Кога последен пат сте се нашле вчудовидени?

Вчудовиденост е прекрасен збор со длабоко значење. Мислиме дека знаеме што значи, но корисно е да ги погледнеме неговите формални дефиниции. Еден речник зборот го дефинира како „чувство кое во себе спојува трепет, почит и заинтересираност предизвикани од нешто што е свето или величествено“.

Добро, е правилно и на место да се најдете вчудовидени од време на време, но сепак, не премногу често. Ако бевме постојано вчудовидени, тоа ќе ви стане нешто обично, секојдневно, а не реткост, како што треба да биде. Ако постојано се најдете вчудовидени, нема да ви биде посебно.

Ако погледнеме наназад на годината која што измина, ќе видиме дека беше необична и, на моменти, застрашувачка. Се сеќавам на четири моменти кога ме остави вчудовиден, двапати во Аризона и двапати во Македонија. Ќе се обидам да изнајдам зборови да ги опишам овие настани, во надеж дека и вие ќе се присетите на моменти кога сте биле вчудовидени и ќе се осврнете на нив – јас во такви мигови сум и покорен и полн со благодарност – тоа се две доблести кои треба да ги негувате.

Најскорешниот пат кога тоа ми се случи беше за Божиќните празници, на 25 декември. Планинарев низ Чирикахуа, карпеста верига во југоисточна Аризона која изникнува од пустината и се искачува до 9,800 стапки (3,000 метри) надморска височина. Чирикахуа е еден од небесните острови на Аризона, планини кои ги нарекуваме така затоа што наликуваат на острови во море или во океан поради начинот на кој изникнуваат од празнотијата на пустината.

Додека планинаревме на вториот ден од нашиот пат, со преполни ранци, наидовме на еден водопад. Подоцна дознавме дека се вика Вин Фолс. Можеби ќе речете дека водопад сам по себе не е нешто што може да ве стаписа или вчудоневиди, но запомнете, ова е планина во топол, сув, пустински дел на светот, каде нема многу водопади. Но тоа не беше единственото нешто што беше чудно за Вин Фолс. Водопадот е висок 365 стапки/111 метри. И беше замрзнат. Целосно замрзнат.

Како што одевме по патеката, замрзнатиот водопад ќе ни се изгубеше од вид и потоа повторно ќе се појавеше на следниот свиок. Не можевме да дојдеме навистина блиску, за да го видиме во целата негова величенственост, но сепак беше неверојатна глетка: како може водата едноставно да престане да тече и да се замрзне? Понизноста и благодарноста од глетката ме наведоа да помислам за неверојатната убавина на овој свет, и на мојата родна земја Аризона.

Во септември годинава, на уште едно планинарење, застанавме на работ Моголон во средна Аризона. Овој масив се протега 200 милји/320 километри од запад кон исток низ средината на Аризона. Како што вели професорот Википедија, „голем дел од теренот јужно од Моголонскиот раб е на височина од 4,000 до 5,000 стапки (1,200 до 1,500 метри) над морето, а самиот раб се искачува до 8,000 стапки/2,400 метри“.

Стоејќи на работ, завртен кон југ и кон запад, над огромната шума што се протега под него, здогледав уште една неверојатна глетка – широка, темно зелена шума од борови дрвја и брановидни ридови до крајот на хоризонтот. Повторно, тоа беше момент на вчудовиденост.

Во Македонија, пред 11 месеци, на двапати се најдов вчудовиден во рок од само 24 часа. Првиот пат беше во хотелот Молика, на Пелистер, над Битола. Ако некогаш сте биле во овој хотел, знаете дека се работи за малку истрошен хотел, на кој му е потребно реновирање, но е едно симпатично местенце среде прекрасен пејсаж.

По вечерата со моите пријатели во прекрасниот ресторан Шумски Фенери, целиот украсен за Божиќ и со огромен оган во каминот, се вративме назад во Молика длабоко во ноќта. Запревме на паркингот прекриен со снег и излеговме од автомобилот да погледнеме кон долината во која лежи Битола. Длабока покривка од облаци го покриваше градот и соседните села, но облаците беа обсјаени од светлината која доаѓаше од Битола и селата. Оваа прекривка делуваше како контраст за следната глетка – мрачната длабочина на небото над нас и среде неа – Млечниот Пат, галаксијата во која е нашиот сончев систем и нашата планета. Гледајќи во постојаните ѕвезди, во светлосната катедрала која призрачно се простираше до каде што допираше мојот поглед, се присетив колку е величествено созданието на Господ, кој ете сепак не создал и нас, простосмртните луѓе.

Напуштајќи ја Молика следниот ден, воздухот на планината беше толку чист и свеж, а облаците повторно ја прекриваа Пелагонија под нас. Како што возевме надолу по планината, облаците бргу не проголтаа. И тогаш настапи чувството на вчудовиденост – дрвјата, грмушките, целиот пејсаж околу нас беше одеднаш прекриен со густ мраз, како некој да ја испрскал флората со вода и таа веднаш да замрзна.

Скаменетата белотија на дрвјата, растенијата и тревите претставуваше силен контраст со сивилото на облаците и пред мене беше феноменот на оваа сцена. Можеби за вас мраз на дрвјата не е нешто особено, но за човек кој израснал во пустина, ова е навистина ретка сцена.

Сигурен сум дека е надвор од моите моќи соодветно да ви ги опишам овие сцени, но се надевам дека барем ви ги исцртав, за да добиете претстава зошто беа – и се уште се – важни за мене. Чувството на вчудовиденост, кое обично го наоѓам во природата, е важно за да ни ги оттргне мислите, особено во овој брз свет во кој сме обиколени со проблеми.

Додека Македонците ги празнуваат Новата година и Божиќ, се надевам дека ќе најдете ваши мигови кои ќе ве вчудовидат, кои ќе ви дадат надеж и кураж, како и понизност и благодарност.

пишува:

Џејсон Мико