Да ја сакаш Македонија

Македонија ќе престане да постои кога луѓето ќе престанат да ја сакаат, му одговорив на загрижен млад Македонец од дијаспората неодамна.

Англискиот писател, филозоф и теолог Џ. К. Честертон (1874-1936) напиша нешто слично на темата на Рим: Луѓето не го сакаа Рим затоа што Рим беше голема империја – туку Рим беше голем затоа што неговите луѓе го сакаа.

Верувам дека Римјаните ја сакаа својата земја затоа што верувале во идејата и идеалот на Рим, и се што Рим значел за нив. Затоа и се жртвуваа за Рим. Му служеа на Рим.

Но, на крајот, Рим сепак падна.

Точно е, Рим падна поради повеќе причини. Но сите овие причини, според мене, имаа една заедничка нишка. Рим стана богат, и поради тоа стана декадентен и ориентиран самиот кон себе. Римјаните заборавија од каде доаѓаат (повеќе пати пишував за неопходноста да се чуваат спомените на еден народ). Откако заборавија на своето потекло (или самите решија да не се сеќаваат повеќе) Римјаните го загубија чувството за благодарност што го имаа кон градот што го изградија нивните предци. А бидејќи спротивноста на благодарноста не е неблагодарност туку презир, Римјаните почнаа да мислат дека Рим веќе не е достоен за да се борат за него. Така умре нивната љубов кон Рим. Така умре Рим.

Уште еден, посовремен пример: при крајот на 18 век Франција падна  затоа што луѓето веќе не веруваа во неа, веќе не ја сакаа – сакаа нешто друго и поинакво. Се определија за револуција со која ги урнаа темелите на Франција и ги заменија со нешто што мислеа дека ќе биде подобро, за да дознаат дека тоа што го урнаа го заменија со анархија и тиранија.

Соединетите Американски Држави моментално одат по истиот пат. Се повеќе Американци не веруваат во идејата и идеалите на создавањето на нашата држава и на нејзините создатели. Тие велат – поточно, многу гласно викаат – дека создавањето на земјата и татковците – создатели биле расипани, корумпирани, грешни луѓе. И затоа се обидуваат да си ја урнат земјата. Веќе не ја сакаат Америка бидејќи се расипани од сопственото самобендисано и егоцентрично однесување.

Дали ја сакате Македонија?

Што значи да сакаш нешто, особено ако се однесува на некое место? Верувам дека тоа е исто како да сакаш некого, да сакаш друг човек. Љубовта како именка е чувство, но нејзиното вистинско значење доаѓа до израз во контекст на нашите врски, како глагол, како дејство, како начин на однесување.

Да ја сакаш својата земја е дел од доброто однесување.

Да се однесуваш добро кон својата земја значи да не ја уриваш туку постојано да ја надградуваш. Значи да препознаеш дека, да, земјата има свои проблеми и потребно е да се реформираат одредени области од време на време, но овие промени мора да се внесуваат постепено и со голема доза на рефлексија, промисла дебата и конечно – консензус.

Луѓето низ светот своите земји ги нарекувале татковина или мајчина земја, давајќи им човечки атрибути на географските места. Но ако ги тргнеме луѓето настрана, овие места, колку и да се убави или богати со природни ресурси, би биле само празни пејсажи. Што е тоа што го прави едно географско место важно? Тоа најдборо се гледа преку два фактори: преку луѓето и нивната љубов, нивниот однос едни кон други во нивното општество, и преку нивната љубов, нивниот однос кон својата земја.

Прво, за луѓето: во нашите односи едни кон други мораме да научиме вистински да ги сакаме тие околу нас, да ги препознаеме и да се сеќаваме дека овој тип на љубов е вкоренет во нашиот однос. Бидејќи животот е секогаш зависен од нашите односи, вертикално кон Господ и хоризонтално едни кон други, во нашите односи сите ние мораме да направиме избор – особено по прашањето како ќе се однесуваме едни кон други. Љубовта е глагол кој постои во дејствие, како акт на нашата воља, нешто што правиме, не само да го чувствуваме. Безусловната љубов е вкоренета во односот кон другите независно од нивната заслужност. Таа е чин на свесен избор.

Јас не можам секогаш да контролирам како се чувствувам кон другите луѓе,  но можам да контролирам како се однесувам кон нив (дури и ако тие се однесувале лошо кон мене). Имам право на избор по тоа прашање. Кога сакаме други и се нудиме себеси, тоа е чин на саможртва. Како што ги сакаме другите и се жртвуваме себеси, како што им служиме на другите, така градиме подобри и поздрави односи со сите околу нас. Со тоа, градиме подобро семејство, соседство, заедница, село, град… и држава.

Второ, нашата земја. Како што учиме да љубиме и да се однесуваме добро кон другите, исто така учиме и да ја сакаме нашата земја (и покрај сите нејзини маани), да признаеме се што било изградено од другите пред нас, а уште поважно, да разбереме зошто тоа било сторено. Кога ке го препознаеме и цениме тоа што го имаме, ќе сакаме да го зачуваме, и каде што е потребно – да го надградиме. Во случајот на Македонија, таа е изградена уште пред да стане независна држава, како татковина на Македонците со вашата единствена историја, култура, јазик…

Би било голема штета – злостор дури – ако Македонците кои долго време копнееа, се бореа и се жртвуваа за независна Македонија и конечно ја постигнаа целта во 1991 година – колку и да е Република Македонија несовршена – го отфрлат сето тоа после толку кратко време затоа што веќе не веруваат во идејата и идеалите на Македонија, и посакуваат нешто друго, нешто ново, со светкаво но лажно ветување кое на крајот на краиштата ќе се покаже помалку значајно или вредно.

Додека ја празнуваме македонската независност како суверена национална држава, клучно е да разбереме што и зошто беше изградено пред нас, и, како што напиша Крсте Мисирков, со служба и саможртва да помогнеме да го надградиме и зачуваме изграденото. Тоа го подразбира вистинскиот однос и љубвота кон Македонија.

Дали ја сакате Македонија?

пишува

Џејсон Мико