Малигното влијание на одредени медиуми и професори

Кит Браун бара од вас да си го заборавите минатото.

Балкан Инсајт сака да се нарекувате „Северномакедонци“ и се што треба да се нарекува „македонско“ да стане „северномакедонско“.

Да беа ова изолирани случаи од непознати поединци и организации, не би бил загрижен. Но не се.

Кит Браун е директор на центарот Меликиан за руски, евро-азиски и источно-европски студии на Државниот универзитет во Аризона (АСУ) во Темпи, Аризона. Има напишано две книги за Македонија и беше стипендист на Фулбрајт за национална историја во Скопје, Македонија, од 2012 до 2013 година. Можете да прочитате повеќе за него тука и да видите што предава и за што се интересира. Јас го запознав во 2015 година, додека предаваше на универзитетот Браун во Роуд Ајленд, каде јас имав презентација на документарниот филм „Името е име“. Тогаш ми кажа дека, според него, најдоброто име за Македонија би било „Централна Балканска Република“.

Браун потекнува од Обединетото Кралство, но ако прочитате дел од материјалите објавени од страна на центарот Меликиан, ќе забележите дека се смета себеси за „граѓанин на светот“. И порано сум рекол, ова значи „граѓанин на ништо“. Сме биле во комуникација неколку пати и делува како релативно љубезен човек, но неговите ставови, како и ставовите на многумина како него, се цврство насочени против постоењето на национални држави и национален суверенитет, а во полза на транс-национални влади и институции.

Во неодамнешно интервју објавено од Глобални Гласови, Браун ја објаснува потребата од имањето критички осврт кога ја учиме историјата. Тој вели дека, за него, „…иако звучи парадоксално, критичкото гледање на нештата бара да го одучиме тоа што навистина се случило…“. Како пример, тој го нуди таканаречениот „проект 1619“ на весникот Њујорк Тајмс, со кој се прави обид основањето на Соединетите Американски Држави да се поврзе со годината 1619, кога првите робови биле донесени на американскиот брег, а не со 4 јули 1776, што е роденденот на американската независност. Проектот 1619 беше силно критикуван од историчарите, а во изминатите неколку месеци се покажа дека весникот изменил делови од описот на проектот без да и каже на јавноста дека го прави тоа. Ова беше многу нечесно од страна на весник кој се нарекува „службен весник на САД“. Тоа што Браун го фали проектот 1619 е доволно сите да се замислиме за неговиот приод како историчар.

Мојот спор со Браун е во следното: Република Македонија е создадена како современа, национална држава во 1991. Тоа е факт. Македонците се народ со многу постар одделен идентитет, јазик, култура и историја. Колку стар? Не знам. Но знам дека во интерес на националната безбедност на Македонија и на стабилноста на регионот клучно е македонската историја, така како што на неа гледа македонскиот народ, да биде и понатаму изучувана и пренесувана од една генерација на другата. Ставот на Браун е дека треба да го „одучиме“ тоа што сме го научиле претходно. Според мене, ова е многу опасно. Враќајќи се на тоа што Браун ми го кажа за името на државата, би рекол дека тој е согласен Македонците да постојат како народ кој го зборува македонскиот јазик (кој се изучува на неговиот универзитет АСУ), но се обидува да ги тргне на страна македонската историја, култура и традиција. Ова е опасно бидејќи им дава „пас“ на тие кои сакаат да ја поделат и уништат Македонија, како на пример Бугарија која ја бара Македонија за себе. Кога бугарската министерка за надворешни работи инсистира дека Македонците мораат да ги признаат своите „бугарски корени“ и практично да признаат дека сите Македонци се „Бугари“, и заедно со инсистирањето на Браун дека мора да го „одучиме“ нашето минато, нема многу да помине а ние ќе се најдеме во вистинска опасност.

Одиме понатаму. Балкан Инсајт.

Тоа е псевдо-новинарско издание кое, да зависеше од парите од претплатата и рекламите од приватниот сектор немаше да опстои ниту две недели. Но, Балкан Инсајт се финансира главно од пари на даночните обврзници – парите од САД и ЕУ, главно преку нивните амбасади и разните владини институции (како НАТО), а и од парите на неколку аналитички центри и фондации. Нивниот светоглед е меѓу центарот и крајната левица, и, како Браун, и тие не веруваат во идејата за суверени национални држави.

Од неодамна, Балкан Инсајт почна Македонците да ги нарекува „Северномакедонци“ во своите „извештаи“ (попрво би ги нарекол уреднички коментари). Само овој октомври, во три текстови за Македонија, Балкан Инсајт користеше „северномакедонски“ за македонските пратеници, невладини организации, преговори за членство, и за „северномакедонскиот“ главен град Скопје. Во минатото пишуваа за „северномакедонското“ општество, медиуми и за „северномакедонскиот социјал-демократски лидер Зоран Заев“. Нивните новинари би требало добро да знаат колку е ова погрешно. Оттаму, претпоставувам дека се или: а. немарни и не си ги препрочитуваат текстовите, или, под б. дека намерно ја користат оваа нова придавка. Веројатно се работи за комбинација на двете причини, но имајќи предвид кој ги финансира – пред се западните елитисти, и кој ги чита – пред се истите тие елитисти како и новинарите од другите медиуми, мораме да претпоставиме дека Балкан Инсајт со ова им дава „дозвола“ на другите да почнат Македонците да ги нарекуваат „Северномакедонци“ и се што е „македонско“ да го нарекуваат „северномакедонско“.

(За список на медиумите кои ја користат оваа придавка може да кликнете тука)

Ова се само два примери на медиуми и професори кои шират малигно влијание. Не велам дека тие се малигни сами по себе, како писатели или професори, но нивната работа, нивниот начин на гледање на светот, ќе има многу негативно влијание врз Македонија. Мораме да бидеме свесни за тоа.

пишува

Џејсон Мико