која на другите им дозволува да изнесуваат тези дека Македонците се „нов“ народ со „нов“ јазик и со „нова“, скорешна историја.

Лаги, лаги и уште лаги. Со тие лаги Македонците добија влез во НАТО и ќе добијат влез во ЕУ (штом се согласат да прифатат дополнителна низа лаги, сега сервирани од Бугарија).

Солжењицин не учи што мораме да сториме за да се ослободиме од лагите: „Лично да не учествуваме во ширењето на лагите. Иако лагите прикриваат се, иако лагите се шират насекаде, јас нема да придонесам во нивното ширење“.

Назад на оригиналното значење на насловот – што можат македонските „мажи и жени со интегритет“ да сторат во врска со тоаш то се случува? Би рекол дека многумина – можеби повеќето од вас – веќе прават се што е во рамките на нивните можности. Тие можат – и мораат – да им ја кажат на своите деца вистината за Македонија, за нејзината историја, јазик, за верата на Македонците, за културата… Кога сте соочени со луѓе кои ја негираат Македонија, независно дека тие се во македонската Влада, македонските елитисти кои веруваат во секакви будалаштини, или со западните меѓународни елити кои шират будалаштини за вас – Македонците и Македонките со интегритет мораат љубезно но цврсто да им кажат дека се што кажуваат е лага, дека никогаш нема да ги прифатат нивните лаги и дека ќе работат да ги исправат неправдите.

Ние сме веќе до толку безнадежно дехуманизирани што за обична, скромна порција храна за да го протуркаме денот подготвени сме да се откажеме од сите наши принципи, од сите напори на нашите предци и од перспективата на нашите потомци – само за да не го обеспокоиме нашето кревка постоење. Ни недостасува издржливост, гордост и ентузијазам… Стигнавме до самото дно“, вели Солжењицин.

Да, безмалку сме на дното. Честопати се осврнував на оваа помисла – дали нештата мора навистина да дојдат до дното пред Македонците да се кренат и да си го земат назад тоа што е свое?

Во меѓувреме, некои Македонци изгледа се подготвени да ја прифатат својата кревка егзистенција, и го прифаќаат дехуманизирањето кое произлегува од нивното клечење пред соседните држави. Безбожните западни елити, и некои од Македонците, кои сега се на власт, копнеат по минлива власт и престижот кој го добиваат со откажување дури и од своето постоење.

Но не се сите Македонци такви.

Јас верувам дека се повеќе Македонци ги прочитаа лагите кои ги шират актуелната Влада на Македонија и нејзините раководители меѓу западните елити. Верувам дека се повеќе и повеќе Македонци се креваат, решени да не живеат во лага, дека Македонците можат да ја земат судбината во свои раце, само и само како Македонија, само и само како Македонци.

При крајот на неговиот живот, во едно интервју Солжењицин вели дека „Животот може да е горчлив, но ние сме посилни бидејќи можеме да го издржиме. Ако не можете да влијаете на нештата на пошироко ниво, можете со својата работа и со добрините кои ги правите да помогнете во зачувување на своето семејство и да им помогнете на тие околу вас… да не се живее во лага е вечен принцип“.

пишува:

Џејсон Мико