Каде е излезот?

Последните анкети покажуваат дека, најблаго кажано, Македонците не и веруваат на Владата на Зоран Заев. Неодамнешна анкета на МЦМС покажа дека три четвртини од Македонците сметаат дека Македонија е во политичка криза, а 57 проценти не и веруваат на Владата. Огромно мнозинство Македонци сметаат дека најдобар излез од оваа криза се предвремени парламентарни избори.

Да резимираме: пред четири години, Зоран Заев и неговиот партнер го добија тоа што го посакуваа – моќ. Тие дојдоа на власт со преплет на неколку фактори: луѓето веруваа дека претходната Влада има проблем со корупцијата. Заев и неговата партија СДСМ почнаа селективно да пуштаат аудио снимки од разговори на министри и други функционери од претходната Влада – тука треба да се напомне дек снимките беа нелегални како и дека нивното објавување беше незаконско. Големата мрежа на невладини организации, кои се главно ориентирани лево и се финансирани од странство, застана на страната на Заев и вршеше насилни протести за да ја урне претходната Влада. И, конечно, западните амбасади даваа премолчена согланост на сето ова.

Владата на Заев вети дека нема да има корупциски скандали, дека ќе го „реши“ спорот за името на Македонија со Грција, дека ќе ги подобри односите со Бугарија, дека ќе ја внесе Македонија во НАТО и ЕУ, вети огромни странски инвестиции, владеење на правото, отворена и транспарентна Влада, намалување на меѓуетничките тензии, подобри можности за образование и здравство и подобрување на угледот на Македонија на светската сцена.

Четири години подоцна и, ако сакаме да бидеме фер кон нив, треба да кажеме дека Македонија е членка на НАТО. Толку. Секое друго ветување на Заев и Ахмети остана неисполнето, а во повеќето сфери Македонија всушност оди во обратната насока. А и со членството во НАТО, која беше цената што ја плаќаат Македонија и Македонците? Цената е губење на македонското име, губење на македонскиот идентитет, на македонската култура, историја, традиција, како и губење на правото на Македонија сама да си ги пишува своите учебници и да ги образува младите Македонци. И многу друго.

Дали вредеше? Дали вие како Македонци се чувствувате побезбедни? Дали вие подобро сега, финансиски?

Покрај дискутабилните придобивки од членството во НАТО, имаме судии во затвор (дури и Специјалната Обвинителка!), разни советници на Заев и бизнисмени се уапсени или притворени, имаме корупциски скандали (како што тргнало, има нов скандал секој ден, како што е големиот актуелен скандал со пасошите), неуспешен попис, многу малку странски инвестиции (или воопшто?), влошени односи со Бугарија (а се влошуваат и односите со Грција), нема датум за преговори со ЕУ (поради Бугарија и поради проблемот со корупцијатА), принудно менување на македонските учебници, нарко-скандали, се подгреваат меѓуетничките тензии со случаите на убивање на Македонци од страна на Албанци и многу, многу друго. Капак на се е катастрофалното справување на Владата со пандемијата при што 4,500 Македонци ги загубија животите поради вирусот од Кина.

Следниот месец, во мај, е 25-тата годишнина од како сум поврзан со Македонија. Првпат дојдов во Македонија пет години откако Македонците ја формираа својата модерна национална држава, откако конечно ја доби својата независност на 8 септември 1991 година. Во овие четвртина век, не сум видел работите во Македонија да се до толку лоши. Ова не значи дека нема надеж или дека нема причини да бидете среќни – напротив, ако сметав дека е така, одамна ќе и кажев збогум на Македонија.

Има многу простор за надеж и има неброени причини да ја сакаме Македонија – а огромно мнозинство од тие причин и немаат врска ниту со актуелната власт ниту со било која Влада. Но тоа е посебна приказна, која сум ја раскажувал многупати во изминативе две и пол декади.

Да се вратам на насловот на колумната – каде е излезот? Анкетата што ја спомнав покажува дека повеќето Македонци веруваат дека решението е во одржување на предвремени парламентарни избори, и многумина сметаат дека изборите треба да се одржат заедно со локалните избори во октомври. Сигурен сум дека Македонија нема целосно да имплодира до тогаш, и дека ќе продолжи да се влечка до октомври, но секако ќе има уште многу скандали и ќе расте бројот на починати од епидемијата.

Дали е ова најдобриот можен излез? Ако навистина се одржат парламентарни избори во октовмри – што не е загарантирано – дали тоа ќе биде излез?

Или можеби има друг излез? Моја желба е Заев да биде грабнат од американската ДЕА или некоја друга агенција за борба против дрога но не сум сигурен дека тоа ќе се случи.

Македонците ќе треба сами да го решат ова прашање, и кога навистина ќе им пукне филм, ќе најдат начин како да го отстранат режимот на Заев и Ахмети и да изберат Влада која ќе ги застапува македонските интереси.

пишува:

Џејсон Мико