Инспирирано од  Артур Шопенхауер: Еристички трикови (1 дел)

“Никогаш не дозволувај да упаднеш во расправија.
Кога учените се препираат
со незналици и тие стануваат такви”

Гете

Се ближат избори. Локални. Веќе се чувствува потребата од шарени лаги. Тоа пак значи дека мораме да знаеме и да се одбраниме од нив, т.е. ефикасно да ги разобличеме. Инспирација наоѓаме кај Артур Шопенхауер, кој го конструирал поимот еристичка дијалектика. Тоа е уметност за водење на расправија, препирање и кавга, и способност во истите секојпат да се биде во право. Вака дефиниран поимот „еристичка дијалектика“ (од ерис, што значи кавга или спор), претставува уметност или вештина за водење на полемика, расправа или спор, во кој, тој што се служи со дозволени и недозволени средства (пер фас ет нефас) во вид на посебни трикови во аргументацијата, секојпат за себе обезбедува предност и секојпат е во право во расправијата или препирката, без оглед на вистината. Станува збор за прикажување на сопственото тврдење како вистинито, иако тоа е погрешно или сомнително. Се изведува преку еристички трикови, во кои има средства како да се спроведат, но и како ефикасно да се одбраниме од нив.
Во 2006та напишав книга ‘’Лагите во политиката’’,во која ја објаснив еристичката дијалектика на Шопенхауер, преку разработка на неговите 38 еристички трикови. Додадов и 4 мои, со што го заокружив кругот на умешноста како секогаш да сте во право во расправиите и кавгите. Секако не одолеав на предизвикот да понудам и мерки и средства за ефикасно разоткривање и спречување на еристичките трикови. За сите кои ке се натпреваруваат во трката за градоначалници и советници, овие еристички трикови се двоен предизвик: да се употребат, но и да се разоткријат и спречат.

По изборите ќе дознаеме кои кандидати за градоначалници и советници ќе бидат повешти: тие што ги користеле, или пак оние што ги откривале и спречувале.

  1. Прво лукавство: Мудрста и вистината не се синоними.

Ова лукавство се прави со проширување на тврдењето на противникот и скратување на сопственото тврдење (инстанца). Тврдењето на противникот се претставува како воопштено и тврдење кое залажува. Се прави на тој начин што тврдењето на противникот « се изведува » преку границата на природното, се толкува што е можно повоопштено, се сваќа во широка смисла и сето тоа се прави со претерувања до хипербола. Истовремено сопственото тврдење се сведува на многу тесна смисла и тесни рамки до граници на литота.

Овде станува збор за искреноста кон темата на разговорот, која понекогаш не може да се спротивстави на заводливоста на измамата. Анатал Франс истакнал : « Ја сакам вистината и мислам дека таа им е потребна на луѓето. Но, лагата им е уште повеќе потребна, затоа што им ласка, ги теши и им дава бескрајна надеж. Без лаги, луѓето би умреле од очај и од досада ».
Односот помеѓу вистината и лагата (измамата) од самиот почеток се наоѓа во реторичките процеси на јавниот говор. Во еристичкото комуницирање потребно е да се сака она што противникот не го сака и да не се сака она што противникот го сака. Во ова секако, има и многу надмудрување, понекогаш во почетна линија многу слично на играње шах. Противникот знае или може да знае, за нашата намера и се претвара дека сака она што не сака и дека не сака она што сака. Во ваков случај другиот би требало да сака она што првиот сака да не сака, а да не сака она што противникот не сака да сака. При вакви надмудрувања се прават повеќе кругови на смислата, или поточно на невистинити смисли кои во краен исход или во упростена варијанта доведуваат до измама која станува работа на сосема специјалниот личен талент.
Најлесно еристичарите се познаваат по тоа што не сакаат строго определена тема на разговор. Свеста на еристичарите мора да биде јака свест за логика, иронија и јазик. Еристичарот мора да биде свесен за јазикот и иронијата на начин и степен на кој противникот не би можел да го следи во неговата логика а истовремено да биде разбирлив за публиката (читатели, слушатели, гледачи). Ова сето губи смисла додека нема публика. Вистината и лагата во дејствувањето на еристичарот не се обични вистина и лага. Тие се посебна вистина на измамата и измама на вистината атрактивно претставени на публиката како „права вистина“. Секако дека една измама раѓа друга, таа следна и така натаму. Да не се воочи еристичар во една расправа, е исто што и да не се воочи смислата и целта на истата таа расправа.
Еристичката расправа во политиката е многу честа и нејзината цел не е да се дојде до вистината, туку да се дојде до својата вистина.
Познато е дека автентичниот еристичар секогаш ги игнорира фактите. Пример за автентичен (оригинален) еристичар е Владо Бучковски, премиерот на Владата на Република Македонија кој упорно и непрекинато ја убедува јавноста и граѓаните на РМ, дека економијата ни е во развој, производството се зголемува, стандардот е поголем и слично. Фактите го зборуваат спротивното. Сите, па и врапчињата на гранките, знаат дека производството на Македонија е во колапс, стандардот на граѓаните е се помизерен и се потешко нормално се живее во Македонија. Впрочем сите овие факти ги потврдуваат граѓаните во истражувањата, анкетите, изјавите за печатените и електронските медиуми и слично.
За влегување во еристички активности или пак за избегнување на истите постојат безброј причини. Да не се прифати фрлената еристичка ракавица може да биде работа на понижување, но и на посебно достоинство. Еристичката утакмица не води секојпат кон истражување на вистината туку најчесто кон вистинско надмудрување, во кои мудроста и вистината не се синоними.

Второ лукавство: Острицата на играта со зборови.

Станува збор за употреба на хомоними (два поима означени со ист збор), со цел да се прошири тврдењето и на она што, покрај ист збор нема ништо заедничко со темата, па така да се побие и да се предизвика впечаток дека тоа е побиено. Кога исти зборови се користат еднаш во една, а друг пат во друга област, тие стануваат збунувачки. На пример зборот « длабоко » има едно значење во областа на духот (филозофијата), а сосема друго значење во физичкот – геогравска смисла. Слично е и со зборот остар, при што едно е « остар глас », друго е « остар ветар », а сосема трето е „остар нож“. Истото важи и за коњ (животно) и коњ (гимнастичка справа).

За овој трик Шопенхауер го наведува следниот пример:
а/ “Вие не сте упатени во тајните на Кантовата филозофија”.
б/ « За она во што има тајни, јас воопшто не сакам да знам ».

Можен пример исто така би бил:
а/ „Диоген искажал длабоки мисли“
б/ „Да, особено, доколку бурето во кое спиел било доволно длабоко“

Хомологните структури во јазикот многу често доведуваат до иронични и духовити паралелизми на струкртурата. Тие помагаат при оформувањето на начелата на хомологијата. Истовремено се искажуваат ефектни амфиболии (двосмислености). Ова посебно е изразено во полемиките и јавното комуницирање каде што треба брзо да се реагира. Така, кога разговараат двајца политичари, настанува недоразбирање, кога едниот го употребува зборот „град“ за да означи урбана населба, а другиот политичар истиот збор град го употребува да означи врнеж. Слично е и со зборот „благо“, кога еднаш се означува стока или пари, а во друга ситуација се употребува во смисла на нешто вкусно. Значи, поимите хомоними и пароними (поими од ист корен) можат да бидат предмет на недоразбирање и поттик за игра на зборови и акција на еристичарите.
Хомонимите бргу допираат до скриената област на несвесното, бидејќи искажуваат иста или слична музичко – фонетска структура, а бараат апсолутна свесност при разбирањето на различното во истото. Хомонимите во еристичката активност се искажуваат на ниво на микроструктури (во поединечен пример, досетка, гаф) и на ниво на макроструктури (целата полемика се изведува така што се зборува различно за истото, и исто за различното). Но, без оглед на различностите на еристичките, ироничните, па и на моралните позиции, суштината на секој морал во односот кон вистината всушност е однос кон специфичната интелектуална игра со која човекот се учи како да изгуби кога губи, а не како да добива кога губи. За посебниот однос на хомонимите и проблемите на хомологијата многу инспиративно зборува Лисјен Голдмен во неговата книга „Скриениот бог“, на тој начин што ги поврзува положбата на поединецот како можен еристичар, формите на јавното комуницирање и уметничките форми. Со хомонимите се спојува а истовремено и разделува премногу механичката врска на поимите кои можат да бидат дијаметрално различни. Хомонимите поседуваат изразени структурни афенитети. Односите на хомонимијата, не мораат и вообичаено не се односи на хомологијата, иако на тоа многу често се упатува. Формалната сличност не мора да биде и суштинска (според значење) сродност. Од овде и доаѓаат бројните примери на духовити комбинации и еристички изворишта на полето на хомонимијата. Меѓутоа, се поставува прашањето каде е моралот кога станува збор за еристички извртувања на поимите и состојбите. Најверојатно на ова најблиску е Ернест Хемингвеј кога кажал: „За моралот знам само толку дека морално е она после што добро се чувствувам, а неморално е тоа после што лошо се чувствувам“.
Се случуваат бројни примери на т.н народна етимологија, како кога зборот „дубиозно“ се разбира во смисла на „длабоко“ наместо „сомнително“, или пак кога зборот „иницијација“ се разбира како „иницијатива“. Ваква неукост може скапо да го чини еден политичар. Станува збор за незнаење, лапсус или незнаоѓање. Обично во вакви случаеви лицето кое погрешило се изложува на потсмев. Незнаењето не се простува ниту на оној кој во почетокот на расправата се држел до морал, а камоли на оној кој се впуштил во еристичка игра, а нема доволно знаење и не е снаодлив. Грешката сама по себе е неморална при појавувањето во јавност.

пишува: Сотир Костов 

________________________________________________________________________________________________________ Превземањето на содржините на СВЕСТ.мк е дозволено доколку се наведе изворот со линк од веб порталот или статијата која е превземена. Доколку тоа не е направено, секое неовластено објавување на содржина, видео или текст од веб порталот, ќе Ве чини 15.000 денари (петнаесет илјади денари) без пресметан ДДВ за секое едно објавување на содржина, видео или текст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *