ЕК нема да ги купи дополнителни 100 милиони вакцини од „Астра Зенека“, а размислува да поднесе и тужба

Двајца од петмина неименувани европски дипломати на кои се повикува „Политико“,потврдиле дека до крајот на неделава е рокот до кога државите треба да се изјаснат за тужбата

Европската комисија (ЕК) нема да ги купи дополнителните 100 милиони вакцини од „Астра Зенека“, што се предвидува како опција во договорот за набавка на ЕУ со оваа компанија.

Портпарол на ЕК на прес-конференција рече дека рокот за спроведување на оваа опција е веќе истечен и оти ЕУ не планира да ја спроведе.

Договорот предвидува 400 милиони дози, од кои 300 милиони се нарачани, додека набавката на 100 милиони не е задолжителна.

Портпаролот, исто така, рече дека ЕК сè уште не одлучила дали ќе преземе правни мерки против „Астра Зенека“ бидејќи не ги испорача договорените количини, туку посочи дека се разгледуваат сите опции и оти конечните одлуки ќе бидат донесени во договор со сите земји-членки на ЕУ.

Додека оттаму велат дека сè уште нема конечна одлука, бриселскиот портал „Политико“ повикувајќи се на дипломатски извори денеска објави дека ЕК се подготвува да поднесе тужба.

Како што се наведува во објавата, на состанокот на европските дипломати повеќето европски земји потврдиле дека ќе поддржат тужба против „Астра Зенека“ за кршење на договорот за испорака на вакцините. Двајца од петмина неименувани европски дипломати на кои се повикува „Политико“,потврдиле дека до крајот на неделава е рокот до кога државите треба да се изјаснат за тужбата.

„Астра Зенека“ предизвика негодување во ЕУ во јануари, кога соопшти дека нема да може да ја достави количината на вакцини за кои првично се обврза. До крајот на првиот квартал, таа испорача 30 милиони дози во земјите на ЕУ, а не 100 милиони колку што беше договорено и тој недостаток се одрази врз кампањите за вакцинација низ цела ЕУ, пишува „Политико“.

Компанијата соопшти дека ќе испорача околу 70 милиони дози до крајот на вториот квартал, а според договорот со ЕУ до тогаш треба да ги достави сите 300 милиони.