А дали СДСМ ќе си го смени името? Или Фондацијата Отворено Општество – Македонија?

Ова се две сосема легитимни прашања, кои заслужуваат одговор. Да претпоставиме за момент дека Грција ќе успее во своите намери и дека македонскиот премиер Зоран Заев ќе попушти пред нејзините барања. Повторувам, пред грчките барања – и некако ќе успее да го смени македонскиот Устав за да се воведе „новото име“ кое очигледно веќе го договорил со Грција – „Горна Македонија“ или „Горномакедонија“, зависи кого ќе прашате за договорот. Да претпоставиме да го сторат ова, и името да биде во употреба внатре во Македонија, во сите случаи, засекогаш. Што ќе значи тоа во пракса? Вашите пасоши и личните карти секако ќе бидат сменети со новото име. Но, што друго ќе треба да се смени? Ако дојде до оваа промена, дали и неговата партија, партијата на чие чело стои,Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) ќе си го смени своето име? Ви го претставуваме „Социјалдемократскиот Сојуз на Горна Македонија“ или „Социјалдемократскиот Сојуз на Горномакедонија“. А што со организацијата од граѓанското општество која толку многу вложи да го донесе на власт – Фондацијата Отворено ОПштество Македонија. Дали и таа ќе си го смени името? „Фондација Отворено Општество  Горна Македонија“ или „Фондација Отворено Општество Горномакедонија“.

За таа цел, дури и ако името остане непроменето, дали ќе добиеме нови интернет страници како www.sdsum.org.rum или www.sdsu.org.rgm, или пак www.fosum.rum и www.fosum.rgm, бидејќи Грција побарала, а македонската Влада прифатила да се смени и интернет кратенката? Најголемата иронија е во тоа што ако ја посетите страницата на оваа организација ќе прочитате дека, меѓу другото, „кога Џорџ Сорос ја именуваше Фондацијата Отворено Општество – Македонија во 1992 година, тој стана една од првите меѓународни фигури кои ја признаа новонезависната држава под нејзиното уставно име. Тој подоцна лично лобираше за меѓународно признавање и ја поддржуваше новата држава, како и нејзиното име“. Јас не ги сакам ставовите на Џорџ Сорос и не верувам во работите во кои тој верува, односно знам дека има погрешен став по безмалку секое прашање и ќе ја мине Вечноста одделен од Господ, но морам да му дадам заслужено признание – правилно постапи во оваа ситуација. Но, дали ќе го смени неговиот став кон името ако се смени името на државата?

Да одиме понатаму. Кој е тој што ќе и каже на Македонската Православна Црква, како и на македонските православни верници, дека во иднина треба да се нарекуваат Горна Македонска Православна Црква или Горномакедонска Православна Црква? Дали нивната интернет страница www.mpc.org.mk во иднина ќе биде www.umpc.org.rum или www.umpc.org.rgm? Што е со другите верски организации во Македонија?

Кој ќе им нареди на производителите на македонски производи, храна, пијалаци, буквално секој производ во Македонија, дека веќе не може да напишат „Произведено во Република Македонија“ на своите продукит? Што ќе им се случи ако сите од нив решат и во иднина да ја користат истата ознака? Што правиме со прехранбените производи кои се конзумираат во Македонија, односно не се наменети за извоз? Ќе мора ли и овие продукти да бидат означени со „новото име“?

Што е со спортските клубови? Културните здруженија за промовирање на музиката и уметноста? Хуманитарните организации? Дали и економските здруженија како Стопанската Комора на Македонија или Македонија 2025 ќе треба да се преименуваат? Дали ќе сакаат да ги сменат своите имиња? Дали ќе бидат принудени на тоа?

Што ќе се случи со политичките организации? Со ВМРО-ДПМНЕ? Дали нејзиното име во иднина ќе треба да биде „Внатрешна Горна Македонска Револуционерна Организација – Демократска Партија за Горно Македонско Национално Единство“, или „Внатрешна Горномакедонска Револуционерна Организација – Демократска Партија за Горномакедонско Национално Единство“? Што правиме со сите други политички партии?

Постојат безброј поединци, сопственици на интернет страници со кратенката .мк или со зборот „Македонија“ (на англиски и на македонски). Што ќе биде со образовните институции во Македонија? Со организациите на македонската дијаспора? Со стотиците, можеби илјадниците македонски цркви, културни групи, спортски здруженија и сите други видови на македонски граѓански организации низ светот? Дали Грците ќе бараат сите овие цркви, здруженија и групи да ги сменат своите имиња? (одговорот е да, Грците ќе ја водат оваа борба засекогаш). Секако, Грците нема да можат законски да ги натераат овие групи да ги сменат своите имиња – но ви гарантирам дека Грците ќе ги искористат сите оружја во нивниот арсенал, како и законот , да издејствуваат промени во секоја држава во светот.

Има многу универзитети низ светот на кои се изучува македонскиот јазик. Дали тие ќе мора да го сменат името на јазикот што го предаваат? Што е со сите книги отпечатени за Македонија, кои го содржат зборот „македонски“? Дали и тие ќе мора да бидат сменети? А мапите?

Ако не сите, многу Грци секако ќе продолжат да ви се обраќаат со „Скопјани“ или „Вардарци“, а Македонија ќе ја нарекуваат „Скопје“ или „Вардарска“, како и со разни други навреди. Ова нема да зивиси од исходот на преговорите. Зошто тогаш да не се држиме до името кое најголем дел од светот веќе го употребува за вашата земја и народ – Македонија и Македонци?

Дури и ако овој спор биде „решен“ според барањата на Грците и на меѓународната заедница, секој глупак што потоа ќе каже дека спорот е „решен“ ќе биде токму тоа – глупак. Спорот ќе продолжи и ќе трае засекогаш. Засекогаш. Македонците никогаш нема да се откажат од својот идентитет, а Грците ќе продолжат да бараат начини како да ви го негираат идентитетот. Тому затоа, како што напишав и минатата недела, некоја идна Влада – сигурно не сегашната Влада – ќе треба да се повлече од преговорите за името. Во овој момент, Владата на Македонија буквално се согласува дека името, јазикот, идентитетот, се што ја чини Македонија, е предмет на преговори. А вашето име, вашиот идентитет, историја, култура и јазик не смеат да бидат предмет на преговори. Со преговорите, македонската Влада практично рече дека сите овие особености, се што ја прави Македонија посебна и уникатна, сето тоа има цена. Не смее да биде така. Нема цена што може да се плати за вашето име и вашиот идентитет.

пишува за свест.мк: Џејсон Мико

________________________________________________________________________________________________________ Превземањето на содржините на СВЕСТ.мк е дозволено доколку се наведе изворот со линк од веб порталот или статијата која е превземена. Доколку тоа не е направено, секое неовластено објавување на содржина, видео или текст од веб порталот, ќе Ве чини 15.000 денари (петнаесет илјади денари) без пресметан ДДВ за секое едно објавување на содржина, видео или текст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *