Истрошена и без идеи, Владата на Заев работи колку да се рече

Најновата „агенда“ која Зоран Заев ја претстави заедно со неговиот се помалку видлив вицепремиер за европски прашања Никола Димитров покажува дека Владата е истрошена, без идеи, и работи колку да се рече дека нешто прави.

Нивниот најнов план е насловен „Европа Дома“ (или Агенда 21) и беше претставен на 9 март од вицепремиерот Никола Димитров. Поранешниот министер за надворешни работи беше еден од главните архитекти на таканаречениот Преспански Договор со кој Грција принудно го смени македонското име и идентитет, спротивно на волјата на мнозинството Македонци. Димитров, кој честопати исчезнува од окото на јавноста, се врати неделаа за да го промовира најновиот владин план додека Македонија продолжува да чека во предворјето на ЕУ.

Вреди да се запомни дека Владата на Заев, која полага многу внимание на маркетингот и односите со јавноста, на влијание на Твитер и Фејсбук, и на други видови себепромовирање, веќе најави неколку вакви планови од 2017 година наваму. Тоа беа плановите „3-6-9“ и „Планот 18“. Никој не знае што стана со нив. Мислам дека нивната цел беше да и се покажа на македонската јавност – и уште поважно – на западните елити кои ја поддржуваат Владата на Заев, дека имаат некаков план, патека, идеја како да одат „нагоре и нагоре“, како што Димитров знае да каже.

Во што се состои новата агенда „Европа Дома?“ Според медиумите, Заев рекол дека агендата значи пренесување на принципите и обврските кои се приоритет на Владата и на нејзиниот план „Акција 21“ во потврдување на решеноста да се спроведат европските стандарди и вредности во секој сегмент од општеството. Низ сето тоа, граѓаните треба да добијт подобри услуги и подобар живот. Димитров додаде дека документот дава јасна слика не само за обврските кои се зацртани во реформскиот план и кои Владата има обврска да ги исполни, туку и прецизно распределува обврски и надлежности.

Тоа се многу зборови. На двајцата им се потребни многу зборови за да го исполнат просторот, бидејќи кажаа малку. Во САД тоа се нарекува „вербална салата“ – многу зборови без суштина.

И Заев и Димитров знаат дека тоа е нивниот проблем – многу зборуваат, а малку прават. Ги верглаат истите работи одново и одново – како што правеа многу пати порано – бидејќи ништо друго не им преостанува освен празни зборови.

Да бидеме реални: Владата на Заев нема веќе идеи, истрошена е, здодевна и работи колку да се рече. Следат корупциски скандал по корупциски скандал. Пропуст по пропуст. Ја раздаваат Македонија парче по парче, нејзиното име, идентитетот, историјата и културата, како што ќе побараат нејзините „пријателски соседи“ додека западните клубови НАТО и ЕУ климаат во поддршка и повторуваат дека овие отстапки се неопходни за да се влезе во нивните клубови – тоа е наследството што Заев, Димитров и нивните поддржувачи ќе и го остават на Македонија.

Работите не мораше вака да се одвиваат. Секогаш има алтернатива. Но Заев и неговата Влада немаат идеи, се истрошени, здодевни, и не се ни трудат да ги разгледаат можните алтернативи бидејќи за тоа треба напорна работа, саможртва, фантазија и храброст. Многу полесно за нив е да избегнат било каква дебата и да повторуваат дека нема алтернатива.

И така Македонија доби уште еден бескорисен план.

Уште две нешта: како прво, еден од подобрите примери за тоа колку Заев е истрошен и здодевен е неговото постојано обвинување на другите за неговите пропусти. Во рок од само една недела Заев успеа да ги обвини и НАТО и ЕУ за недостигот на вакцини. На 10 март Заев буквално обвини дека македонската стратешка определеност кон НАТО е виновна што земјата нема вакцини, на што неименуван претставник на НАТО бргу одговори и директно му порача дека „НАТО нема да ги коментира изјавите на премиерот на Северна Македонија“. Портпаролот додаде дека НАТО нема став во врска со стратегиите за вакцинирање на земјите членки, и дека тоа прашање е дел од националниот суверенитет на земјите члеки. Па добро, барем Македонија задржала малку суверенитет по приемот во НАТО. А потоа, на 16 март, Заев и се пушти на ЕУ велејќи дека „Би бил неискрен кога не би признал дека ЕУ нѐ разочара и при набавката на вакцините против корона. Ни беше објаснето дека за Унијата во моментов е невозможно да ги сподели вакцините“. Ваквото однесување – јавно да обвинува меѓународни организации во кои сте членка или барате да влезете е уште еден доказ дека Владата на Заев е истрошена и нема свежи, креативни идеи.

На крај, нешто што се надоврзува на кажаното погоре – интересно ми е тоа што Заев го најави Димитров како автор за „новата“ агенда. Заев подвлече дека агендата е подготвена од Димитров и од неговиот тим во Секретаријатот за Европски Прашања, во консултација со неколку министерства. Претпоставувам дека Заев чека да види дали планот, како и Димитров, ќе се истрошат, за потоа да има изговор кого да обвини за неговиот неуспех. А виновникот да не биде самиот тој, Зоран Заев.

пишува:

Џејсон Мико