Македонија! Наша желба секаква

Текстов им го посветувам на оние лигуши, кои наместо храброст одбраа понижување, наместо почит, презир, на оние кои слободата ја приграбуваат за себе за да од другите да направат робови, на тие кои се доминантни во власта а се дебело малцинство во народот, и за кукавиците безбедно сокриени во рововите и бункерите, кои после бојот никнуваат како печурки по пролетен дожд и на хероите лицемерно им отвораат споменици, држат пофални зборови и едвам чекаат да заминат дома за да ги исмејуваат.

И овие не се најлошите. Порано храбрите луѓе кои својата “храброст“ ја капитализирале здобивајќи се со погодности и привилегии и се претвориле во најодвратни кукавици. Е, тие се најлошите и за себе и за како пример.

Затоа, вас најголемиот број честити домаќини, лојални граѓани на општеството ве замолувам максимално да се оградите од нив, да ги изолирате и да ги оставите душевно да се измачуваат во сопствениот карантин што сами си го определиле.

Само така нема да бидете капак на лонецот во кој се подготвува предавството на македонскиот народ и Република Македонија. Бидете уверени дека Господ ова ќе ви го запише во добрите дела.

Зошто не за храбрите. За нив раскажуваат и пишуваат светците, ние обичните смртници не сме достојни тоа да го правиме. Скромни се и никогаш не зборуваат за себе, а и не сакаат други да ги фалат. Храброста и слободата не ги чуваат за свои, галантно ги даруваат на немоќните, нивните дела се безвремени, а тие живеат и после смртта, додека другите воопшто и не живеат.

Не плашете се да бидете храбри. Денес тоа е лесно. Не ви треба оружје, ни омраза, ни војски, ниту скраја да е паравојски. Доволно е од љубовта што ја имате кон своето семејство да одвоите дел и за Татковината и разум за правилно да ја распределите. Ова со разумот е многу важно.

Суверенитетот и независноста на една држава не се само луѓето, народот, нацијата, мажите, жените и нивните деца. Суверенитетот се однесува и на сите природни богатства на површина и во длабочините на земјата. Сите природни и човечки ресурси што некој пред нас ги оставил, ние од нив сме се насладувале и сега повеќекратно умножени треба да ги оставиме на нашите идни генерации.

Сите материјални и духовни вредности, културно историски наследства, трајни вредности, непресушни извори на опстојот наш, богатства за благосостојба на сите, богатства создадени од нас и од оние кои ќе создаваат после нас за мирен и спокоен живот без болести, војни, несреќи и неволји.

Затоа порачувам. Бидете крајно внимателни на кого кажувате “Добар Ден“, пред кого се поклонувате и кому целивате рака, како што впрочем рекол колосот охридски Григор Прличев: Ако владиката тебе ти кажува “Добар Ден“, а истовремено ве погрчува не смееш да кажуваш дека е добар.

Татковината на никому не должи ништо затоа сé што има ни го дава, а ние сме должни само да ја сочуваме затоа што Македонија припаѓа и на нас, ама и на светот.

Македонија е нашиот заеднички дом, топол и пријатен за сите.

Тоа е една станбена зграда во која живееме заедно и солидарно. Ако прокиснува кровот во едната половина, а ти безбеден и сув не правиш ништо зградата ќе се сруши и сите ќе останеме бездомници. Исто е и ако сакаш станот да го прошириш а го урниш носечкиот столб.

Оние што те охрабриле тоа да го направиш и дека ќе бидеш заштитен, те лажат. Глодате коски што ги фрлаат меѓу нас, што мислите кој го изел месото.

Затоа, да бидеме мудри, да слушаме секого, а да не послушаме никого, да се потпреме, јас на тебе, ти на мене.

Вампирот кој игра околу нас да не дозволиме да се разигра кај нас. Тој не разликува ни вера, ни раса, ни нација, вратните жили од кои се напојува од нашата животна течност не ги разликува. Сите сме за него потенцијални жртви.

Ако ме разбирате, добро, ако не, пак  добро. Јас овде завршувам и станувам од место. Јас од место Господ на место.

За сите и за сé во Македонија, вечна и спокојна.

пишува: Ламбе Арнаудов