Дали Артан Груби управува со Владата на Македонија?

Дали Артан Груби, моќниот „Прв Заменик Претседател на Владата и Министер за Политички Систем и Односи Меѓу Заедниците“, владее со Македонија? Впрочем, на чиј „политички систем“ е Груби министер? Стара изрека е дека колку подолга е титулата на некој службеник, толку помалку важна му е работата. Но, ако го погледнете Твитер профилот на Груби лесно може да се случи да се запрашате во која држава живее тој? На неговата слика се гледа ликот на Груби, логото на неговата партија ДУИ со сина позадина, и со – замислете – знамето на САД од левата страна и знамето на Република Албанија од десната страна. Следи неговата долга и грандиозна титула, локацијата што ја навел („Шкуп“ – Скопје) и партиската интернет страница. Нема приказ на македонското знаме, не се спомнува македонската Влада, ништо слично. Ова е веројатно намерно – Груби е пред се про-албански политичар. Други заедници не го интересираат.

По се изгледа Груби е тој што ја донел одлуката за бркање од работа на Стојко Пауновски, директор на државниот пазарен инспекторат ДПИ. Пауновски, „личен пријател“ на Зоран Заев како што го претставија повеќе медиуми и самиот Заев, добил наредба од страна на Заев – или можеби Груби – да вработи триесетина Албанци според таканаречениот принцип на позитивна дискриминација во неговиот инспекторат. Пауновски одбил да го направи тоа, велејќи дека работниците се или неквалификувани или не се потребни. Поради тоа што ја кажал вистината и се спротиставил на наредбите на Заев/Груби, Пауновски беше отпуштен, и покрај тоа што 90 проценти од вработените потпишаа петиција да бараат да остане на работа.

Заев изјави дека, и покрај тоа што Пауновски е негов пријател, нема да дозволи да се кршат законите, наведувајќи дека тој го прекршил „законот“ со тоа што одбил да ги прими овие етнички Албанци на работа.

Пауновски, пак, одговори дека е отпуштен од позицијата не од Заев туку од Груби, велејќи дека одлуката била очекувана, и во духот на велигденските празици, побара прошка за тие што му згрешиле, затоа што „не знаат што прават“. „Немаше конфликт меѓу мене и премиерот, ако имаше конфликт, тоа беше со шефот на кабинетот на вицепремиерот Груби“, изјави Пауновски. Тие кои го знаат Светото Писмо ќе ја препознаат изреката на која се повика Пауновски: „Оче, прости им, оти не знаат што прават“.

Значи, кој е главен тука? Самото тоа што членови на Владата им наложуваат на функционери да вработат неквалификувани и непотребни луѓе не е ништо ново – ова е стара пракса во поранешните комунистички држави (се случува и во зрелите демократски држави, но сепак поретко). Оваа пракса мора да се растури ако Владата (било која Влада) сака навистина да има успешна држава и успешен народ. (Сепак, да бидеме коректни кон Македонија, американскиот Стејт Департмент и главучите во ЕУ, па и во НАТО, бараа преку Охридскиот рамковен договор да се воведе ангажирање на припадници на малцинствата само поради тоа што се малцинства).

Сето ова настрана, според признанието на самиот Пауновски, изгледа дека кога станува збор за вработување, Артан Груби е на чело на Владата на Македонија, иако може да се заклучи дека и други, уште поважни одлуки, се носат од страна на Груби и неговиот шеф Али Ахмети. Овие одлуки, кои се однесуваат на пописот, граѓанството, надворешната политика и слично се водени исклучиво од етнички интереси, во случајов интересите на етничките Албанци, а на штета на сите други заедници, дали се тоа Македонци, Турци, Власи, Роми, Срби или други. Ова е уште еден пример Зоран Заев да прави се што ќе му се каже само за да се одржи некако на власт.

Артан Груби е поранешен (можеби актуелен) фудбалски хулиган, собран од улица, дотеран и подзамиен и востоличен на влијателна функција во македонската Влада. Со неговите постапки тој потврдува дека е незрел, подготвен да се заканува на било кого само за да биде по негово, и дека не е човек кој би требало да биде блиску до власта.

Што побргу си замине, што побргу Владата на Заев и Ахмети си замине, толку подобро за Македонија и за регионот.

пишува:

Џејсон Мико