Гоце Делчев бил – и ќе остане – Македонец

Инсистирањето на бугарската Влада да го диктира минатото е обид да се преземе иднината на Македонија.

Овој обид ни кажува нешто за човечката природа: дека кога правиме отстапки под нечија уцена само поттикнуваме да не уценуваат уште повеќе. Актуелната Влада на Македонија покажа дека е отворена – и многу подготвена – да прави отстапки. Ако го направиле еднаш, значи ќе го направат повторно. И по трет пат, и по четврти пат, додека не остане ништо со што ќе може да се прават отстапки. А во меѓувреме, овој процес ги деморализира Македонија и Македонците, што Бугарија и Грција и го сакаат, додека западните транснационални елити на кои искрено не им е гајле за вас, им аплаудираат.

Бидејќи Македонија сега конечно би требало да ги почне преговорите за влез во ЕУ – иако се уште нема датум за тоа – за по многу многу години да влезе во Европската Унија, Бугарите решија дека сега е моментот да ги изнесат своите барања и да ги добијат бараните отстапки од македонската Влада, од која бараат да прифати дека Македонците всушност се „Бугари“ и дека македонската историја е „бугарска историја“, а македонските херои се „бугарски херои“.

Ништо од ова не е неочекувано – многу пати досега пишував дека и Бугарија и Грција го повлекоа своето вето за македонскиот прием во НАТО само затоа што Македонија капитулираше пред двете земји по повеќе прашања, а сега двете земји планираат да го употребат своето друго вето – за членството во ЕУ.

Зошто Грција и Бугарија се согласија да го дозволат приемот на Македонија во НАТО? Тоа е лесно. Американскиот Стејт Департмент ги притисна. А и Грција и Бугарија знаеа дека ќе имаат втора можност да го довршат процесот кој овие земји го започнаа со таканаречениот Договор за пријателство меѓу Македонија и Бугарија и таканаречениот Преспански договор меѓу Македонија и Грција.

Прва на сцена настапува Бугарија (Грција наскоро ќе ги претстави своите барања).

Нивната актуелна цел е македонскиот херој Гоце Делчев.

Накусо, поентата е во тоа што Македонците го слават Гоце Делчев како македонски херој, кој е клучен за подоцнежното формирање на независната македонска држава. Гоце Делчев почива во црквата Свети Спас во Скопје, место кое ми беше чест да го посетам. Делчев е еден од четворицата јунаци спомнати во македонската национална химна. Градот Делчево е именуван според него. Македонските деца учат за него и за значајот на неговото дело за нив како Македонци.

Бугарите, пак, тврдат дека тој бил еден од нив. Тоа е нивна работа.

Но не е нивна работа да им кажуваат на Македонците дека треба да клекнат на колена пред Бугарите и да се согласат со се што Бугарија го бара од нив, ако не сакаат да добијат бугарско вето за отворањето на преговорите со ЕУ.
Многу пати низ македонската историја сме биле сведоци на вакви притисоци.

А сепак, бугарската Влада – Влада на земја која е членка на Европската Унија, што кажува многу за ЕУ и за нејзиното отсуство на принципи – креираше непостоечки проблем кој нема врска со подготвеноста на Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ.

Тоа е проблемот: Владата на Бугарија се однесува како фашистите во Втората светска војна. Можеби никогаш не се ни смениле.
Долго пред Зоран Заев и Али Ахмети да ја преземат власта во 2017 година, лидерите на ЕУ и НАТО и порачаа на Македонија дека, накусо: „Овие земји се членки на клубот, а ти Македонијо, не си“. ЕУ и рече на Македонија дека ако сака да влезе во овој клуб, мора да ги прифати сите барања на земјите кои веќе се членки. На некој начин Бугарија само го применува тоа што лидерите на ЕУ и НАТО веќе и го кажаа на Македонија.

Дали некој во ЕУ ќе и се спротистави на Бугарија? Не очекувам да се случи тоа, бидејќи иако Европската Унија тврди дека е заштитничка на вредностите, таа всушност нема никакви вредности.

Најдобар начин да се надмине овој спор е да се согласиме дека не можеме да се согласиме и да престанеме да зборуваме за ова прашање. Но, изгледа дека Бугарија нема да престане и ќе продолжи да ја користи својата моќ како членка на ЕУ да ја држи Македонија на колена. Затоа и велам дека обидот на Владата на Бугарија да го диктира минатото е нејзин обид да ја контролира иднината на Македонија.

Во сржта на спорот е прашањето на моќта, и фактот дека тие ја посакуваат Македонија.

Зоран Заев, пак, ќе попушти пред бугарските барања затоа што е и слаб и суетен, и силеџија и кукавица, Квислинг и човек кој е очаен да ја спаси својата сопствена кожа, кој верува дека другите го сфаќаат сериозно а не разбира дека и Македонците и меѓународните елити чие внимание го посакува го сметаат за патетичен глупак.

Ништо од ова не значи дека Македонците – како граѓани или преку институциите – мораат да се согласат со него или со неговата Влада.

Ќе дојде време, наскоро, кога Македонците ќе можат да им кажат на Бугарите да се откачат и да си ја гледаат својата работа, дека можат да слават кого сакаат, но дека Гоце Делчев бил и ќе остане Македонец.

Запомнете дека – како што вели британскиот писател Даглас Мари – не можете да имате иднина ако си го мразите своето минато. Не можете да имате иднина ако ги отфрлате фундаменталните историски темели на вашата држава.

пишува:

Џејсон Мико