„Дали човек на кој му е топло може да сфати како му е на човек кој се смрзнува?“

Во книгата „Еден ден во животот на Иван Денисович“ на Александар Солжењицин (1962 година), нараторот прашува „Дали човек на кој му е топло може да сфати како му е на човек кој се смрзнува?“

Да го парафразираме ова – дали маж или жена чие име, идентитет и историја не се под закана, можат да разберат луѓе на чие име, идентитет и историја сериозно им се заканува да бидат избришани?

Ако работите се толку едноставни – ако човек не може да разбере некои нешта просто затоа што не ги искусил, тогаш мораме да ги образуваме и убедуваме другите луѓе. Да им покажеме како ви е кога вашето име, идентите и историја – и се што доаѓа со нив – се под закана. Ако им укажеме и се обидеме да ги убедиме да ве разберат – и да ви помогнат – постои барем малку надеж дека ќе го почитуваат вашето име и вашиот идентитет. Ако одбијат, во ред, тоа е веќе тема за друга колумна.

Еве еден начин на гледање на актуелната состојба:

Моето име е Џејсон Мико. Веќе со децении живеам со моето име. Тоа е дел од мене, од мојот идентитет. Иако ми е само еден дел од идентитетот, тоа е доста важен дел. Моето име, Џејсон, е елемент со кој се поистоветувам и би ми било многу чудно ако некој ми се обрати со „Пол“ или „Мајкл“. Зошто? Не можам да го објаснам тоа, но знам дека е така, и на сите горе-долу им е јасно дека ќе биде така.

Моето семејно име е малку поинакво. „Мико“ е унгарско име. Во 1990ите години, кога почнав да го истражувам потеклото на моето семејство, најдов далечку ратучеди во Будимпешта и Дебрецин (со кои останав во контакт) и го посетив родното место на мојот дедо во мало село близу Кошице, Словачка (секако, се работи за унгарско село). Го истражив моето семејство од татковата страна до 1848 година, односно до раѓањето на мојот пра-пра-прадедо. Колку што можев да утврдам, презимето ми доаѓа од народот Шекели, кои се унгарско племе кое потекнува од Карпатите во Трансилванија, која денес е во Романија, но со векови била дел од Унгарија и е целосно унгарска (знам бидејќи сум ја посетил).

Сега, да замислиме некој да дојде и да ми каже дека од сега па натаму моето име е „Џејкоб Марли“. Би морал да ги сменам изводите од матичната книга на родените, пасошот, возачката дозвола, факултетската диплома и сите други документи кои го носат моето име. Другите би морале да почнат да ме викаат „Џејкоб Марли“ (или скратено – Џејк). По децении како „Џејсон Мико“, ако некој ми каже дека во иднина морам да бидам „Џејк Марли“ и да барам сите да ме викаат така, знам дека мојата реакција би била нешто помеѓу гнев и вчудоневиденост.
Но, што ако ми кажат дека морам да го сменам името и идентитетот и на мојот татко, на мојот дедо… На сите мои предци?

Тоа е тоа што Бугарија го бара од вас сега.

Во тој случај не би чувствувал нешто меѓу гнев и вчуденовиденост, туку чист гнев. Секако, не би потклекнал под тој гнев, но би се посветил себеси на неговото правилно насочување со цел да ја сменам неправдата која ми е нанесена на мене и на мојот род.

Како што пишував во минатото, клучно важно за националната безбедност на Република Македонија е да го зачува својот македонски идентитет, а нејзините граѓани, особено етничките Македонци, да можат слободно да се идентификуваат како Македонци.

Да претпоставиме дека една генерација трае 25 години. Да речеме дека две генерации претставуваат 50 години. Во тие две генерации, децата (и нивните деца, и нивните деца) може да научат многу поинаква историја од таа што ја учеле нивните родители. Овие генерации за 50 години може да научат дека нивната земја е навистина новосоздадена и дека произлегува од некоја соседна држава. За овие 50 години, две генерации може да научат дека нивниот јазик е нов и всушност и припаѓа на друга држава, на друг народ, на друга јазична група.

Истовремено, во овој хипер-поврзан свет, преку социјалните медиуми, преку другите, постари медиуми, аналитичките центри, добронамерните но генерално земено смотани западни дипломати, ќе се пренесува истата порака. Се повеќе од нив ќе ве викаат по име со кое вие не сте израснале, кое е многу поинакво од тоа со кое израснале вашите предци.

Добро знаете што ќе се случи по 50 години со тие генерации.

Да се вратам на првичниот цитат од Солжењицин. Што ако на човекот кој не е соочен со никаков ризик за своето име, идентитет и историја воопшто не му е ни гајле за ризиците со кои вие сте соочени, или пак е отворено непријателски настроен кон вашиот идентитет и вашата историја?

Не знам дали имам добар одговор на ова прашање – барем во моментов – но се надевам дека горепосочените непријателски настроени лица не се многу на број.

Во меѓувреме, имаме многу работа, првин да го преземеме образованието на младите Македонци, а второ, едни пред други и заедно пред странците да потврдиме дека да се биде Македонец е нешто уникатно. Ја имаме потребната технологија, комуникациските вештини и ресурсите кои ни се потребни – кои произлегуваат од богатата и единствена историја на Македонија и Македонците. Ајде да го направиме тоа.

пишува:

Џејсон Мико