Колкава штета е направена досега? И дали може да се поправи?

Еве еден донекаде охрабрувачки факт: Зоран Заев нема да биде на власт лично, дури и ако Заев мисли за себе дека е Мило Ѓукановиќ, а има и брат сличен на братот на Мило. Порано или подоцна, Заев и неговата влада ќе си заминат.

Знаејќи го ова, прашањето е колку штета ќе успее да направи додека да си замине? И колку од штетата што Заев ќе ја предизвика во преостанатиот период како премиер ќе може да се поправи?

Сите одговорни и разумни Македонци треба да си ги постават овие прашања и да планираат за неизбежната иднина кога не чека многу работа за да ги поништиме многуте негови чекори. Мора да се планира сега за Македонија и Македонците да имаат иднина.

Немам одговори на многу од овие прашања, но дозволете ми, како пријател на Македонија, да изнесам некои мои мисли и идеи за овој процес на планирање.

Најгорливите проблеми на повеќето Македонци се поврзани со економијата, образованието и здравството, како и, во помала мера, со инфраструктурата. Како што пишував во минатото, зборот на „С“ не е високо на листата на проблеми на Македонците од проста причина што Македонците не го користат зборот на „С“ во својот секојдневен живот, не го читаат, пишуваат или инаку употребуваат. Тие имаат многу поважни проблеми како што е да обезбедат храна за семејствата, да си ги испратат децата во училиште и да им обезбедат добро, целосно образование, и пристап до добра здравствена заштита (секако, и вакцини). Владата на Заев потфрли на сите овие фронтови. Во образованието договорите со Грција и Бугарија ја нарушуваат наставната програма во однос на македонската историја, јазик и книжевност.

Овие политики мора да се преиспитаат, и каде што е потребно, изменат.

Исто така ќе мора да се обрне внимание на корупцијата, судството и прашањата на владеењето на правото. Заев водеше кампањи во 2016 и 2019 година на борба против корупцијата, реформирање на судството и заштита на владеењето на правото, и потфрли на сите планови. И додека Катица Јанева е во затвор, да се потсетиме како Заев и неговите западни газди ги прогласуваа неа и нејзиниот тим за спасители на Македонија. Можеби требаше помалку да зборуваат, а повеќе да работат на борба против корупцијата, реформирање на судството и почитување на владеењето на правото, за кое толку многу сакаат да твитаат.

И секако, во оваа куса листа се и договорите со Грција и Бугарија. Враќање на вистинското име на Македонија мора да се случи иако и јас не знам како ќе може тоа да се направи во целост, барем на меѓународна сцена. Сигурен сум дека тоа може во голема мерка да се постигне за домашна употеба. Ќе биде потребно време да се спроведе детална и комплетна анализа на договорот со Грција и таа ќе се одрази и врз други сфери како што се образованието и меѓународните односи. По прашањето на Бугарија, лично верувам дека Македонија ќе мора (и треба) да ги тргне настрана аспирации за членство во ЕУ и да се фокусира на други алтернативи бидејќи секогаш има алтернативни патишта. Инаку, штом Македонија исполни една тура барања, Бугарија само ќе измисли нови и никогаш нема да се задоволи. Подобро е овој циркуз да престане веднаш.

Важно е да го запомниме следново: ако Македонците сакаат да ја поправат штетата што Заев и неговата влада ја предизвикаа (а верувам дека сакаат) и ако сакаат да си го вратат своето име, ќе има политички последици од тој чекор. Поради тоа, Македонија мора добро да размисли како ќе се справи со нив. Повеќето од овие последици ќе бидат политички, не економски, бидејќи македонските соседи, ЕУ и други земји низ светот се уште ќе сакаат да тргуваат со Македонија и да бидат вклучени во економски активности – парите се сепак над политиката. Но сигурно за почеток ќе има гласни осуди од страна на Грција, Бугариај, НАТО, ЕУ и Вашингтон. Овие последици мора да се имаат предвид и мора да се разработат стратегии како да се справиме со нив.

Во врска со можните последици. Конзервативниот економист Томас Соуел (кој израснал како марксист но станал десничар откако почнал да работи во јавната администрација) вели дека не постојат решенија во животот – само трампи. Се разбира, Зоран Заев никогаш не слушнал за Соуел, а и да слушнал, не би ја прифатил неговата порака, но сепак е соочен со неа во реалноста: Заев направи трампа – тој сметаше дека со газење на волјата на македонскиот народ и со менување на името ќе дојде до „решение“ на спорот со Грција, и дека Македонија ќе стане богата благодарение на странските компании кои одвај чекаат да инвестираат во членка на НАТО и дека ќе има сериозни материјални поволности за Македонија. Но наместо „решение“, Заев доби трампа: точно, Македонија влезе во НАТО но го загуби своето право на име, идентитет, историја, можеби и јазикот, а Грција сега изнаоѓа нови начини како да го толкува договорот на штета на приватните организации во Македонија. Ветените странски инвестиции кои требаше да потечат по членството во НАТО не се случија, но Заев пристапи кон проектот од Македонија да направи една голема плантажа за марихуана.

Во опозицијата има интелигентни луѓе и се надевам дека ќе подготват работни групи да ги разгледаат овие нешта и ќе изработат планови во кои ќе бидат вклучени најдобрите правни умови во Македонија. Треба да се свртиме и кон пријателите на Македонија низ светот – вклучително и најдобрите правни умови во светот – за да помогнат во овој потфат. Исто така треба да се предвиди каква ќе биде реакцијата на албанските малцински партии во Македонија бидејќи ако нема голема изборна победа, албанските партии ќе бидат потребни да се формира коалициска влада, а македонските Албанци сметаат дека некои од овие потфати ќе бидат спротивни на нивните тесни, себични интереси.

Зоран Заев и раководството околу него ќе бидат казнети за нивните злодела од Македонците. Не знаеме каква ќе биде казната, но таа ќе дојде. Во меѓувреме, мора да се испланира како да се исправи штетата што ја направија.

пишува:

Џејсон Мико