Лагите на Али Ахмети и ОНА

20 години подоцна…

Имам две прашања без дефинитивен одговор: Првото е, колку млади етнички Албанци, сеедно дали жители на Македонија, на тогашната Сојузна Република Југославија (Косово и јужна Србија) или граѓани на други држави, беа убиени додека слепо го следеа Али Ахмети и неговите лаги во 2001 година? Сигурно над 100. Можеби бројката изнесува стотици? Над илјада? Никогаш нема да знаеме бидејќи нивната заедница не зборува за такви работи. Но, доволно е да кажеме дека стотици Албанци загинале во служба на Ахмети и неговите лаги.
Од друга страна, знаеме коклу Македонци – и припадници на другите етнички заедници во Македонија – беа убиени, ранети, повредени, нападнати, сексуално малтретирани, измачувани и се исчезнати за време на војната. Еве ги бројките:

– 15 полицајци убиени, 150 ранети и повредени

– 43 војници убиени, 119 ранети и повредени

– 10 цивили убиени, 75 ранети и повредени, 20 нападнати и измачувани, сексуално малтретирани.

– 20 цивили исчезнати

Ако ги сметаме и нивните блиски, нивните роднини, пошироки семејства и пријатели, имаме десетици илјади луѓе кои директно беа повредени од војната на Али Ахмети и од неговите лаги. Сметајте го тука и целото население на Македонија, кое страдаше за време на војната, од секојдневниот страв и стрес, додека нацијата беше доведена на работ на опстанокот цела една година.

Дваесет години подоцна, вреди да се присетиме на овие настани и на лагите на Ахмети. Али Ахмети самиот велеше дека бил следбеник на Маркс и Ленин како студент, а можеби и подоцна, и сите што ја знаат историјата знаат дека Марксизмот и Ленинизмот се ниште повеќе од куп лаги.

Дали Али Ахмети верувал во тие лаги како студент, или се уште верува, е отворено прашање. Но сигрно знаеме во што верувал и што сакаше да постигне, бидејќи самиот ги призна своите планови. На 22 март 2001 година Њузвик објави разговор со Али Ахмети од авторот Дејвид Биндер под наслов „Проблематичен сон“. Во него, Ахмети е цитиран како вели дека „Нашата единствена цел е да ги отстраниме словенските сили од територија која историски е албанска“. Го спомнувам овој цитат 20-ина години, а сега, конечно, гледаме дека левицата и прогресивците почнаа да се согласуваат со него. Во јануари, левичарскиот новинар Синиша Јаков Марушиќ, кој пишува за еднакво левичарскиот Балканинсајт, го напиша следното за Али Ахмети и за неговата „банда убијци и криминалци“, како што на времето ги нарече Генералниот Секретар на НАТО Џорџ Робертсон: „На почетокот на конфликтот, ОНА се заколна дека ќе ги протера македонските безбедносни сили и ќе преземе контрола врз територии за кои таа сметаше дека се албански, но подоцна, како што минуваше годината, таа ги ублажи своите барања“. Добро е да видиме дека левицата ја прифаќа вистината, иако со големо задоцнување.

И така убиецот Ахмети ја ублажи својата реторика, потоа ја соблече униформата (која му ја подари на холандскиот дипломат Питер Фејт) и ја облече наметката на „политичар“. Оттогаш користи гласачки ливчиња место куршуми (а неговата партија стана позната по полнење на гласачките кутии со ливчиња). Но повторно, верувам дека неговата цел остана истата – отстранување на Македонците од Македонија.

И неговите командати (како Талат Џафери) како и поддржувачите станаа политичари, но не и младите, глупави момци кои го следеа во војната). Најмоќен меѓу политичарите во неговата партија веројатно е Артан Груби, првиот заменик премиер во Владата, новосоздадена позиција која ја направи Зоран Заев и му ја препушти на Груби како дел од новиот договор за поделба на власта. Вреди да се спомне дека Груби е поранешен фудбалски хулиган кој беше откриен и исполиран од холандската амбасада, каде му облекоа костум и шарени чорапчиња и сега го шетаат наоколу како лицето на ДУИ. Груби има арогантна нишка и го користи својот внимателно изграден имиџ на социјалните медиуми за да промовира чисто албански национални прашања – ништо помалку или повеќе. Ако сакате да дознаете повеќе за неговата кариера, можете да побарате тука. Биографијата почнува со зборовите: „Професионалната кариера Груби ја започнува во 1999 година, при што гради богата кариера во невладиниот сектор и во работа со меѓународните организации..“.

Тука сакам да направам јасна поделба меѓу етничкото албанско раководство во Македонија и граѓаните – етнички Албанци во Македонија. Огромното мнозинство од етничките Албанци во Македонија го сакаат истото што го сакаат и Македонците – добра работа, подобри можности за нивните деца, добро училиште, одмор еднаш или двапати во годината, инфраструктура во нивните населби и низ државата, солиден здравствен систем и да можат да живеат нормален живот – ова го сакаат сите граѓани на Македонија, независно од нивната етничка или политичка припадност.

Но раководството на етничките Албанци во Македонија инсистира на тоа да се претставуваат како жртви, дури и 20 години по војната. Тешко им паѓа да не ви ја понижуваат интелигенцијата во разговор. Ахмети и тие како него инсистираат дека нивното население е неуко, дека се постојани жртви, и дека мораат на него (Ахети) и на луѓе како него (Груби) да им даваат моќ за тие да ги исправаат наводните неправди. Ова наликува на критичката расна теорија во САД, односно нејзиниот теоретичар Ибрам Екс Кенди (роден како Ибрам Хенри Роџерс) кој тврди дека „За да ги исправиме минатите дискриминации мора да имаме дискриминација денес“. Еден сериозен, очевиден проблем со ова е што бара дискриминацијата да продолжи во сегашноста – тоа значи дека дискриминирањето никогаш нема да престане. Како да сака да ја докаже мојата поента, веќе во следната реченица Кенди вели дека „Единствениот лек за дискриминацијата во сегашноста е идна дискриминација“. Со тоа, Ахмети, Груби и другите како нив секогаш ќе се залагаат за нова дискриминација. Тоа е спротивно на начелото на еднаквост пред законот, па дури и на начелото на еднакви можности или исходи. Ова е грубо барање една група да биде привилегирана пред другите грпи.

Меѓународните претставници, особено пост-западните прогресивци, се согласуваат со овие глупости и ги поттикнуваат, бидејќи и тие ја прават истата глупост во нивнте земји. Дискриминацијата дојде во Македонија и ќе остане тука засекогаш. Таканаречениот Охридски рамковен договор е најава за бескрајна дискриминација, не само против Македонците туку против сите други етнички заедници, а во полза на етничките Албанци во Македонија. Ова не може вака да продолжи.

И уште една важна поента на оваа тема: не можеш да почнеш војна за „поголеми права“. Војна во која на луѓето им беа разнесени главите, рацете, нозете. Особено не во демократска земја како Македонија, колку и да беше несовршена во тоа време. Кога ќе почнеш војна, се случуваат лоши работи, и ќе продолжат да се случуваат во иднината.

На оваа 20 годишнина од војната што Ахмети ја почна против Македонија, и по овие 20 години постојани лаги, каква може да биде иднината?

Не можам да ја предвидам со сигурност, но можам да проценам некои работи врз основа на искуството, на познавањето на минатото и сегашноста. Три нешта стануваат јасни: Прво, Зоран Заев и неговата Влада (поттикнати од Ахмети и Груби) се откажаа од македонското име, индентитет, историја и култура во полза на Грција и Бугариај. Второ, Зоран Заев и неговат аВлада (поттикнати од Ахмети и Груби) ќе продолжат да прават отстапки кон Грција и Бугарија, на сметка на Македонија и етничките Македонци. Трето, Али Ахмети, Артан Груби и другите албански партии (во помал однос бидејќи не се на власт) ќе продолжат да бараат повеќе дискриминација во нивна полза, а на сметка на Македонците и другите етнички групи во Македонија.

Сето ова не е добро, правилно или правилчно за Македонија како земја или за Македонците, ниту пак за било која друга етничка група во Македонија, бидејќи тоа ќе води до повеќе конфликти, политички, а можеби и физички. Ако раководството на Албанците во Македонија мисли дека можат да искројат своја „Мала Албанија“ внатре во Македонија или, уште полошо, ако сакаат да се обединат со Косово и/или со Албанија (што го најавува идниот премиер на Косово) тогаш тоа се и утописки и опасни идеи. Таквото сценарио ќе биде смртоносно за нив, за Македонија и за регионот.

Најдобро би било да се стави крај на сето ова веднаш. Да престане дискриминацијата во полза на една група, да престане малтретирањето, бескрајните отстапки на разни себични барања, да престане корупцијата, скандалите и лагите, и да станеме и агресивно да кажеме дека ќе го браниме тоа што е исправно, правично и вистинито, да им се спротиставиме на силеџиите и да ги запреме овие будалаштини.

Силеџиите внатре во себе се исплашени, со ниско ниво на самодоверба, секогаш во страв дека некој ќе им се спротистави и ќе им покаже на сите какви кукавици се. Од време на време некој им се спротиставува на силеџиите и силеџијата се повлекува, со што се разоткриваат неговите лаги.

Што ме води до следното прашање, на кое немам дефинитивен одговор: кој ќе им се спротистави на силеџиите?

пишува:

Џејсон Мико