Јованка Кепеска: Македонската држава: „општество за сите“ или „република“

Промовирани се два концепта  за македонската држава. Од СДСМ, под синтагмата „општеството на сите“, развиен до сгменти според Петар Атанасовски, раководител на проектот и, од кандидатот за Претседател на Републиката, Блерим Река за „ република“. Концептот „ Во своето обраќање на Мечкин камен, на Илинден, концептот „ општество за сите“, Премиерот Зоран Заев,  одново, го наведе.

На теоретски план, станува збор за обид да се претстави потребата од етничко профилирање  на државата. И јасно е дека со овие концепти станува збор за замена на тези. И не за да ја афирмираат еднаквоста во општеството, односно македонската држава да се искаже како мултиетничка. Туку, како што се наведува, мултиетничкото општество да се преслика во мултиетничка држава. И се негира фактот дека државната организација се разликува од општеството во поширока смисла кое, во нашиот случај, егзистира како мултиетничко. И дека токму мисија на државата е да ја обезбедува еднаквоста на сите и во таквото, мултиетничко пштество.

Фактички намерата со предложените концепти е да се оствари нова позиција на албанскиот народ, како  конститутивен во државата и на албанскиот јазик, како втор службен јазик на целата територија на државата. Во променетата Преамбула на Уставот, покрај македонскиот народ, е наведен и албанскиот народ додека останатите народности се означени како делови од народите.

И, онака, како што тоа се изврши со претходните политички постапки за промена на Уставот, со законот за двојазичност и со промената на името,  да се изврши и промената, последно, на концептот на државата.

Затоа самите синтагми, „општество еднакво за сите“ и „република“, не соответствуваат на суштината која се сака да ú се приопшти на државата. Бидејќи државата е органот кој ги изразува заедничките интереси и еднаквоста на општеството. Односно е и институционално организирана и ги определува природата и обемот на јавните функции токму за да ја изрази правната еднаквост на сите луѓе пред законот и нивните граѓански и политички права и да постигне единството во општеството.

А Републиката, обликот на владеење кон кое сите демократските држави тежнеат е политичкиот облик кој, со оглед на воспоставениот однос на јавната власт и општеството, да ја изразува формалната општествена еднаквост. Истовремено да овозможи да се остварат редица народни барања и демократски права.

Концептите, секако, се под влијание и претставуваат некритично преземење на настојувањата развиени кај некои светски движења што сакаат да извојуват афтономија, односно пројавуваат сепаратистички тенденции. Сметајќи дека се втемелувачи на нации какоетничко-лингвистичка групи. Оправдувајќи дека лингвистичкиот национализам се јавува за да се заштити националното од ерозија, карактеристично, особено, за концептот на мултитикултурализам.

Оттаму и залагањата за примена на јазикот во училиштата, во имињата на местата, на улиците, на патните знаци, преку телевизите, во дебатите во локалните совети. Но и со претензија јазикот да стане официјален.

Дезориентацијата се јавува и затоа што и критериумите за националните држави варираат. Така, за САД тоа е граѓанството, додека за Франција е француското државјанство. Но и повеќето од половината од денешните држави, настанати во последните шеесетина години преку процесите на деколонизација, со револуции или со интервенции на странскии сили, иако се нарекуваат национални држави, фактички, немаат ништо заедничко со Вилсоновото пледоае за национално самоопределување.

Сепак, националноста за да ја оствари претензијата да стане нација-држава, во нашиот случај конститутивен елемент на државата, потребна е покомплексна платформа. Што постои како за релација држава-нација-народ, остварена во западноевропските нации.  Затоа што националноста е атрибут на целата заедница. Онака како што за македонската нација остануваат издржани критериумите какви што се, територијата, заедничкото историско паметење, етнографските аргументи за заеднички обичаи и ритуали и заедничкиот јазик. Искажани и во националниот карактер на држамата. Македонското мултикултурно општество, притоа, претставено е македонската нација а таа е искажана во македонската држава. Па, претенциозноста за реорганизација на македонската држава, за да го изрази двоетничкиот карактер, затоа е погрешна. Иако, како и многу други работи, реорганизацијата на државата молчешкум се извршува . А е прашање кое треба да биде поставено врз етаблирани вредности и за кое плебисцитарно веќе е одлучено.

 

Јованка Кепеска