Бугарскиот национализам како страв, злоба и параноја

Станува збор за национализам кој заговара непостоење на македонски јазик и македонски народ. Непостоење на македонско малцинство во Република Бугарија. И национализам кој ја фалсификува и кради македонската историја. Национализам кој кукавички се криеше најпрвин позади татарската коњска опашка, па лепеше на нацистичката свастика, продолжи со криење позади српот и чеканот на комунистите и болшевизмот, за да на крајот мутира во национализам со златни ѕвазди на ЕУ.

Бугарскиот национализам против Македонија и Македонците е ординарна параноја – поединечна и колективна. Поединечна како политички и државен израз и исказ на Борисов, Каракачанов, Захариева, Ковачки и слични на нив од јавниот живот на Република Бугарија. И колективна параноја како став, изразен во вид на меморандум и декларација (Собрание и Влада на Република Бугарија, Бугарската академија на науките) и изјави на претседателот Румен Радев. Оваа колективна параноја е последица на ЗАВИСТ и СТРАВ, но и последица на губење на индивидуалната свест на овие политичари и државници на Бугарија. Како колективна параноја, овој бугарски национализам е збир на индивидуални паранои доведени до пароксизам.

Ако овие поединци не се способни да се изразат(а не се способни), во смисла изразување на свој сопствен идентитет, тие се присилени истиот да го бараат надвор од рамките на бугарската општествена структура, надвор од бугарскиот општествен контекст и надвор од бугарското општествено ткиво. И секако, за такво нешто најпривлечни се Македонија, Македонците, македонскиот идентитет и македонската историја. Така почнува бугарската атака на се што е македонско. На овој начин сите тие стануваат припадници на слободноѕидарскиот собир, кој си ги поставува, како задачи и цели, проблемите што имаат епохално значење – опстанок и престиж на бугарската нација и грижа за бугарското национално богатство, за сметка на Македонија и македонската кауза, претставена како МАКЕДОНИЗАМ.

За таа цел сите тие се претвораат во луѓе од акција. На прв поглед народни трибуни за бугарската кауза, а во суштина привиди на посебни лични индивидиуми. Доколку овие поединци ги сведеме на нивната вистинска мерка, ги издвоиме од стадото и ги симнеме од нивната слободоѕидарска ложа, во која тие самите се сместија, гледаме дека сме соочени со индивидуи без индивидуалност. Со ординарни националисти. Националисти, роднини на Жил. Знаете, погодувате, тоа е оној Жил на Жан Пол Сартр, кој е една обична семејна и општествена нула. Е овие бугарските роднини на Жил, имаат само една особина – да пребледнуваат и добиваат сипаници при споменувањето на историјата на Македонија и Македонците. Тоа пребледување е единствениот израз на нивното општествено битие што ги прави значајни и што е потврда за нивното постоење. Сите тие до еден се осетливи на историјата и јазикот на Македонија и Македонците. Па така, тие стануваат личности благодарените на нив.

Овој и ваков портрет, примамлив за националистот како индивидуа, и сите националисти(како колектив), како по правило се развива до крај: националистите како општествени битија и како поединци, подеднакво се ништожни. Надвор од ваквата дефиниција, секој националист е нула. Една голема нула – и ништо друго. Националистот запоставува семејство, работа, култура, и сите други општествени активности, бидејќи сите тие се премногу ситни во однос на неговиот месијанизам. Тој(тие) е “голем“ борец(големи борци), кој/кои го чека/ат својот миг. И еве го начекаа: Македонија треба да ги отпочне своите преговори за влез во ЕУ. Е тоа според овие националисти не може. Тие се прашуваат. Сега и тука – во Бугарија и ЕУ. За такво нешто(отпочнување на преговори), Македонија самата треба целосно да се обезличи: не постои македонска историја пред 1944г., нема македонски јазик, туку јазик според уставот на државата, а државата, таа постои, ама народот е бугарски, а не македонски. Ова е национализам како суров антисемитизам на 21-от век, во смисла на антисемитизмот парафразиран од Сартр.

И сега, што да се каже за овој политички и државен примитивизам мејд бај бугарскиот државен естаблишмент? Тоа се националисти-игноранти на историјата на својот западен сосед. Протагонисти на национализам по линија на помал отпор. Невидена, брутална државничка комоција. Незнаење на своите вредности, а во тој контекст и на националните вредности. Брука! Да не се познаваат сопствените национални вредности. И уште поголема брука, да се посакуваат, и голема желба за да се присвојат туѓи национални вредности, во случајот македонските. Тоа е пекол – за поединци и колектив. Во другите(Македонците) да се препознаваш само себе. И страв(огромен) и завист(невидена). Невиден националистички копнеж, се што е македонско да е нивно, бугарско. Мизерна идеологија на баналноста. Тоталитарна идеологија пар екселанс, заснована на грда демагогија што сака да заведува народ. Свој и соседски. Нема што, бугарските политичари тоа најдобро го умеат. Затоа и нашиот, и не само нашиот, сомнеж во нив кога декларативно изјавуваат “во име на народот и за народот“, кога својот индивидуален глас божем го потчинуваат на вишите, национални интереси, разбира се, бугарски.

Овој вид на национализам е и кич-национализам. Безочна и срамна борба за превласт над националното потекло на поединецот, групата, колективот, народот. Националистите застапници на овој вид национализам, не знаат ниту еден јазик, и затоа присвојуваат туѓ јазик. Не се културни, не познаваат никаква култура, и затоа сакаат да имаат увид во културното наследство на друга нација(македонската), од која влечат погрешна аналогија – се е нивно, бугарско. И корените на таа нација(пак македонската) се бугарски. Ова е плодната почва на бугарската националистичка идеологија. Барем така тие мислат. Не бре националисти ни едни! Од такво глуво семе маја не се фаќа. Сето тоа ви е какол во кој со векови сте закаколени.

Досега невидена националистичка антропологија. Тоа е најнегативниот национализам, како најгрда категорија на духот на поединецот и колективот. Живее на порекнување (на сопствените злодела) и од порекнување (на други истории, јазици, народи). Тоа го можат само националисти од најдолен вид. Себе си се гледаат како позитивни, а другите ништожни и негативни. За нив не постојат општи вредности(европски), етички, естетски, и на крајот на краиштата цивилизациски. Тие мора да го притиснат соседот, да го уценат. Тие се ин, соседот е аут. За влез(во ЕУ) соседот мора да се самоповреди, да се самопонижи, да се откаже од самиот себе си. Од најсветото(јазикот), најсветлото(историјата) и најсвоето(културата). Како што е понапред напишано, тоа е СТРАВ. Бугарски страв дали е тоа можно.

Овие националисти сега ликуваат поради ставеното вето. Вето на Македонија, вето за Македонците. Тоа вето, таа нивна таканаречена победа, е нивен апсолутен пораз. Пораз на страшливци – исплашени од македонската историја. Пораз на докажани никаквеци. Докажани уште од половината на 18-от век. Од времето на Бугарската егзархија. Егзархија поразена и отфрлена од МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, и од МАКЕДОНСКИТЕ ПРОСВЕТИТЕЛИ И ПРЕРОДБЕНИЦИ. Никаквеци од времето на бугарскиот врховизам. Врховизам поразен од МАКЕДОНСКИТЕ РЕВОЛУЦИОНЕРНИ ДЕЈЦИ на ВМРО ОД ИЛИНДЕНСКАТА ЕПОПЕЈА И КРУШЕВСКАТА РЕПУБЛИКА. Затоа овој бугарски национализам е идеја за безнадежност –  идеологија на национален пораз. Пораз со почеток, ама без крај, бидејќи се работи за националисти без индивидиум. А таквите националисти се кукавици, кои не го признаваат својот пораз. Пораз кој го гледаат сите, минус нив самите – слепи анахрони, дури и архаични националисти. Сето ова е и ЗЛОБА НА УБИЈЦИ. Убијци кои ја потиснуваат својата наклоност кон убиство. Убиство на македонскиот јазик, на македонската нација и на македонската историја. Жално и бедно. Националисти лишени од идентитет. Лишени од индивидуалноста во име на сопствената националистичка идеологија. Што друго им преостанува, освен да се обидат своето општествено, национално и политичко битие да го побараат другде. Во друга индивидуа, во друг колектив, во друг етникум, во друг народ. Ете тоа се националистите од Бугарија, националисти кои се претставуваат како бугарски политици и бугарски државен естаблишмент. Срам и беда на и во Европската Унија.

 

Сотир Костов