Криза на легитимитетот и противотровот на посветеноста

Владата на Зоран Заев и Али Ахмети се дави во низа на бури, и сите дојдоа едновремено. Што би рекла поетесата Елизабет Барет Браунинг, „дозволете ми да ги набројам сите бури“: се соочуваат со добро документирани корупциски скандали, познати и дома и на меѓународните институции; владата не суепа да обезбеди основни економски предуслови кои би довеле до подобар живот за сите македонски граѓани; криминалот е во пораст, како ситниот криминал така и многу посериозните злосторства; Македонија има проблеми со инфраструктурата – водоводната, санитарната, транспортната, сите овие потребни потфрлаат, честопати поради корупцијата; земјата се соочува со тековна здравствена криза поради пандемијата, а Владата е крајно неподготвена да се соочи со неа; има бројни меѓуетнички проблеми кои избиваат на површина – честопати предизвикани поради постапките или неактивноста на Владата; не се исполнети клучните предизборни ветувања – како што е отворањето на преговорите со ЕУ – кои Заев ги ветуваше многу пати; Бугарија отворено понижува, а Владата сепак и се додворува на бугарската Влада; и, конечно, соочени сме со надменост и ароганција насочени кон повеќето Македонци кои се легитимно загрижени за своето уникатно име, идентитет, историја и култура – нештата кои ја прават Македонија да биде Македонија.

Секој од вас сигурно може и самиот да додаде уште примери на кризи со кои се соочува Владата.

А во сите овие случаи, македонската Влада самата е одговорна за нивното појавување.

Сите кризи, собрани на купче, во исто време, постојано го поткопуваат легитимитетот на Владата. А како што се урива нејзиниот легитимитет, така се јавуваат нови, дополнителни кризи, кои повторно го уриваат легитимитетот, и добиваме растечки циклус – кој ќе заврши со создавање на нова Влада од опозициските партии. Така функционира политиката.

Но оваа Влада никогаш не ни имаше вистински легитимитет, дури и пред да почне да владее со земјата. Еве зошто: Зоран Заев и Али Ахмети дојдоа на власт во 2017 година, а потоа повторно во 2020 година без вистински да добијат мандат. Начинот на кој ја грабнаа власта по изборите во 2016 година за многу Македонци беше нелегитимен. Се одржуваа на власт повторно со нелегитимни средства (одржаа избори сред пандемија). Дури и пред да дојдат на власт, многу Македонци ги гледаа како крајно нелегитимни.

Додајте го на тоа актуелните бури со кои се соочуваат, и Владата која се сметаше за нелегитимна и по изборите во 2016 и 2020 година сега дополнително губи во очите на граѓаните. Јасно е дека водечки индикатор за ова беше референдумот на 30 септември 2018 година за промена на македонското име. Едно толку сериозно прашање – менување на името на цела една држава – мораше да добие поддршка барем на половина од граѓаните. А сепак, Владата не успеа во тоа. Не можеа да ги убедат граѓаните.

Не се работи само за легитимитетот на македонската Влада. Тука се и странците кои ги поддржуваат од самиот почеток.

Верувам дека сме соочени со криза на легитимитетот на западните елити кои очајнички ја поддржуваат актуелната Влада и имаа своја улога во нејзиното носење на власт, а сега се обидуваат да ги продолжат митските приказни со кои Заев дојде на власт – дека со влезот во НАТО и ЕУ Македонците ќе дојдат во земја во која тече мед и млеко, земја на мир, просперитет и вечна светлина. Владата не успеа да ги убеди граѓаните бидејќи нивните тврдења беа засновани на полу-лаги и целосни лаги. Актуелната состојба во Македонија е доказ за тоа.
Оттаму, истите овие западни елити сега се одговорни за мизерната состојба во која мнозинството Македонци се најдоа.

Јасно е дека Владата и елитите кои ја поддржуваат не само што не донесоа подобар живот за огромно мнозинство Македонци, туку ја насочија Македонија на погрешен пат.

Бидејќи актуелната Влада, како институција, нема легитимитет, неопходно е многуте македонски институции да бидат потпомогнати, изградени, обновени, вратени во живот. Институциите се основната форма и се витални за здравјето на секое општество. Дали се работи за институцијата која е основна клетка на секое општество – семејството – или пак за верските институции, граѓанското општество, образовните институции, културата и бизнисот – сите овие институции кои постојат одделно од институциите на власта мора да бидат поддржани бидејќи тие, повторно, почнувајќи со семејствто – тие се македонското општество.

Ова е задачата пред нас: Македонците да прифатат пристап полн со посветеност. Да бидеме посветени едни на други, на нашите семејства, посветени на пријателите, соседите, на институциите кои ни се потребни за Македонија да се изгради одново од актуелната состојба во која се наоѓа. Оваа посветеност ќе бара од вас лична одговорност, достојност, саможртва и доверба на индивидуално ниво. Ќе бара секојдневно свесно да постапувате исправно. Нема да биде лесно – ништо што е вредно не е лесно – и ќе има пропусти на патот. Но јас цврсто верувам дека ако Македонците пристапат кон проблемите посветено и развијат добри навики на лична одговорност, посветеност, саможртва и доверба, тогаш Македонија нема само да опстои туку и ќе успее.

пишува:

Џејсон Мико