Надуени демагози

Надуен демагог. Тоа е фер опис за Метју Палмер, помошник заменик државен секретар во американскиот Стејт Департмент.

Надуен обично значи некој што зборува прекумерно, напорно или празно, додека демагог значи притоа да користиш популистички идеи и предрасуди наместо рационални аргументи. Токму тоа го прави и Палмер. Пример е соопштението на американската амбасада во Македонија од 26 март. Палмер имал телефонски разговор со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при што, според ова фејсбук соопштение, „Палмер укажал на важноста која САД ја придаваат на тоа нашиот најнов НАТО сојузник да има стабилни владеачки институции кои ќе покажат евро-атлански вредности, и дека се потребни конструктивни и ангажирани позиции. Палмер ги охрабри Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да соработуваат со другите во разрешување на предизвиците со кои е соочена земјата, како што е надминување на разликите со Бугарија и да се обезбеди пописот на населението, кој е важна статистичка алатка за подобро владеење, да биде успешен“.

Изјавата на Палмер беше објавена на Фејсбук за да се испрати порака до јавноста. На крајот на краиштата, Палмер не мораше да го објави соопштението, но го стори тоа за да изврши притисок врз Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, кои гледаат дека поддршката за пописот кај патриотски настроените Македонци опаѓа секојдневно, а да не зборуваме за апсолутната решителност на Македонците да не се откажат од својата историја и идентитет во полза на Бугарија. Сценариото кое амбасадата се обидува да го избегне, а воедно и Заев, е Македонците масовно да го бојкотираат пописот со што целиот процес ќе стане дискредитиран.

Во меѓувреме, додека се пренесуваше пораката на Палмер, на Твитер се огласи Фил Рикер, вршител на должноста помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања, со видео соопштение пренесено преку американската амбасада во Македонија. Во него, Рикер и „честиташе“ на Македонија за нејзината прва годишнина во НАТО. Пораката на ова видео беше фокусирана на членството во НАТО, добро познатата реторика како сега сме „рамо до рамо“, важноста од членството во ЕУ, честитки за таканаречениот Преспански договор и договорот со Бугарија, пофалби за Заев и другите криминалци во владата и така натаму. Пет минути мачнина од уште еден надуен измамник и демагог.

Палмер, Рикер, американската амбасада, Стејт Департментот и други како нив вршат постојани, систематски напади врз Македонија и Македонците. Овие луѓе мислат дека можат да ви упатат барања и декрети и вие ќе ги слушате. Всушност, тие се навикнати на ова и очекуваат и бараат да ги слушате. Тие не се административни службеници колку што се сметаат за римска аристократија.

Еден од проблемите со луѓето како Палмер и Рикер – а верувајте, има многу проблеми со двајцата – е што сериозно веруваат дека нема да бидат повикани на одговорност од никого и ја користат нивната позиција за да ја покажуваат својата моќ. Овие особини водат кон горделивост, прекумерно давање значење сами на себе и живот во меур во кој се изолирани од „небањатите“ (и Американци и, во нивниот случај, Македонци). Тие стануваат апсолутно решени се да биде по нивно. Да бидеме фер, нивните кариери сепак се под закана и дел да напредуваат во службата за нив е да натераат други држави, како Македонија, да ги исполни нивните барања, независно што потоа ќе се случи со нив.

Барањето Македонија да спроведе попис во време кога, поради неспособноста на владата која Палмер и Рикер толку ја испофалија, малкумина граѓани се вакцинирани, а во исто време расте бројот на заразени граѓани, е не само нелогично туку и неприфатливо. Луѓе ќе умрат поради нивната лудост и нивната крв ќе биде на нивните раце – не дека на Палмер му е гајле за тоа.

Постапките и зборовите на Палмер ќе имаат спротивен ефект – Македонците само уште повеќе ќе ја замразат администрацијата на Џо Бајден поради него. Дополнително ќе се намали бројот на Македонци кои сметаат дека САД се грижи за нивните интереси или пак стои „рамо до рамо“ со нив. Ова може да ги поттикне Македонците да се свртат кон други спонзори. Од друга страна, можеби токму тоа е и целта на Палмер – да ги подели Македонците на лево и десно и да ги подели Македонците од етничките Албанци во Македонија – пораката која што ја слушаме од него е понижувачка за Македонците, а на Албанците таа им одговара, бидејќи нивното раководство во Македонија не сака да види суверена Македонија.

Ако Македонците не се секогаш подготвени да им возвратат на луѓе како Палмер и Рикер, јас како Американец – кој сум принуден да им ги плаќам платите и да го финансирам нивниот луксузен живот – немам проблем да им кажам да кршат глава. Не сум сигурен дали се свесни за штетата која ја предизвикуват во американско-македонските односи, но и да се, можеби не им е гајле, бидејќи знаат дека порано или подоцна нивната престижна кариера ќе ги однесе во друг дел од светот и нема да претрпат никакви последици за злоделата кои ги извршија во Македонија – или во било кој друг дел од светот. А за нивната совест? Такви луѓе немаат совест.

– – – – – –

Филмот Скриен Свет од 2019 година е посветен на Франц Јагерстатер, австриски селанец во Втората Светска Војна кој е повикан да служи во нацистичката армија, но одбива да му се заколне на верност на Хитлер. Тој плаќа со животот за своите принципи. Во средината на филмот има сцена во која нацистички стражар го тепа Јагерстатер во неговата ќелија, и му вика „можам да ти направам што сакам, никој не може да ти помогне!“

Во 2007 година Јагерстатер беше беатификуван од папата Бенедикт Шестнаесетти. А нацистичките стражари, неговите измачувачи и неговиот убиец? Тие се мртви и одамна заборавени…

пишува

Џејсон Мико