Инспирирано од Артур Шопенхауер: Еристички трикови(трет дел)

Често ни сами не знаеме дали сме во право или не кога сме во некоја расправија. Многу често веруваме дека сме во право, но ни се случува да се излажиме. Ова е затоа што, според изреката на Демокрит, вистината е во длабочината (веритас ест ин путео). На почетокот на расправијата секој по правило мисли дека вистината е на негова страна. Потоа и двете страни во тоа се сомневаат. Сепак, крајот треба да ја покаже и потврди вистината. Во ова, дијалектиката воопшто не се меша, исто како што тоа го прави судијата во двобој кој не ги испитува причините поради кои дошло до него. Во двобојот е битно да се парира на ударите на противникот и тој да биде убоден. Можеме да кажеме дека ист е случајот и во дијалектиката – таа е интелектуална вештина на мечувањето. Доколку на себе како цел си ја поставиме објективната вистина, се враќаме на чиста логика. Доколку пак целта ни е изведување на погрешни тврдења, влегуваме во полето на софистиката. И во двата случаја треба да претпоставиме дека веќе знаеме што било објективно а што погрешно. Но, тоа однапред многу ретко е извесно. Затоа вистинскиот поим на дијалектиката е интелектуалната вештина на мечувањето  со која секојпат они што се пасправаат и препираат сакаат да се во право. Шопенхауер оценил дека на овој поим повеќе му одговара името еристика, поточно еристичка дијалектика (дијалецтица еристица).

 

 

Четврто лукавство: Од рајот до пеколот.

 

Секој еристички трик произлегува, но и повторно се стопува, од знаење и исикуство. Еристиката е духовита и духовна, но не премногу душевна дисциплина. Еристичарите многу често прават “салто мортале” или посебни “коперникански преврти”, но кај нив најчесто е застапен, како често истакнуваше познатиот афористичар Станислав Лец, “салто морале”. Кога се посегнува за некој заклучок, исто како и во шахот, еристичаот не дозволува тој да се предвиди бидејќи противникот ќе направи се да го предухитри. Сепак, разликата е во тоа што победата во шахот не може да се сведе на залажување на противникот. Тешко дека во шахот постојат морални и неморални победи. Но, во една комуникација вистината може да биде објективно проверувана, и како таква единствена, а во шаховската игра возможни се дури три вистини: да победи едниот или другиот играч или да се постигне реми. Според ова играта е вистина, а исходот е пат до вистината. Во една комуникација и политика исход е вистината, а вербалната “игра” само пат до вистината. Овде станува збор за тоа дека кога сакаме да извлечиме некој заклучок, не смееме да дозволиме противникот да го предвиди. За таа цел, поединечните премиси мораат да бидат што пошироко распространети во разговорот. Ова е слично како и во шахот кога ситните потези имаа за цел да го залажат противникот. Доколку не постапиме така противникот со различни лукавства и интриги ќе се обиде да ги заобиколи нашите заклучоци. За ваква ситуација Шопенхауер тврдел дека во разговорот треба да се изложат “премиси на премисите”, односно да се дадат “просилогизми”.

Со овој трик всушност се бараат методи со помош на кои од можни премиси се изведува заклучок за поставениот проблем. Понекогаш, со цел да се залажи противникот, еристичарот мора да направи и „приговор на самиот себе“. Противникот многу често им верува на оние кои одаваат впечаток дека се правични и самокритични. За ваква ситуација Аристотел не советува јасно и упорно залагање за некој доказ бидејќи тоа го зајакнува отпорот на противникот. Многу покорисно е залагањето за нешто што не е во спротивност со нашиот став. Ова, исто така ќе го залажи противникот. Овде е корисно да се наведуваат општо познати цитати кои упатуваат на јасност и со тоа ќе го натераме противникот помалку да се спротивставува на нашите тврдења. Многу добро ни се познати примерите на неособорливи премиси на поедини изреки. Токму тие се користат преку автоматизам на заклучувањето да се дојде до ирониско превртување (на изреките) во афористичко – еристичка проекција.

Примери :

Кој рано рани, цел ден му се спие
Паметниот попушта – нервно
Што можеш денес (да јадеш, испиеш и потрошиш пари), не оставај за утре
Повеќе од јасна е иронијата која наведува исто така на иронична активност при која се говори спротивно од она што се мисли. Целта е, во една ваква форма на комуникација, со посебна комика проптивникот да се детронизира.

Мора да се нагласи дека еристиката е премногу сурова за да во неа се гледа само комика. Сепак, уметноста, духовитоста и иронијата се составни делови на еристиката, затоа што еристичарот, исто како и ироничарот, мора да делува овде и сега, затоа што ефектите ќе избледнеат. Сепак еристичарот не е премногу слободен како ироничар кој се потсмева. Без разлика на се, тој сепак ги обединува двете компоненти, и згора на тоа тој мора да глуми сериозност во комуникацијата со противникот.

Еристичарот воопшто не се плаши да биде противречен и на самиот себеси. Тој мисли дека доволно направил со тоа што го надмудрил и „наместил“ противникот. Но, во тој момент тој и самиот себеси не се штити од својата еристичка дејност, бидејќи запаѓа во своевидна самоеристика. Таму каде што има многу еристичари, со право се сомнителни вистинитоста и поштеноста на говорот. Од овде, еристиката, често служи и како јавен штит на измамниците во комуникацијата.

Политичарот – еристичар моралот го доживува како свој монопол и со него наоколу мафта за да биде забележен. Меѓутоа, полемичките стратегии во политиката брзо се откриваат. Полемичарот е принуден постојано да ги обновува и иновира, да се сомнева во нив и да ги усовршува. Додека зборовите морал и вистина не можат да имаат множина, дотогаш еристичката вистина има многу лица. Еристичарот се служи со хуморот за да ја избегне тагата на поразот во комуникацијата. Еристичарот е полн со стравови и пее токму тогаш кога ги разбркува своите стравови. Тој во се и секого гледа опасност. Доколку успее да ја избегне опасноста, тој мисли дека победил.

Еристичарот – политичар настојува да ги изненади другите и затоа се плаши од изненадувања кон него. Во суштина тоа секогаш е поигрување со опасноста да не се биде во право. Полемичарот живее во илузија на реалноста и се поигрува со стравот кој непрекинато го чувствува. Во крајниот исход тој е победен од опасноста дека со мирна совест ги казнува оние кои можеби и не заслужиле казна. Ова е круцијалниот момент во кој треба да се констатира дека:

Еристичката реторика е постојано изневерување на моралот, своевидна реторика на пеколот која се преправа дека се стреми кон рајот.

 

Еристичарот никогаш сосема не е ослободен од својата судбина да верува и победува, сомневајќи се во својата победа. Од овде еристичарот ретко кога е слободен првенствено од својата пренагласена рационалистичка намера секогаш да биде во право. Можеби е парадоксално, но еристичарот не умее вистински да комуницира и е далеку од среќата, бидејќи намерно не се потпира на „емотивната интелегенција“, доколку среќен се нарекува оној, како говореше Шилер, кој, за да ужива, не мора да чини неправда. Еристичарот – политичар, безмалку секогаш чини неправда кон другите, а во крана линија и спрема себе, затоа што неверувајќи на другите и самиот губи доверба во себе дека може да биде поблизок до етиката. Неомаловажувањето на противникот еристичарот го гледа како големо одрекнување од неговото посебно задоволство, па затоа тој навредува и омаловажува за да биде задоволен, во што се состои неговата етичка рамнотежа.

 

Пето лукавство: Докажување на заблудата – заблуда на докажувањето
Овој трик се користи во ситуација кога противникот не ги признава вистинитите тврдења. Во таков случај потребно е да се употребат лажни тврдења. Кога за нешто се заземаме и залагаме неопходно е да се земат во предвид сите возможни приговори за тоа за што се залагаме. Ова од прични што секој избегнува да поддржи неверојатна, до крајност неприфатлива претпоставка. Доколку се одредиме за исклучивост на нашиот став голема е можноста противникот да одигра на наша карта. Вакви претпоставки се прифатливи за луѓе со лоши намери, за оние кои мислат дека е подобро да мразат отколку да бидат омразени. При тоа забораваат на фактот дека оној кој мрази секојпат е омразен, а публиката секогаш чувствува бес кон оние што поддржуваат неправедни ставови.

Во овој случај еристичката енигма се разрешува со изоставувањето на делот (од реченица, текст, кажано и слично) од кои настанува заблудата. Но, Аристотел предвидел и други три начина за постигнување на целта: а) Да се даде приговор на оној кој испитува, бидејќи иако не може да се побие тезата на противникот, оној кој испитува не е способен да го продолжи своето докажување. б) Приговорот се упатува со прашања. Може да се случи заклучокот да не произлегува од прашањата. Доколку оној кој прашува не може да го продолжи докажувањето, приговорот се однесува на оној кој испитува. Доколку пак може да продолжи со докажувањето, приговорот се однесува на неговите прашања. в) Се дава приговор на времето на испрашувањето, затоа што многу даваат пригивори за кои е потребно повеќе време отколку се има на располагање.

Се забележува дека погрешните тврдења на противникот може да се побиваат со други погрешни тврдења, за кои противникот мисли дека се вистинити. Ова е случај кога се користиме со начинот на мислење на противникот. Факт е дека вистинитото може да следува од погрешни премиси, но невистинито никогаш не може да следува од вистинити премиси. Во вакви случаеви велиме дека се работи за докажување на заблудата, кога мора многу внимателно да се браниме од опасностите на заблудата на докажувањето.

 

 

 

 

 

 

________________________________________________________________________________________________________ Превземањето на содржините на СВЕСТ.мк е дозволено доколку се наведе изворот со линк од веб порталот или статијата која е превземена. Доколку тоа не е направено, секое неовластено објавување на содржина, видео или текст од веб порталот, ќе Ве чини 15.000 денари (петнаесет илјади денари) без пресметан ДДВ за секое едно објавување на содржина, видео или текст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *