Лет над кукавичкото гнездо, како “Менгеле-експеримент“ на власта

Срамно, неодговорно и неморално однесување на власта во Собранието. Пратеници заразени со Ковид-19, облечени со скафандери продефилираа пред и во законодавниот дом како манекени на модна писта. Тоа е дно. Дно на дното. Море и повеќе:  видовме дека морбидноста на власта нема дно.

 

Да, токму така, за еден ден бевме сведоци на “новата политика“ на премиерот Зоран Заев во вид на “Лет над кукавичкото гнездо“(Лет над гнездото на кукавицата“), изведен во вид на  “Менгеле-експеримент“ на министерот Венко Филипче. Во ек на пандемија ковид-19, кога бројот на заразени и починати е загрижувачки голем, Власта предводена од Зоран Заев, во Собранието на Република Македонија, изведе врвен циркус во вид на Dance macabre – танц на смртта. Овие луѓе, Зоран Заев, Венко Филипче и нивните беспоговорни послушници, пред македонската јавност се покажаа како максимално грди ментални шминкери. Луѓе со вишок на форма(скафандери, комбелизони, ракавици, и сл.), но со недостаток на елементарна содржина и есенција. Патолошка им е желбата да се во центарот на вниманието – по секоја цена. Сакајќи да ни се претстават како прекрасна пеперутка од соништата(демек мислат за народот, носат нов сет мерки), јавноста ги доживеа како грда гасеница, ларва која јавно го загрозува здравјето  и животот на другите. Метафорично кажано, тоа се луѓе, кои и кога одат на погреб, сакаат да бидат покојникот. Луѓе кои тестаментот го пишуваат на свое име.

Оваа морбидна ситуација, оваа гротеска на власта, за миг ме потсети на филмското ремек-дело на режисерот Милош Форман(суптилен познавач на човековата психологија и на болестите на современиот свет), “Лет над кукавичкото гнездо“. Тоа е филм, од срце правено уметничко дело во кое се чувствува душата со сите нејзини филигрантски исткаени дамари. Пред очи ми излегоа ликовите на налудничавиот Рендл Мекмарфи(осуден силувач, кој од затвор е префрлен во психијатриска болница, иако не е луд), Милдред Речед, главна сестра во психијатриската болница во Салампоради(симбол на афторитарно и болно општество), Поглавицата Бромден(симбол за посакувана и остварена слобода) и останатите пациенти. Филмот не може да се раскаже. Треба да се гледа и да се доживее. Исто како и настанот во собранието од вчера. Сите пациенти во болницата се заморчиња на сестрата Речед, која редовно им дава огромни дози лекови, по потреба ги “освежува“ со електрошокови,  за да на крајот примени и лоботомија. Не ви личи ова на нашата ненародна и некадарна власт? За Џек Николсон, кој генијално го глуми Мекмарфи, никој не би можел да каже колку е попаметен од лудите во болницата и колку е полуд од паметните што ја водат. Тој повикува на бунт против режимот на страв и молк на злогласната Речед. Неговите шеги и песни и палавости се еден вид на контра-терапија против режимот на Речед. Е па еве ти ја нашата нова нормалност што ни ја сервира Заев. И вчера ин флагранти, на лице место, се уверивме дека оваа власт во Македонија се преврти газ-пеку-глава. И Устав, и закони, и алгоритми и протоколи. Се е доведено под сомневање. И лудоста на болните и нормалноста на здравите. Доверба нема – никој, никому не верува. Исто како и во психијатриската болница во зафрленото гратче Салампоради. Сега, што да ви кажам: Гледајќи како власта малтретира заболени од ковид-19, како ги тормози за наводни “повисоки“ цели, јас ја видов безочноста и бескрупулозноста на власта, која претворајќи го македонското собрание во еден вид психијатриска болница од Салампоради(тон, стил,вокабулар и однесување на собраниските актери), загрози здравје и животи на пратеници, здравствени работници и граѓани.

И така, на најбрутален начин сите алгоритми и протоколи на Филипче и Караџовски се распаднаа како кула од карти. Да ти биле меурчуња од сапуница на издишани балони. На јавна сцена ги прекршуваат, тие што ги пропишуваат, што ги донесуваат и што се најодговорни за нивно спроведување. На тој начин тие преку “Менгеле-експеримент“ воведоа институционален хорор. Дефинитивно, на оваа заевистичка мега-паланка лек и нема. Се прашувам што им фали на овие луѓе да бидат нормални? Очигледно, многу нешта. А најмногу желба да бидат нормални. Наместо да работат на надминување на овој нивни дефицит и хендикеп, тие шират неуроза, а богами и психоза.

За крај да не го заборавиме Поглавицата Бромден. Тој изговара само неколку реченици, ама неговиот молк многу кажува и покажува. Тој е победникот кој бегајќи од злогласната институција, го изодува патот кој води кон ослободување човекот од институционалниот хорор. Воедно го трасира и патот кон вистинската слобода – слобода на човекот.

 

Сотир Костов