Алооо, ОБСЕ/ОДИХИР! – Каде е Завршниот извештај за изборите 2020 во Македонија?

На 15 јули 2020 имавме Парламентарни избори 2020. Знаеме кој се учествуваше, кој победи, а кој изгуби. Уште подобро знаеме дека освен победниците – СДСМ и ДУИ – сите други учесници во изборната трка ги оспорија изборните резултати. Најдобро од се знаеме што се беше напишано во првичниот извештај на ОБСЕ/ОДИХИР за изборите, изборните кампањи и одвивањето на изборниот процес. Особено впечатление остави констатацијата  “правната стабилност на изборите и изборниот процес била поткопана со незаконски дејствија“. И толку! Работата застана. Минаа три месеци(15. 0ктомври 2020г.), денес сме 09 ноември 2020г., а конечен извештај за изборите од мониторингот на ОБСЕ/ОДИХИР нема, па нема. и сега, ние повозрасните, кои малку повеќе памтиме, се прашуваме:

Зошто и после 3(три) месеци по спроведувањето на изборите, набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХИР не изготви, не достави и не обзнани конечен извештај за парламентарните избори 2020г.?

Што е? Незгоден момент е? Очекуваме “рамка за преговори“ и “датум за отпочнување на тие преговори“?

Дали можеби членовите на мисијата се уште се надгласуваат за формулациите околу оценките на изборите?

Можеби се двоумат дали да ја заборават формулацијата  “…правната стабилност на изборите и изборниот процес била поткопана со незаконски дејствија..“, и да констатираат дека изборите биле “целосно слободни“, “ненормално фер“ и “демократски“ на највисоко можно ниво?

Или пак се уште бараат “формулација за ублажување на формулацијата“ во врска со поткопаноста на правната стабилност на изборниот процес?

А богами можно е, само ако им проработат свеста и совеста, и да ги наведат сите незаконитости во изборните кампањи и изборниот процес(притисоци, закани, уцени, собраниски изборен инжињеринг – прекројување на изборни единици и донесување на Уредби со законска сила во “пет минути после 12 часот“, партиски поткупи со кеш и државна – владина – корупција, со национални картички) и изборите, изборните кампањи и изборниот процес на гласање и броење на резултатите, да ги прогласат за некредибилни. А тоа значи дека биле делумно слободни, формално демократски(а суштински не) и воопшто не фер.

Ало студио, ако сум го “преспал“ завршниот извештај на ОБСЕ/ОДИХИР, пуштајте сериозна – турбо-фолк –  музика до следните избори. А дотогаш? Ќе прераскажуваме вицови, кои старите Словени си ги кажувале додека си ги крпеле гаќите.

Сотир Костов