Инспирирано од Артур Шопенхауер: Еристички трикови (втор дел)

 

 

Се поставува прашањето: од каде доаѓа желбата сопственото мислење да го претставуваме како најисправно, кога тоа не е дури ни вистинито?

 

Според Шопенхауер тоа доаѓа „од природната расипаност на човековиот род“. Човекот секојпат тежнее кон тоа секогаш да биде во право. Од оваа особина на човекот произлегува дисциплината еристичка дијалектика. Тоа е еден вид учење за постапувањето на човекот и неговата желба секојпат да се биде во право. Доколку тоа не е така, најверојатно луѓето ќе бидат целосно честити, па во согласност со тоа во секоја расправа на виделина ќе ја изнесуваат само вистината. За жал, не е така. Најчесто човекот употребува „помошни средства“, кои доаѓаат од неговата итрина, но  и од поквареноста што ја носи во себе, па така со нив ја потиснува вистината, а ја инагуирира „својата лична вистина“ како вистина. На ова не учи и опоменува искуството од секојдневните расправии и препирања. Во расправиите и препирањата секој има своја природна дијалектика, како што има и своја природна логика. Во тој контекст погрешните судови се чести, а погрешните заклучоци многу ретки. Значи, недостатокот на природната логика е редок. Поинаква е состојбата со недостатокот на природната дијалектика. Таа е нерамномерно распределена природна дарба. Да се дозволи да бидете побиени, да ве збунат со нешто што наизглед е аргумент, каде всушност сте во право или обратно, често се случува. Оној кој многу често изглегува како победник во препирките и расправиите, тоа е  резултат не само на вистинитоста на својата моќ за рсудување при изложувањето на тврдењето, туку и на доприносот на итрината и способноста со кои го бранел тоа што го тврдел.

 

Трето лукавство: Луѓе и политичари

Се работи за воопштување на релативното тврдење и релативизирање на општото тврдење. Тоа е наведување на сваќање како да се работи за нешто сосема друго, а не за она што е искажано во тврдењето, па така сватено се побива тврдењето на противникот. Во овој контекст, примерот на Аристотел е : Црнецот е црн, а кога станува збор за неговите заби тој е бел. Значи, тој е црн и истовремено не е црн. Ова е измислен пример кој никого навистина нема да го залаже. Затоа ќе наведеме други примери : Во изминатите изборни кампањи во Република Македонија стануваше збор и за моралот на политичарите. Се правеа обиди некои од кандидатите (во претседателските избори) да бидат издвоени како посебно морални, како луѓе кои « држат до збор » или се « сериозни државници ».

Фактот дека некои политичари « држат до збор » сеуште малку зборува за племенитоста на намерата, бидејќи некој може да се држи и до тврдоглав или лошо проценет збор. « Држење до збор » сепак е вредност по себе. Тоа може да зборува за доследност и интигритет. Но, повторување на нешто што се подразбира, како да е нешто посебно, исто така раѓа сомнеж во намерите.

Слично е и со синтагмата « сериозен државник ». И во нејзе се содржани значајни пропусти, доколку сериозноста се сваќа како синоним за строгост во ставовите и за непопустливост. Но, тоа може да биде и спротивно од флексибилен. Државникот по одредување е сериозен. Тоа подразбира дека секој што сака да биде државник, по редот на нештата, мора да биде и сериозен. Нашата 15 годишна историја на демократија е многу богата со примери за случаеви кога политичари самите себе се прикажуваа како „сериозни луѓе за сериозни времиња“, а токму тоа сериозно време, испадна немилосрдно и на јавноста и на самите тие политичари им покажа дека тие сепак се недоволно сериозни, па дури и дека воопшто не се сериозни. Доказ за ова е самата Македонија, во која економските, социјалните и политичките прилики, се многу полоши денес, отколку пред 15 години.

Значи, во една прилика политичарите се пофалуваат како луѓе, а во друга се напаѓаат како политичари кај кои одредени доблести, доколку не се прилагодени на контекстот, можат да бидат и недостатоци. Тоа е така затоа што моралноста во јавната комуникација и моралноста на политичкото дејствување често зависи од мотивот кој го произвел одреденото политичко однесување и ја создал прилагодената политичка реторика на таквото однесување. Пример: политичарот кој ја откупува со сопствени средства вилата во која живее на Водно делува етично, но таа етичност е така мала во споредба со праведноста кон одредена категорија на граѓани кои не се во прилика да откупат, така поволно, толкава вредност како што е станот во кој живеат ( сеуште има голем број на граѓани кои под најповолни услови – мала проценета вредност на становите – не можат да ги откупат своите станови).

Постојат значајни разлики во квалитетот и квантитетот на праведноста во политичката комуникација. Во неа високо е развиена моралистичката реторика, но како заоѓа сонцето, односно штом се завршат изборите, доаѓа до промена на реторичката стратегија. Дали сме направиле добро дело и тогаш кога сме имале нечесни намери? Дали не сме погрешиле и тогаш кога чесниот обид предизвикал несакани последици? Ова се посебни теми за еристичко (и софистичко) разгледување. Во јавната комуникација не се суди според намерите, туку според последиците на чинењето и нечинењето (дејствувањето и недејствувањето).

Забелешка: Може да се забележи дека досега изложените три еристички трикови се сродни. Заедничко на сите им е тоа што во расправата противникот зборува за нешто друго од она што е изложено. Всушност правиме непознавање на противаргументите доколку со ова се задоволиме. Безмалку во сите наведени примери она што противникот го кажува е вистинито или многу блиску до вистинито, но не стои во директна, туку само во привидна противречност со тезата. Значи, оној кого тој го нападнал ги негира консеквенциите на неговиот заклучок, односно заклучокот за вистината на неговото тврдење врз основа на погрешноста на нешто. Ова е директно побивање на неговото побивање, или поинаку кажано побивање на заклучокот.

Постои и непризнавање на вистинити премиси во еден јавен дијалог, затоа што се предвидува одредена консеквенца. За/против ова постојат два еристичка трика кои ќе бидат претставени во следното продолжение.

________________________________________________________________________________________________________ Превземањето на содржините на СВЕСТ.мк е дозволено доколку се наведе изворот со линк од веб порталот или статијата која е превземена. Доколку тоа не е направено, секое неовластено објавување на содржина, видео или текст од веб порталот, ќе Ве чини 15.000 денари (петнаесет илјади денари) без пресметан ДДВ за секое едно објавување на содржина, видео или текст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *